„Се мешавме во изборите во САД и пак ќе се мешаме“
Рускиот милијардер и путинов воен менаџер Евгениј Пригожин, кој раководи со платеничката, паравоена единица „Вагнер“ што ја има создадено, прв пат призна дека Русија директно била замешана во американските претседателски избори во 2016 година на кои тогаш непознатиот Доналд Трамп ја порази Хилари Клинтон, која како поранешен сенатор и државен секретар на Стејт департментот, беше голем фаворит.
„Да, ние се мешавме во американските избори пред шест години и тоа ќе продолжиме да го правиме – и сега и понатаму. Ќе работиме внимателно и дискретно и со хирушка прецизност, онака како што изгледаат сите наши операции“- има изјавено Пригожин кој во западната јавност е познат како „куварот на Владимир Путин“, затоа што поседува голема компанија за катеринг, во чии ресторани рускиот претседател ги носи своите високи гости.
Фарма за тролови во Санкт Петербург
Овој милијардер чиј рејтинг и авторитет во Кремљ забрзано се зголемува, преку војната на Русија во Украина и активната вклученост на платениците на „Вагнер“ во борбите во украинскиот Исток, меѓутоа, поседува и компанија која ( само формално) се нарекува „Агенција за истражување на интернет“.
Всушност , станува збор за моќна Фарма за тролови која е сместена во Санкт Петербург – одговорна за направените милиони лажни вести и дезинформации кои се пласираат на интернет.
За неа, самиот Пригожин сега признава дека била вклучена во изборите за претседател на САД во 2016, а американски и европски безбедносни експерти веруваат дека е вклучена и во сегашните Мидтерм избори за американскиот Конгрес и делумно за Сенатот.
Поранешни вработени во оваа фиктивна компанија, имаат откриено дека повеќе стотици лица на кои претходно им биле доделени различни платформи на социјалните мрежи , како и различни теми за обработка- од сепаратистичкиот бунт во Украина, до дејствувањето на различни фракции во американскта политика и во тамошното општество, – биле вклучени во создавањето дезинформации и правењето неточни и непостоечки вести.
Некои од овие лица биле и се и натаму ангажирани да пишуваат постови на странски јазици, под лажен идентитет, за да на тој начин директно влијаат врз јавното мислење во Америка и во Европа.
Во служба на Путин и Кремљ
САД од порано го обвинуваат „куварот“- милијардер на Путин, за руското мешање во американските избори, но тој самиот, за откритијата на САД и за обвинувањата што доаѓаат од Вашингтон вели дека тоа се работи со кои тој се гордее.
Тој и таков Пригожин сега го признава она што официјална Москва, изминатите шест години категорично го демантираше.
Тоа е дека Русија беше длабоко замешана во американскитѕе претседателски избори на страната на миленикот на Кремљ- њујоршкиот милијардер Доналд Трамп- за да ја води американската надворешна политика онака како најмногу и одговара на Русија.
Со изолационизмот што го пропагираше и го спроведуваше ( преку слоганот „Америка на прво место“), со создавањето раздор во НАТО и со слабеењето на ЕУ, силно притоа подржувајќи го и британскиот Брегзит. Всушност, правејќи го сето она што го правеше и се уште го прави, Американецот Трамп му правеше и му прави услуга на Владимир Путин и на неговата политика кон САД и Западот.
Матната улога на Трамп
Трамп, ол своја страна, продолжува да дејствува онака како што тоа го правеше и додека беше во Белата куќа- продолжува да зборува дека Русија не била вклучена во неговата изборна победа, преку електорските гласови, затоа што тој загуби од Клинтон во бројот на изборните гласови на населението.
Дури најавува и дека пак би сакал да се кандидира за изборите во 2024 година, одново од позициите за кои продолжува да зборува дека се негови, одбивајќи да прифати дека бил поразен и на изборите во 2020 година.
Стејт департментот на САД ова лето распиша награда од 10 милиони долари за секој кој ќе може да даде информација за странско мешање во америанските избори. А, посебно, за руската Фарма на тролови.
Признание на Пригожин
Кремљ долго време се наоѓа под притисок да расчисти со сите вакви обвинувања против Евгениј Пригожин кои не доаѓаат само од Америка, туку и од Европа. Особено што станува збоир за човек со матно и криминално минато. Поради сторени кривични дела, најмногу грабежи, тој десет години од животот има поминато во руски затвор.
Путин на почетокот посмешливо ги отфрлаше тврдењето на Западот за Фармата за тролови во Санкт Петербург. Според него, било несватливо дека „група млади луѓе може да влијаат врз јавното мислење на САД“. Подоцна , ја „замени плочата“, па уверуваше дека „властите на Русија немаат ништо со дејствувањето на ваквите групи“, односно дека станува збор за приватни фирми кои работат само за пари.
Сега, меѓутоа, Пригожин неговиот нов миленик и човек од доверба , крваво замешан во Украина со паравониот „Вагнер“, за да се спасува угледот на руската војска, самиот и од никого не повикан, го признава сето она што Путин и Кремљ досега го демнтираа и го квалификуваа како – „измислувања на Западот“.