Британија: Трет премиер во седум недели
Поранешниот министер за финансии Риши Сунак (42) е новиот британски премиер, откако мнозинствито пратеници од владеачката Конзервативна партија, по забрзана постапка, го избраа за лидер на ториевците. Според уставните одредби , мнозинството кое го имаат конзервативците во Парламентот им овозможува смена на премиерската позиција- без вонредни парламентарни избори.
Во таквата ситуација, Сунак е трет лидер и премиер на Обединетото кралство во само седум недели- по изнудените оставки на Џонсон и Трас. Но, во британската политичка историја ќе остане запаметен како првиот небелец, Азиец и етнички Индиец кој влегува во Даунинг стрит 10 , за да управува со земјата.
Затоа неговиот избор е еуфорично поздравен , во индиската заедница во Британија, како и во Индија, земјата од каде потекнува – означувајќи го како историски момент и за Британија и за целата индиска етничка и верска заедница. Најчесто се истакнува тоа дека британската влада ќе ја предводи еден Индиец, како финански експерт и како политичар -Ториевец, само 75 години после повлекувањето на Британците од Индија и од индискиот потконтинет, што го имаа под своја контрола – како колонија.
Контроверзниот мини-буџет
На премиерската функција Сунак доаѓа во моменти на голема политичка, економска и финансиска криза во Британија и по оставката на неговата претходничка Лиз Трас која на функцијата остана само шест недели.
Таа зад себе остави економски турбулентна ситуација, која најмногу се врзува за контроверзниот т.н. мини-буџет.
Станува збор за мерки за излез од кризата, што го понудија нејзинот министер за финансии Кватеринг и таа како премиерка, иако Трас не е виновна за долгата нестабилност на британската економија пред, а особено по корона пандемијата, на која владата на Борис Џонсон , практично, не реагираше. Барем не со разни социјални мерки, како што тоа го направија и го прават ЕУ и земјите членки, како и сите другите во Европа, за населението и за делови од бизнисот.
Мини-буџетот не почна да функционира, но веднаш предизвика бранување на берзата, нервозна реакција на финансискиот сектор и на инвеститорите, што предизвика пад на вредноста на британската фунта – до изедначување со американскиот долар – до поскапување на британскиот надворешен долг и до зголемување на ануитетите.
Санација и стабилизација
Откажувањето на Трас и на владата од планот на Кватеринг, кој беше натеран на оставка , ја врати вредноста на фунтата . Но, сега останува да се санира вкупната, подлабока економска и финансиска криза , развлекувана со месеци и години – и во времето кога министер за финансии беше Сунак ( од 2020).
Нему сега му се замера што му беше лојален на Џонсон и на неговата ториевска-филозофја за кризни ситуации, наместо да реагирано како министер- за запирање на инфлацијата, падот на потрошувачката и растот на јавниот долг.
Сојузниците на Сунак и подржувачите во неговата кампања да биде избран за премиер , меѓутоа, се уверени дека тој е човекот кој може да ја извлече Британија од кризата, иако се признава дека тоа нема да биде ни малку лесно. Самиот , во првата изјава по изборот порача дека сега на земјата и се потребни стабилност, стабилизација и единство.
„Голема привилегија за мене е изборот за лидер на партијата на која сум и целосно посветен. Ова е најголемета привилегија која му е дадено досега во животот и ова е можност барем делумно да и се заблагодарам на земјата ( Британија) на која толку многу и должам. Британија е прекрасна земја, но сега се соочуваме со големи економски предизвици кои треба да се надминат“- има речено новиот лидер на британските Ториевци и нов британски премиер Риши Сунак.
Недоверба кај конзервативните гласачи
Во британскиот Парламент е од 2015 година, избран од редовите на малцинските етнички заедници во Обединетото кралство. Сега е и најмладиот премиер, во последните над 200 години.
За лидер на Ториевците е избран откако , претходно, на партиските избори, по соборувањето на Борис Џонсон, што завршија на 3 септември, беше уверливо поразен од Лиз Трас.
Меѓу другото и затоа што конзервативните гласачи го обвинуваат за нелојалност и за предавство кон лидерот на партијата кој го има внесено во владата, кога застана зад групата која бараше оставка од Џонсон. Други, пак, му замераат за тоа дека молчи за својата вина околу журките во времето на карантинот за корона вирусот, затоа што покрај премиерот на нив бил присутен и Сунак.
Така или не, сега се соочува со најголемиот предизвик во животот и во кариерата- да работи на извлекувањето на земја, каква е Британија, од тешката криза во која се наоѓа.
Финансиерите предизвикаа паника
Пред се, со крупни скратувања во јавната потрошувачка , потоа болно соочување со инфлацијата и со забрзаниот раст на животните трошоци, какви Британија од подамна неги памети , како и со многуте најавени штрајкови , поради отсуството на социјалните мерки за заштита на стандардот на обичните луѓе.
Подежувачите на Сунак и оние кои за сите состојби во економијата ја обвинуваат само Лиз Трас тврдат дека новиот премиер ќе може да го врати кредибилитетот на Британија што го нарушија инвеститорите кои по појавувањето на „мини-буџетот“ создадоа паника на финансискиот пазар.
Не чекајќи било што да се покрене од новите мерки, тие почнаа да ги продаваат британските државни обврзници, исплашени од планот на Трас – драстилно да ги намали даноците, за да се олесни состојбата на бизнисот , но и на луѓето.
Инвеститорите , меѓутоа, се исплашија од мерките, затоа што во нив ( како што велат финансиски експерти) не било јасно прецизирано како ќе се пополнува празнината со намалените даноци.
Најбогат парламентарец
Останува да се види како во оваа ситуација ќе се снаоѓа Сунак. Како на Трас и нему нема да му биде лесно, посебно во услови на неединствена партија. Тој и сега ја има подршката само на една третина од пратениците, па не случајно апелира за единство во ториевските редови.
Опозицијата,пак, не му верува , инсистирајќи дека тој е „човек на богатата елита“ за која велат дека никогаш во Британија немала разбирање за обичните Британци.
Риши Сунак е роден 1980 година во Саутхемптон, на југот од Англија и Британија, во семејство на индиски доселеници од Пенџаб.
Има елитно образование во Оксфорд, специјализирано за економија и политика, на факултетот што го имаат завршено и двајца други, поранешни ториевски премиери – Дејвид Камерон и Лиз Трас. Оженет е за ќерката на еден од десетмината најбогати милијардери во Индија, која и самата има удел во богатството на таткото. Сопругата и тој самиот имаат разгрането низа приватни бизниси, што може да доведе до судар на интереси. Тоа го прави Сунак да биде најбогат во британскиот Парламент.
(Д.Л.)