Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Политички игри со Европрајд во Белград

government.ru, Mikhail Mishustin and Ana Brnabic (2021-12-10) 02, CC BY 4.0

Политички игри со Европрајд во Белград

Во длабоко поделена Србија – на националистичка, конзервативна и проруска и на проевропска, вистински демократска и прозападна – идеално се има вклопено и одржувањето на Европрајд парадата во Белград, откако овие два табора во сегашното српско општество се поделија и околу ова прашање.

Иако најавена и закажан уште пред три години, пред некој ден, српскиот претседател објави дека годинешниот Европрајд се откажува, поради – не до крај разјаснето образложение – дека тоа се прави поради сложеноста на ситуацијата во земјата.

„Ќе биде одложена, или откажана, како сакате речете. Парадата на поносот, или како тоа чудо воопшто се нарекува, закажана за септември, нема да се одржи“ – има речено Александар Вучиќ во саботата.

Откажувањето стана апел

Проевропската и демократска српска јавност на тоа реагираше со остра критика, замерајќи и на власта, затоа што постојано се „крсти на Уставот“ на земјата, а потоа го дисквалификува на тој начин што ќе рече дека „Уставот не е Светото писмо“. Па така излегува дека не е света работа ниту – со истиот тој документ – загарантираното право на слободно собирање.

Но, само два дена подоцна, техничкиот премиер Ана Брнабиќ, мандаторка за состав на новата српска влада, откажувањето што претходно грубо го објави шефот на државата, таа го претвори во – апел и молба до организаторите – да не ја одржат (сега) парадата.

„Тоа што ние им велиме (на организаторите и на најавените бројни учесници), немојте да шетате (низ Белград) е само молба. Навистина се работи само за апел на владата“ – има речено Брнабиќ во едно телевизиско интервју.

Никој, меѓутоа, не верува дека пресвртот околу Европрајд е направен на нејзин наговор. Ниту затоа што и таа самата е дел од српската геј заедница, туку дека повлекувањето од откажувањето и неговата замена со „молба и апел“ е изведено во договор со претседателот Вучиќ.

Дадени гаранции за одржување

Во меѓувреме нема формална забрана за Парадата на поносот, а наместо тоа организаторите самоуверено изјавуваат дека подготовките продолжуваат според планот, дека Европрајд во Белград, сепак, ќе има. Освен тоа, се тврди дека интересот за него – по изјавата на претседателот на Србија – е многу поголем. Прво, во самата српска јавност – како знак за протест против власта и газењето на правата на луѓето, а потоа и во странство, од каде се најавени масовни доаѓање за учество на белградското „шетање“.

Откако реагираше и ЕУ, а известувачот за напредокот на Србија кон Европа Владимир Билчик порача дека Србија “се има обврзано за Европрајд“, па дека затоа верува оти парадата ќе се одржи, во седиштето на владата во Белград се одржа и средба на организаторите со премиерката околу натамошните чекори и конечното решение.

Медиумите тврдат дека меѓу саботата и понеделникот, на адреса на Белград се испратени низа пораки за Европрајд, околу чие одржување се играат политикански игри, типични за денешна Србија, но и за регионот, што придонесува тој и натаму да биде таму каде е сега – на дното на европското општество.

Религиозни литии

„Владата на Србија уште пред неколку години се има обврзано дека нема да ги попречува парадите на Европрајд. Да се даде едно вакво јавно известување (како она на Вучиќ), на само неколку недели пред одржувањето, го покренува прашањето за способноста на Србија да ги исполнува своите обврски и она што им го ветила на своите меѓународни партнери“ – има речено Билчик.

Тој потсетува дека голем број луѓе кои се противат на Парадата, или пак ја подржуваат агресијата на Владимир Путин на Украина, слободно се собираат на белградските улици“. Според известувачот на ЕУ за Србија, изгледа дека на овие „шетачи“ никој, со ништо не ги попречува да „шетаат“ и да го уживаат правото на слободно собирање и протестирање, иако тие – во основа – вршат силен притисок врз власта да го забрани Европрајд, или да не воведе санкции за Русија, иако како земја – кандидат за ЕУ, тоа би требало да го направи.

„Ако државата може да ја гарантира безбедноста на учесниците на анти – Европрајд, или на било кој друг собир, убеден сум дека тоа може да го направи и со Парадата на поносот“ – рекол Билчик во својата изјава по најновите случувања во Белград, алудирајќи на претходната изјава на претседателот на државата дека откажувањето е направено од некакви, недефинирани, „безбедносни причини“.

Косово како изговор

Домашни и странски правни експерти го ставаат под прашање и толкувањето, што се појави во саботата, веднаш по изјавата на Вучиќ – дека „состојбата на Косово“ и околу него – што во државните медиуми се драматизира до предвоена ситуација – е основната причина за откажувањето на Парадата.

Косовската ситуација околу тоа која и каква лична карта ќе покажуваат косовските Срби при излегувањето и влегувањето во Косово – српска, или косовска – како и дали припадниците на српската етничка заедница ќе мора да ги заменат сегашните (српски) регистарски таблички на возилата, со нови – косовски – беше и се уште е во игра и покрај направениот компромис меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ и САД.

Проевропските медиуми во Белград велат дека тоа се прави намерно. За плашење на домашната јавност дека околу Косово се „надвиснува ситуација за нова (албанска) агресија врз тамошните Срби“ и потенцијално нова војна – и за внатрешни, српски, политички потреби. Во тие рамки, на тој начин, се става и отказот на Европрајд – всушност – за да им се удоволи на српските десничари, националисти и русофили.

„Спасување на Србија“

Тие, пак, на неколкупати се собираа на белградските улици, во специјално организирани верско – религиозни литии.

Се носат икони и се бара „спасување на Србија од злото“, како што се нарекува Парадата на поносот, се носат и слики на Путин и руски знамиња, но локалните медиуми откриваат дека на чело на литиите се припадници на ултрадесничарска група моторџии „Ноќни волци“.

За аналитичарите тоа е потврда дека зад литиите – како поттикнувач – стои руската воена разузнавачка служба ГРУ, која ровари низ Србија и низ регионот.

Организаторите на Парадата и натаму не губат надеж и му замераат на српскиот претседател за неговата – како што велат – самоволна одлука.

Според нив, изјавата од саботата „претставува доказ дека во Србија сите одлуки ги носи еден човек. Па дури да забрани и еден мирен собир, иако тоа може да го направи само министерството за внатрешни работи“. Но, последните вести од Белград, потврдуваат дека зборот на претседателот е конечен. Тој уште еднаш изјави дека нема да има Европрајд и дека забраната нема да се повлече.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе