Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Тепачка на пилотите во текот на летот на авионот

Blake Guidry/Unsplash

Тепачка на пилотите во текот на летот на авионот

Двајца пилоти на француската компанија „Ер Франс“ – капетанот и неговиот копилот – се степале во пилотската кабина, во текот на летот на авионот со кој управувале.

Тешкиот и за патниците и сите во леталото опасен инцидент, се случил во јуни годинава, за време додека авионот на оваа компанија бил на својот редовен лет од Женева до Париз.

За тепачката, меѓутоа, се разбра дури сега, откако француските медиуми открија дека истражните органи,  побарале од комисијата за безбедност во цивилниот сообраќај на Франција, заострување на мерките, врзани за протоколот за сигурност при летањето и за безбедноста на патниците.

Не се знае што е причина за инцидентот, но во соопштението на „Ер Франс“ се вели дека безбедноста на патниците не била доведена во прашање. Авионот го продолжил летот и безбедно слетал на аеродромот во Париз. Пилотите тепачи веднаш биле суспендирани и против нив е покрената истрага.

Посадата ги раздвојувала тепачите

Весниците пишуваат дека нервозата во пилотската кабина била присутна уште пред полетувањето во Женева, а пилотите почнале гласно да се расправаат веднаш откако авионот се дигнал во воздухот.

Бучната кавга се претворила во сериозна тепачка кога пилотот и копилотот почнале меѓу себе да се борат, а потоа, едниот со силна тупаница го удрил во лицето другиот.

Во кабината тогаш влетале членови од посадата кои некако успеале да ги разделат воинствените пилоти и да ги натераат да се вратат на работата – да управуваат со авионот кој во меѓувреме летал без нивната помош. Но, еден член од посадата морал да остане во пилотската кабина се до слетувањето – внимавајќи на нив – за да одново не се степаат.

Ова не е прв пат пилотите на „Ер Франс“ да заборават на своето однесување, како и на правилата што мора да ги почитуваат додека трае летот, за кои се вели дека се почесто како да ги забораваат – ризикувајќи да предизвикаат поголем инцидент од тепачка во пилотската кабина, што би можела да има катастрофални последици.

Пилоти контра безбедносниот протокол

Во декември 2020 година, пилотите на летот од Бразавил (во Конго) до францускиот главен град, не го почитувале протоколот во текот на летот. Тие го продолжиле летот, иако од едниот мотор истекувало гориво. Обврска била веднаш да алармираат и да побараат дозвола за слетување на првиот, најблизок аеродром. Се спуштиле многу подалеку, во Чад, без последици.

Воздухопловни експерти, меѓутоа, предупредуваат дека овие двајца пилоти, со својата неодговорна постапка ризикувале да експлодира моторот од каде истекувало гориво, што е исклучително тежок безбедносен престап.

Вакви ситуации, според медиумите кои откриваат детали за вкупната безбедност во авионскиот сообраќај, имало и меѓу 2017 и 2022 година, за кои се обвинуваат пилотите на авионите. За нив се вели дека тие се почесто, управувајќи ги авионите, реагираат во дадени ситуации врз основа на сопствениот впечаток, или дури врз основа на сопствената, на брзина, направена анализа.

Тоа го прават заобиколувајќи го безбедносниот протокол во текот на летањето – кој се обврзани да го почитуваат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе