Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Гласањето против ЕУ беше грешка“

„Гласањето против ЕУ беше грешка“

Бројот на Британците кои веруваат дека погрешиле кога гласале за напуштање на ЕУ и за Брегзит, на референдумот во јуни 2016 година, постојано се зголемува- покажува најновото истражување што е направено во Британија.

Во оваа анкета, 57 отсто од луѓето сметаат дека определбата – да се напушти Унијата- била погрешна и некорисна за Британија. Други 42 отсто, пак, остануваат уверени дека гласањето против Европа, било добро решение.

Во 2016 година, 52 отсто од Британците  на референдумот за Европа, како што го означи тогашната конзервативна влада на премиерот Дејвид Камерон, се определија за „развод на Британија со Европа“ а 48 отсто гласаа за останување во ЕУ.

Земја кандидат од 1962 година

Најголема подршка  на предлогот да се излезе од членството во ЕУ имаше во Англија, меѓу англиските евроскептични и проториевски , националистички определени гласачи. Во Шкотска, како и во Северна Ирска, меѓутоа, големо мнозинство од луѓето се спротивставија на Брегзит, но беа надгласани.

Без разлика што во осуммилионскиот  Лондон , на пример,  дури 90 отсто од оние кои гласаа , беа против напуштање на ЕУ. За Брегзит  гласаа, пред се,  двете најбројни азиски етнички заедници – индиската и пакистанската – како и мигрантите од британските карибски острови.

Разводот уследи откако Британија беше членка на ЕЕЗ/ЕУ уште од 1973 година. Во 1962, земјата прв пат побара прием во тогашната Европска Економска Заедница (ЕЕЗ) – претходница на денешната Европска Унија. Десет  години Британците чекаа да бидат примени, поради ветото што редовно го ставеше Франција, стравувајќи дека преку Британија, во Заедницата ќе се вклучат и земјите на британскиот Комонвелт.

Брегзит ги набрка камионџиите

Тоа  беше едно од формалните  објаснувања за блокадата  на Париз и на тогашниот француски претседател Шарл де Гол, но во основа, причината беше  француско-британскиот ривалитет на европската и на меѓународната сцена, како и стравот од можната доминација на Британија.

Анализата на сегашните, најнови сознанија за расположението на британската јавност кон Брегзит, покажуваат дека подршката кон Европа и признавањето дека се погрешило пред 6,5 години, се највисоки од јуни 2016.

Растот на проевропејството стана забележливо од есента 2021 година , кога Британија за прв пат се соочи со недостиг на работна сила, а пред се  со недостиг на 100 илјади камионџии. Тоа предизвика  британскиот пазар да се соочи со проблеми во снабдувањето , затоа што имаше тешкотии со  префрлањето на храната и со дотурот на производи од странство, а пред се од Европа.

Камионџиите во најголем број беа од земјите на ЕУ од Источна Европа кои, по изгласувањето на Брегзит, а посебно по потпишаниот договор за заминување  од Унијата и од заедничкиот европски пазар, се вратија на континентот, а вработување најдоа , или во своите земји, или во другите членки на Унијата.

Кризата го потикна проевропејството

Економската криза во која се наоѓа Британија после пандемијата ,  со рецесијата и сегашната состојба со скапата енергија, ги натера Британците да почнат позасилено да се откажуваат  од еуфоријата во која беа втурнати –  дека се „слободни“  ( од ЕУ) и дека веќе никој не е над нивните институции – приказна што  во кампањата ја продаваа  брегзитерите  за да го оправдуваа Брегзит.

Сегашното драстично поскапување на се и сешто, потоа силно зголемените трошоци на живеење и инфлацијата, придонесуваат за забрзано  намалување на јазот што постоеше меѓу приврзениците и противниците на Брегзит.

Овој пат, во полза на оние кои беа и останаа за останување на Британија во Европа. Особено откако стана јасно што се случува и со „чувањето на границите“ од (наводната) наезда на Источноевропејци, Турци и Балканци. Сега напливот на мигрантите и илегалците е многу поголем, за разлика на времето кога земјата беше членка на ЕУ.

При тоа, проевропејците потсетуваат на тоа  колку добро ќе и дојдеа на британската државна каса европските пари, посебно оние од финдот за санација по корона пандемијата, кои според некои проценки за Британија,  би изнесувале околу 200 милијарди евра.

Рано е за нов ЕУ референдум

Анализите за најновото истражување проценуваат дека, сепак, е рано да се каже дека Британците се подготвени за преиспитување на одлуката за Брегзит. Ниту една од главните политички партии не планира да го покрене тоа прашање, или да побара нов, сега проевропски , референдум за враќање во ЕУ.

Најмногу затоа што Британија се уште се бара себеси  после Брегзит, трагајќи по својот нов идентитет. Особено што процесот на излегување од Унијата, се уште не е до крај изведен и затворен.

Левичарските лабуристи не се осмелуваат да се зафатат со една ваква работа, стравувајќи од контра ударот на гласачите. Не мал број лабуристички гласачи , во 2016 година, застанаа зад англиските ториевци, наседнувајќи на лажната кампања на тврдите брегзитери, за наводната, загрозеност на Британија од ЕУ и од  слободното движење на луѓе и на работна сила.

Но, голема вина за свртувањето на лабуристичките гласачи  на референдумот  има и промашената политика на тогашниот  лидер на лабуристите Џереми Корбин кон ЕУ , како и неговите идеолошки заблуди околу единствениот европски пазар.

Нема европеизација со Сунак

Најновата ториевска влада на Британија и новиот премиер Риши Сунак, се смета дека уште помалку оставаат надеж дека би можело да се очекува да се почне со некаква,  постепена европеизација на земјата, без воопшто и да се покренува прашањето за враќање во ЕУ.

Оваа влада сега има и силен изговор да не се занимава со тоа, покривајќи се со „исправање на грешките на Лиз Трас“ која излегува дека на сите им треба како дежурен виновник за се она што  таа , воопшто, го направи за своите 45 денови, но  и за  се она  што не го  направи владата на Борис Џонсон , кога Сунак беше министер за финансии., а мораше да го направи.

Со Сунак , Европа останува забранета тема, меѓу другото и затоа што отсуството на навреме донесени мерки , по углед на земјите во Европа,  за  средување на состојбата со инфлацијата, со скапотијата и со падот на стандардот , предизвикаа лабуристите да ја зголемат предноста пред конзервативците на 3о поени .

Во вакви услови ниедна влада не би се коцкала со предвремени избори, а уште помалку со повторно отворање на болното  ( за Англичаните) евроскептично прашање. А, следните  редовни избори во Британија  се  предвидени за во јануари 2025 година.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе