Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Министер за сите влади

Министер за сите влади

Безмалку седум месеци по одржаните парламентарни избори, на почетокот од април,  Србија има нова влада.

Премиер и понатаму е Ана Брнабиќ, а владата вкупно има 28 министри, од кои тројца се без портфељ. Повеќето од нив се нови на своите функции, а во владата, за чие компонирање не беше надлежна мандатарката (Брнабиќ), туку претседателот на државата кој и го соопшти новиот владин состав,  како повратник се најде лидерот на Српската социјалистичка партија (СПС)  Ивица Дачиќ. Тој досега беше претседател на српскиот Парламент.

Неговото именување , од повеќе причини – во српската, но и во европската јавност – предизвика и најмногу внимание и најмногу коментари.

Три функции во владата

Во домашната политичка јавност, до скоро се нагаѓаше дали тој и неговите социјалисти, воопшто, ќе коалицираат со  партијата СНС на претседателот на државата Александар Вучиќ, или ќе мораат после долги години учество во власта, да се сместат во опозициските редови, иако на изборите социјалистите се пласираа  втори. Освен тоа, долго се лицитираше и каде би се сместил Дачиќ  , доколку СНС и неговата неговите социјалисти, сепак, се спогодат за уште едно коалицирање.

На крајот излезе дека тој не само што е одново во владата, туку доби и три ресори- како никој друг во новиот владин состав. Тој министер за надворешни работи, потпретседател на владата и координатор на безбедносните служби, што за белградските аналитичари е (можеби) и најмоќната функција.

На тој начин, се покажа дека Дачиќ останува важен играч во веќе оформениот двоец со Вучиќ, колку и нивните партии идеолошки да се разликуваат, но и дека е незаменлив  партнер во власта во сите влади во пост-милошеќивскиот период. Од октомври 2000 година и насилното соборување на режимот на Милошевиќ, социјалистот Дачиќ – освен еднаш- е како  министер за сите влади.

Координатор на тајните служби

За него се вели дека како истакнат и лојален млад  функционер во партијата на тогашниот „српски вожд“ , лесно го преживеа  падот на режимот , по што почна да „плива“ меѓу српските демократи и десницата, секогаш близок до националниот блок , или директно учествувајќи во него.

Беше министер за внатрешни работи, долги години шеф на српската дипломатија, па Спикер на Парламентот, за да одново стане министер за надворешни работи.

Како раководител на Бирото за координација на работата на сите три тајни служби на Србија- Безбедносно-информативната агенција (БИА) , Воено безбедносната агенција и Воено-разузнавачката тајна служба – Дачиќ ќе ја координира нивната активност.

Во Белград, меѓутоа, се мисли дека надгледувањето на безбедносниот сектор и посебно на разузнавачките служби, сепак, нема да ја засили неговата моќ на српската политичка сцена, наспроти српскиот претседател. Тој и натаму ќе остане во сенката на Александар Вучиќ.

Против санкции за Москва

Меѓутоа, она што во Европа се посочува и за што најмногу зборуваат западните аналитичари, тоа е верувањето дека поставањето на Дачиќ ( одново) да ја предводи дипломатијата може само да ја одржува и да ја засили руската врска во врвот на српската политика.

Уште повеќе што нему блискиот идеолошки и според происточната (руска) ориентација Александар Вулин од министер за полиција ( најверојатно) ќе се пресели во разузнавачкиот сектор, како шеф на БИА.

На политички план Дачиќ и неговата СПС , формално, се за Србија во ЕУ, но нивната определба е да не се брза со српското членство во Унијата, посебно доколку тоа се врзува за Косово и неговото признавање како посебна, независна држава.

Исто така, лидерот на српските социјалисти не смета дека треба да се брза и со услогласувањето на српската надворешна политика со онаа на Европа. Особено кога станува збор за воведувањето санкции за Русија, поради нејзината инвазија врз Украина.

Човек на Русија

Во европската политичка јавност, но и во Србија, кај оние кои силно се за европеизација на земјата, наместо за  нејзиното претворање во „руска губернија“- се смета дека Дачиќ е „руски човек“ кој е  близок со Владимир Путин.  Затоа и дома и надвор го сметаат за своевиден предводник на русофилскиот блок.

Белградски аналитичари поради тоа тврдат дека со години на ред, Москва бара од Белград, при правењето нова влада, во неа задолжително да бидат Дачиќ и социјалистите, па излегува дека тоа и натаму се практикува.

Овој пат, по априлските избори, впечаток беше како  шефот на државата да се обидува да најде решение за составување   влада – без социјалистите. Но, на крајот, тоа не се случи. Многу е веројатно под притисок на Русија, како и поради силното проруско и антизападно расположение во српската јавност.

Конечно,  социјалистите на Дачиќ,  по обичај , ги држат главните позиции и функции во енергетскиот сектор на земјата, а тој сектор е најмногу зависен токму од Русија. Се верува, дека  ниту сега тоа нема да се промени.

Д.Б.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе