Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Подводно истекува гас од „Северен поток 2“

Подводно истекува гас од „Северен поток 2“

Данските власти соопштија дека истекува гас од новиот подводен гасовод „Северен поток 2“ кој е изграден за да пренесува гас од Русија кон Европа и Германија, под Балтичко Море, но овој објект за кои Газпром има потрошено 11 милијарди евра – не работи.

Иако е комплетно завршен уште во септември минатата година, „Северен поток 2“ од германските енергетски власти нема добиено дозвола за пуштање во работа.

По признавањето на независноста на отцепените Луганск и Донецк за „независни држави“, од страна на Москва, а особено по руската инвазија врз Украина, ситуацијата со овој мега проект за кој силно се залагаше претходниот канцелар Ангела Меркел, максимално се исполитизира. Кога ЕУ почна да воведува санкции кон Русија, владата во Берлин и новиот канцелар Олаф Шолц целосно го суспендираа неговото пуштање во работа.

Закана за поморскиот сообраќај

Овој инцидент, меѓутоа, откри дека новоизградениот гасовод иако не служи за извоз на гас, сепак, бил наполнет и се наоѓа под притисок.

Според данскиот оператор задолжен за овој гасовод, истекувањето е откриено девет километри југоисточно од данскиот остров Борнхолм во Балтичко Море. Данците веднаш предупредија дека истекувањето гас под морското ниво може да претставува опасност за поморскиот сообраќај.

Истекувањето од подводните цевки било уочено во понеделникот (на 26 септември) рано утрината и за тоа данските власти веднаш ги известиле надлежните органи во Германија, но и во Шведска и Финска, како и властите на Русија. Компанијата која менаџира со овој гасовод, потврди дека е забележано „големо истекување “ гас во морето

Во првата реакција на Берлин се вели дека не се јасни причините за истекувањето гас во морето, но исто така се признава дека засега не се познати и сите податоци околу овој инцидент.

Во меѓувреме, „Северен поток 1“ кој не работи повеќе недели, според Газпром, темелно се сервисира, откако и кај него (претходно) било забележано истекување на гас. ЕУ, меѓутоа, не верува во ваквото задоцнето објаснување. Според Брисел, станува збор за руска уцена, поради војната во Украина.

Контроверзи во врска со гасоводот

„Северен поток 2“ е поставен под Балтичко Море, паралелно со трасата по која лежи и „Северен поток 1“, но „Двојката“ уште од почетокот беше означен како контроверзен проект, но и како опасен за безбедноста за ЕУ и за Европа. Најмногу затоа што уште повеќе ја засилува енерегетската зависност на Унијата, а пред се, на Германија, од рускиот гас.

Полска и Украина, уште во времето додека се градеше гасоводот, вршеа силен притисок врз Меркел – директно и преку ЕУ – да се откаже од договорот со Москва, за кој многу се залагаше руската страна. Администрацијата на Доналд Трамп отиде чекор понатаму, па навести воведување санкции за сите фирми кои се вклучени во изградбата и опремувањето на „Северен поток 2“.

Берлин и Меркел, меѓутоа, останаа на тоа дека вториот гасовод и е потребен на Германија, но и на Европа.

Поранешната германска влада објаснуваше дека гасоводот главно е наменет за источниот дел на Германија и дека тој треба да помогне за побрзиот развој на тој дел од земјата (некогашната, комунистичка ГДР). Откако Русите, за одмазда поради санкциите, го прекинаа дотокот и испораката на гас преку стариот „Северен поток 1“ ЕУ се најде во уште посложена ситуација, но се покажа дека предупредувањата оти на Москва не треба да и се верува – беа на место.

Трагање по алтернативни решенија

Тоа посебно се однесува за Германија која е силно зависна од рускиот гас, па во сегашната руска блокада на испораката на овој енергенс, Берлин настојува брзо да најде алтернативни извори за снабдување.

Еден таков избор е користењето на гас од Норвешка, чии капацитети (велат) се максимално користат за да го заменат рускиот гас. И, засега, се успева во тоа. Канцеларот Шолц, исто така, соопшти дека Германија постигнала согласност со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) за набавка на гас и нафта.

Инцидентот со истекување гас од гасоводот преку кој не се увезува гас, се случи на еден ден пред пуштањето во работа на новиот балтички гасовод, што ќе транспортира гас од Норвешка за Полска, преку Данска.

Не само Германија, туку и Италија и Австрија, но и Унгарија и Бугарија се зависни од рускиот гас, но факт е дека целата ЕУ, до санкциите и руските контра – мерки беше многу врзана за енергијата од Русија.

Годишно, за гас и за нафта целата Унија и плаќаше на Русија над 400 милијарди евра.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе