Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нападот врз „Северен поток“ е далечински активиран

Нападот врз „Северен поток“ е далечински активиран

Британски безбедносни експерти тврдат дека истакувањeто на гас во Балтичко Море е резултат на порано смислен напад, за што се користени  експлозивни средства кои  далечински се активирани.

Станува збор за саботажа за која се сомничи Русија. Таа била испланирана и изведена со цел да му се наштети на европскиот систем за снабдување со гас, а е покрената  со детонација за што би можело да се користи секаква мина и секое експлозивно средство , поставени на морското дно . Експертите веруваат дека тоа може да се изведе во една долга низа, со помош на брод, или со помош на подморски дрон,  кој се има сосема приближено до подморскиот гасовод.

Се верува дека станува збор за операција со која експлозивот можеби  бил поставен со месеци порано, или дури и со години, а сега бил само активиран. Но, енергетски експерти предупредуваат дека иако засега не се знае степенот на оштетувањето, може да се случи гасоводот да биде трајно онеспособен.

Оштетени двата гасоводи

Извори на кои се повикува лондонската ТВ станица Скај, ја отфрлаат можноста во експлозијата да била вклучена некоја руска подморница, односно со нејзина помош да била поставена експлозивната направа, затоа што Балтичкото море не е доволно длабоко за изведување на една ваква операција, без притоа да не биде забележана.

Експлозијата се случи во понеделникот и со саботажата се опфатени и двата гасоводи „Северен Поток“ . Во моментот на експлозијата гасоводите не биле во функција, односно не транспортирале гас .

Новиот гасовод „Северен Поток 2“ воопшто не почна да работи и да носи гас за Европа, а „Северен Поток 1“ руската страна го затвори- наводно- поради сервисирање, а всушност за да се казни ЕУ поради санкциите, помошта што и ја дава на Украина по руската инвазија и  поради одлуката за целосно  ослободување  од руската енергетска зависност.

Но,  во моментот на експлозијата и едниот и другиот подводен гасовод биле полни со гас.

Москва се брани- напаѓајќи

Тоа предизвика на морската површина да се појават бранување на водата, исполнета со помали и поголми меурчиња и пена , на простор широк еден километар. Данските поморски власти изјавуваат дека тоа ќе трае барем една недела, се додека не истече целиот гас што бил во гасоводните цевки.

Полска и Украина, веднаш, ја обвинија Русија за саботажа и за намерно оштетување на гасоводите. ЕУ, САД и НАТО, од своја страна, се уверени дека оштетувањето е намерно направено. Односно, дека  не станува збор за техничка грашка, или за несреќен случај, сепак, засега, директно не ја обвинуваат Москва.

Русија, меѓутоа, не само што ги отфрла обвинувањата дека таа стои зад саботажата, нарекувајќи ги прозивките како  „глупави и апсурдни“ , туку за инцидентот ги обвини Америка и претседателот Џо Бајден.

Западни дипломати, меѓутоа,  на ваквата реакција од Москва имаат речено дека веќе им  доста од руското врескање и контра обвинување, кога веќе е јасно дека Русија ја користи енергијата како оружје во војната против ЕУ и Западот во целина .

Нова димензија на војната

Тоа се прави поради наметнати остри санкции и затоа што силно се помагаат Украина и нејзината борба против странскиот агресор кој ја анектира окупираната украинска територија.

Во секој случај, саботажата на „Северен Поток“ претставува нова димензија за војната што ја покрена и ја води Русија и таа има за цел да им се наштети на европските влади и на ЕУ во целина, откако Европејците веќе се гневни поради високите цени на гасот и на целата енергија.

Секоја потврда дека Москва , навистина, стои зад оштетувањето на гасоводот ќе значи ескалација на започнатата хибридна форма на војување- сметаат европски политички и безбедносни аналитичари.

Во меѓувреме, во потрага по виновникот за саботажата, се вклучија армиските сили, енергетските агенции и полицијата на Германија, Данска и Шведска.

Страв за подморската инфраструктура

Шведското обвинителство вече прибира податоци за покренување постапка, додека данските власти сметаат дека ќе треба една до две недели , пред да може да се добијат прецизни сознанија во врска со оштетувањето.

Саботажата, од друга страна, го покрена прашањето за безбедноста и сигурноста на целата подводна инфраструктура.

НАТО најави посебни мерки за заштита на бројните подводни кабли и гасоводите. Британија , од своја страна, објави дека нејзини бродови, авиони и подморници веќе патролираат во британскиот морски сектор. Норвешка, пак,  која сега стана главниот европски снабдувач со гас- ја покрена својата морнарица за да ја надгледува и контролира безбедноста на  гасоводите.

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе