Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Пропагандистите на Кремљ против српскиот претседател

Пропагандистите на Кремљ против српскиот претседател

Истакнати руски новинари кои важат за сосема блиски до Кремљ и до службената пропаганда, посебно во врска со агресијата врз Украина и сегашната војна против соседната држава, остро се нафрлија со критики  врз претседателот на Србија Александар Вучиќ, по последното гласање во Обединетите Нации.

Српскиот претседател се дисквалификува како политички лидер и на досега незабележан, груб начин се дискредитира пред руската, но и пред српската јавност .

Новинарите кои и руските опозиционери ги означуваат како пропагандисти на власта, го нарекуваат Вучиќ  „марионета“ или дури и  „политичка проститутка“, затоа што (според нив) ја има измамено Москва, бидејќи – „досега се колнеше дека нема да и воведе санкции на Русија“.

Неповолен извештај од Брисел

Ваквата реакција доаѓа откако во Генералното собрание на ОН , Србија гласаше за осуда на Русија поради анексијата на четирите украински области- Луганск, Донецк, Запорожје и Хершон. На тој начин. Вучиќ кој настојува да продолжи да седи на „две столчиња“ и политички да балансира меѓу Западот и Истокот, доби налутени прекори и остри критики од братска Русија.

Тоа се случи само еден ден по обелоденувањето на крајно неповолниот извештај на Брисел за напредокот на Србија на европскиот пат и во преговорите за членство во ЕУ и по заканата од ЕУ.

Станува збор за предупредувањето  дека доколку Белград не воведе санкции кон Русија за инвазијата врз Украина и не ја усклади својата надворешна политика со онаа на ЕУ- што инаку е обврска на секоја земја кандидат за членство- може да се соочи со запирање на преговарачкиот процес и со блокада на средствата предвидена во време на пристапниот процес.

Факт е дека Србија и посебно Вучиќ се под силен притисок и од Брисел, па после ваквиот извештај на Европската комисија  и грубите реакции од Москва, српскиот претседател самиот се доведе во крајно деликатна позција.

„Москва има подготвено замена“

Српската јавност, токму поради честиот антиевропски наратив на власта во Белград и настојувањето за одржување на некаква „неутралност“ во услови на новосоздадената поделба во Европа што преку војната во Украина ја создава Владимир Путин, мнозинството од српските граѓани е против членството на земјата во ЕУ.

Речиси половината од нив смета дека ЕУ не и треба на Србија, а само 35 отсто од анкетираните се за влез во Унијата.

Сето ова доаѓа во време кога, според некои аналитичари, Москва веќе го има предупредено српскиот претседател  – директно во лице- дека Русија веќе „има замена за него“!

Тоа покажува декз за прв пат, Кремљ е лут на Александар Вучиќ , па затоа и не чуди што руската медиумска , коментаторска ѕвезда Владимир Соловјев има речено дека Русија е измамена од српскиот претседател. Притоа, како илустрација на изјавата е ставена фотографијата како Вучиќ понизно седи на стол во Белата куќа во Вашингтон, пред претходниот американски претседател Доналд Трамп.

Во очекување санкции и од Србија

Соловјев важи за еден од најгласните потикнувачи на војната во Украина , но прокремљовскиот воен аналитичар Јуриј Котенок оди чекор понатаму . Поради гласањето на Србија со осуда на Русија за анексијата, овој коментатор го означува Вучиќ како „марионета кој постојано се колнеше дека нема да воведе санкции за Москва“ и при тоа го означува српскиот претседател како политичка „проститутка“.

Забележливо е во целата оваа офанзива на осуда на Русија кон претседателот на Србија дека се зборува за воведување санкции од страна на  Белград.

За тоа – како сигурна работа – има на два пати пишувано московскиот весник „Комерсант“, а за тоа зборуваше и рускиот заменик министер за надворешни работи по неочекуваниот престој во Белград. „Ние во Русија ќе бидеме длабоко разочарани ако Србија , сепак, ни воведе санкции“ – има речено овој руски дипломат.

Од официјален Белград, засега, нема такви навестувања, но српскиот претседател, изминатите денови, во една прилика има изјавено дека ако е потребно – „ да се спасува Србија, тој би можел и да се повлече од функцијата“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе