Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Барање за прекин на преговорите со Србија

Барање за прекин на преговорите со Србија

Пратеничката група на социјал – демократите и на социјалистите, втора по големина во Европскиот Парламент, побара од Европската комисија во Брисел да ги прекине преговорите за влез на Србија во ЕУ.

Според нивното соопштение, Унијата не може да продолжи да преговара, доколку властите во Белград не се ускладат со европските (и западните) санкции против Русија, воведени поради инвазијата врз Украина.

Известувачот за новата стратегија за проширување на ЕУ, европратеникот Тонино Пицула има изјавено дека најновата српска постапка – потпишувањето документи со Москва – е мошне разочарувачко, затоа што доаѓа од земја која, инаку, постојано тврди дека сака да се приклучи кон ЕУ.

Поводот за ваквото барање и острите реакции од Брисел е решението на српскиот државен врв, токму сега, во екот на разгорената војна во Украина, Белград и Москва да потпишат „План за консултации меѓу двете земји“, за следните две години. Потпишан во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, каде главна тема е руската агресија, војната на Истокот од Европа и глобалната криза што ја предизвика руската инвазија.

Осуда и критики во ЕУ

Ваквата постапка на српскиот шеф на дипломатијата и потпишувањето на документот со рускиот воинствен министер С.Лавров, театрално, пред ТВ камери, предизвика осуда на ЕУ, како на Западот, така и на Истокот од Унијата.

Се смета дека станува збор за – провокација – од страна на Србија, затоа што воопшто потпишува документ, каков и да е тој, со Русија среде војна и окупација на делови од украинската државна територија, како и најавена анексија на територијата на една странска земја, членка на ОН и кандидат за влзе во ЕУ.

Особено, што доаѓа после упорното одбивање на Белград да воведе санкции за Москва и (конечно) да почне да ја ускладува својата надворешна политика – со европската.

Известувачот на Европскиот Парламент за Косово, Виола фон Крамон, затоа, смета дека потпишувањето на документот со Русија е “сигнал дека е време за замрзнување на преговорите со Србија“, бидејќи Белград се договара со Москва, како во Украина ништо да не се случува.

“Во Белград како да забораваат дека патот за влез во ЕУ не оди преку Москва“ – има речено Фон Крамон.

Белград: Непотребна провокација

Остри критики има и во српската политичка јавност, во онаа која е проевропски определена и која се бори за европска Србија.

Се тврди дека „планот за консултации со руското МИД“ без разлика што во него нема назнаки за консултации околу глобалните и европските состојби, како и за решавањето на косовското прашање, претставува директно провоцирање на Брисел и на Западот.Уште повеќе што документот е потпишан еден ден по говорот на српскиот претседател во ОН, во кој (одново) е прекоруван Западот, во врска со Косово, за наводната, непринципиелност, кога станува збор за сегашното квалификување на состојбата во Украина.

Во Белград се стравува дека таквото „јуначење на власта“ и терање инает во балкански стил, може да и наштетат на вкупната позиција на Србија, да го забават патот кон ЕУ и да наштетат на решавањето на прашањето за Косово.

Оценка е дека станува збор за тежок политички гаф на српското МНР (доколку е навистина гаф) – да се прави договор со земја агресор, која уште се заканува со нуклеарно оружје.

„Не е време за спогодување со Москва”

Според известувачот за Србија, Владимир Билчик, несфатлива е ваквата српска постапка. „Па, зарем во Белград не гледаат дека Москва се мобилизира за проширување на агресијата и војната во Украина, како и дека Русија го напаѓа самиот процес за проширување на ЕУ (не само на Истокот, туку и на други локации). Зарем во Србија не се гледа дека не е време за било какво спогодување со Москва“ – рекол Билчик.

Белградските провладини медиуми, главно, молчат за целата оваа ситуација, како и за заканата да се блокира патот на Србија кон ЕУ. Проруската и антизападна опозиција, пак, нормално, не ја суди постапката на министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, затоа што тие и онака се против ЕУ и влегувањето во Унијата.

Селаковиќ, пак, во Белград да се оправдува за она што го има направено. За него, нема ништо страшно во потпишаните документи, за кој има речено дека е од „техничка природа“. Притоа, како да не гледа дека ЕУ/Европа го критикува самиот чин на потпишување документ со Русија, за консултации со Москва, во време кога веќе никој тоа не го прави.

Српскиот министер за да ја смири европската јавност, затоа, побрза да соопшти дека Србија нема да ги признае илегалните референдуми во украинските области Луганск, Донецк, Запорожје и Хершон.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе