Италија за прв пат со жена премиер
Џорџа Мелони, лидер на крајно-десничарската партија Италијански браќа, стана првата жена- премиер на Италија, откако претседателот Серџо Матарела и го довери мандатот за состав на новата италијанска влада.
За довербата на владата ќе се изјаснуваат двата дома на Парламентот во Рим, во текот на идната недела , но се смета дека тоа ќе помине без проблеми за новиот владин кабинет , бидејќи новата десничарска коалиција има сигурно мнозинство. Претходно, Мелони разговараше со двајцата коалициски партнери- крајно десничарската Лига на Матео Салвини и десно-центристичката Форца Италија на 86 годишниот лидер Силвио Берлускони, поранешен премиер на Италија.
Влада на тројна коалиција
Во кусото обраќање, 45 годишната премиерка има речено дека постојат итни проблеми за решавање, како во Италија, така и на меѓународната сцена , врзано за растечките цени на енергијата, што ги погодува подеднакво и домаќинствата и компаниите и бизнисот, како и за руската агресија и војната во Украина .
На изборите кои се одржаа пред еден месец, најмногу гласови освои токму партијата Италијански браќа на Мелони.
За неа гласаа 26 отсто од италијанските гласачи, најмногу потикнати од ксенофобичните ветувања и ветувањата за помош на малиот бизнис и на младите семејства. Тоа претставува силен скок напред , затоа што на претходните избори во 2018 година, партијата на Мелони доби едвај четири отсто од гласовите.
За разлика од неа, Салвини и неговата Лига доживеаја целосен неуспех, освојувајќи помаку од девет отсто, што е дсалеку под високиот рејтинг од над 30 отсто што го имаа пред нешто повеќе од две години.
Берлускони и десно-центристичката Форца Италија, пак, останаа со околу осум отсто, што е малку со оглед дека оваа партија и нејзиниот „вечен“ лидер, кој три пати по ред управуваа со Италија. Сепак, и тоа беше доволно Мелони да ги прифати остарениот политичар и милијардер за помлад партнер во владината коалиција, а тоа значи и во власта, што за Берлускони изгледа е најважно.
Кревок десничарски блок
Вака составениот десен политички блок настојува да се промовира во јавноста – и дома и во Европа- како стабилна коалиција.
Аналитичарите во Рим, меѓутоа, проценуваат дека блокот партии, составен од една , доскоро , профашистичка партија ( на Мелони), една крајно-десничарска и евроскпетична (на Салвини) , како и берлускониевата десница, делува кревко и може брзо да донесе нестабилност.
Особено доколку војната на путинова Русија против Украина и Украинците се одолжи. Не само поради продолжување на економската и енергетската криза , туку и поради различниот однос што трите парти го имаат кон рускиот претседател , кон Русија и кон агресијата врз Украина.
Мелони уште по изборите се изјасни дека и со неа како премиер, Италија останува со ЕУ и НАТО и со западните сојузници со остра осуда на руската инвазија , помагајќи ја Украина во војната и во борбата да му се спротивстави на агресорот.
Но, Салвини и Берлускони, со години на ред, се пријатели со Путин. Лидерот на Лига, пропагирајќи низ Италија за вонредни избори во летото 2019 година, се шеташе во маици со ликот на рускиот лидер, од кого ( како што се разбра) неговата антиевропска партија има примено пари за своите политички кампањи.
„Мојот пријател Путин“
Берлускони, освен што сега – во време на ембаргото на ЕУ, од Путин има примено 20 шишиња руска вотка, како подарок, пред неколку години беше почестен рускиот претседател да го посети во неговиот дом додека Берлускони беше во домашен притвор- за корупција- при што му подари пиџами од свила.
Токму Берлускони предизвика бура во Италија , уште пред промоцијата на новата коалициона влада и на Мелони како премиер, со тајно снименото обраќање пред водството на партијата, во која зборува за Путин, за Украина и за Володмир Зеленски.
Зборувајќи со партиските колеги во доверба и барајќи од нив сето тоа да остане тајна, партнерот на Мелони во новата влада се расприкажал за неговите добри и пријателски односи со рускиот претседател, дури и сега кога војува на туѓа територија, но и за тоа-што навистина е причина за војната- обвинувајќи го Зеленски .
Наводната „вина“ на Зеленски, според остарениот Берлускони била дека украинскиот претседател „го провоцирал Путин за да Русинот изврши инвазија“. А, провокацијата била – постојаното напаѓање врз проруските сепаратисти, оние кои со воена и економска помош од Москва, покренаа вооружен бунт, а потоа се отцепија од територијата на Украина- европска суверена и независна држава.
Берлускони му суди на Зеленски
Некој од присутните, меѓутоа, не го послушал лидерот на Форца Италија и ги снимил неговите зборови и неговата елаборација за првата војна во Европа , после 1945 година, кои се недолични за еден бивш италијански премиер. Тие само ја покажуваат неговата голема лојалност на Италијанецот кон рускиот автократ, но ја откриваат и неговата политичка неукост.
Повторувајќи ги, практично, путиновите толкувања, тој на своите сопартијци уште им рекол дека – „сепаратистите го молеле Путин да ги спасува, а дека специјалната воена операција била замислена- не да се претвори во војна. Требало само за да послужи за тргање од власт Зеленски за да во Киев се постави нова влада- предводена од чесни луѓе“.
Конечно, Берлускони се има пожалено, дека не гледа никого на Западот кој знае и умее да ја заврши војната, како што не гледа и никого кој вреди нешто во западниот свет- освен тој самиот“, фалејќи се притоа дека е еден од петмината најдобри пријатели на Путин во светот.
На ваквата елаборација на поранешниот премиер, познат по бројните афери и скандали врзани за корупција и за давање поткуп, за злоупотреба на службената должност и за тајните забави со малолетнички- познати како бунга-бунга – за што беше и суден и осудуван, прво реагираше сегашната италијанска опозиција.
Опозицијата кај Матарела
Италијанските демократи дури се сретнаа и со претседателот Матарела, предупредувајќи како зборува и делува човек кој ја одржува новата коалиција- кој со ваквите изјави ја поткопува позицијата на државата во Европа и во меѓународната јавност.
Брзо реагираше и раководството на Форца Италија, практично, оградувајќи се од својот лидер по сите прашања за кои тој зборувал – во доверба – што е сосема спротивно од официјалната позиција на Италија во ЕУ и НАТО и сосема спротивно од позицијата што веќе ја изнесе новата премиерка.
Самиот Берлускони, во својот познат стил, кусо има речено дека неговите зборови биле „погрешно интерпретирани“ , а Мелони не се огласи со свој коментар. Остана изјавата дадена по изборната победа дека таа раководи со владата, а не нејзините коалициски партнери. Но, инцидентот со Берлускони само ги потврдува стравувањата дека Италија и после овие избори тешко ќе се снаоѓа во одржувањето на својата внатрешна политичка стабилност.
(Р.И.)