Околу милион Руси побегнаа од Русија
Околу еден милион Руси ја имаат напуштено Русија, бегајќи од заканата да бидат мобилизирани и испратени на фронтот во Украина- тврдат светски медиуми повикувајќи се на извори кои се блиски до Кремљ и до рудката администрација.
Изворите на ваквата информација признаваат дека точната бројка е тешко да се утврди, но направените анализи за масовното бегство на потенцијалните регрути, по прогласувањето на мобилизацијата на 300 илјади лица, велат, е сосема блиску до бројот од еден милион.
Веднаш по објавата за мобилизација, за да се пополнат празнините во руската окупаторска војска на украинска територија, како и настојувањето армиските сили да имаат во своите редови и воено искусни војници, дојде панично заминување што подалеку од земјата.
Во Грузија и Казахстан
Русите тргнаа во масовно заминување од Русија, најчесто без никаков багаж. Во првиот бран, како дестинации за бегство беа користени Турција и Србија, каде на Русите не им се потребни визи, како и Обединетите Арапски Емирати- земји до каде од Москва се уште има директни летови.
Тоа предизвика енирмно зголемување на цената на авио-билетите до над три илјади долари, но откако стана јасно дека сите не можат, а и немаат можниост да одат толку далеку, бегалците од Русија се свртеа кон двете поранешни советски републики Грузија и Казахстан- до кои можат да патуваат со автомобили.
Тоа веднаш создаде хаотична ситуација на руско-грузиската граница , посебно на преминот Горен Ларс каде руските бегалци мораа да чекаат и по неколку денови за да влезат на грузиска територија.
Слична ситуација се создаде и на границата кон Казахстан, земја сојузник со путинова Русија, која се повеќе се дистанцира од Москва, посебно по инвазијата и агресијата извршена врз Украина. Казахстанското министерство за внатрешни работи соопшти дека од 21 септември, до сега, во оваа земја влегле над 200 илјади руски граѓани.
Бегство од мобилизацијата и војната
Претходно грузиските власти објавија дека во првата недела по прогласената мобилизација, во оваа земја влегле над 55 илјади Руси, а дека потоа, проценка е дека неделно влегувале по над десет илјади државјани на Русија- речиси сите на возраст за мобилизирање во руската армија.
При паничното напуштање на државата , над 60 илјади лица имаат влезено и на територијата на ЕУ, во Финска, откако Балтичките земји и Полска ги затворија своите граници за руски бегалци од служењето војска.
Бројката за напливот на финска територија ја има потврдено и руската амбасада во Хелсинки, иако сите овие извори ја оставаат можноста бројот на бегалците кои не сакаат да заминат на фронт и да војуваат против Украина, дека секаде е повисок.
Конечно, руската државна статистика, во почетокот на минатиот месец, пред да се прогласи „делумна мобилизација“ , објави дека околу половина милион Руси ја имаат напуштено својата земја од почетокот на 2022 година, како и тоа дека оваа бројка е за 50 отсто повисока во споредба со минатата година.
Удар врз Кремљ и Путин
Мссовното бегство од можноста за мобилизирање на дел од машката популација, во Москва се оценува како силен удар против Кремљ и посебно против Владимир Путин и неговата непотребна војна против соседната држава која скапо ја чини руската страна, како во бројот на жртвите, така и во нејзиниот престиж и углед во светот.
Русија се претвори во држава која води војна за освојување туѓа територија.
Тоа предизвика властите брзо да се определат за некои измени во спроведувањето на мобилзацската постапка, откако на почетокот први беа мобилизирани оние кои демонстрираа против војната и новинарите од опозициските медиуми. Подоцна, за да се запре одливот на луѓе, армијата постави свои регрутни центри на граничните премини кон Грзуја и Казахстан.
Не се знае колку овој потег го има запрено бегството, но се вели дека ситуацијата сега е посмирена, а министерството за одбрана во Москва тврди дека досега „успешно се мобилизирани “ 200 илјади лица.
По двонеделна обука и подготовка , тие се испраќаат на украинскиот фронт- како што се вели- за одбрана на „руските територии“, чија илегална окупација, па потоа и анексија е и формално потврдена, со указ на рускиот претседател.
(М.Р,)