Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Крузер со 800 заразени со корона пристана во Сиднеј

Will Waters/Unsplash

Крузер со 800 заразени со корона пристана во Сиднеј

Брод-крузер , пристана во главното пристаниште во Сиднеј со дури 800 патници заразени со вирусот на корона. Сите се туристи кои се наоѓаат на одмор и летување, пловејќи  по делови од јужната хемисфера.

На крузерот „Маџестик Принсес“ кој во Сиднеј доплови од Нов Зеланд, има 4600 патници и членови на бродскиот екипаж, што значи дека еден од петмина кои се на бродот се инфицирани со вирусот, за кого во тој дел од светот се вели дека – „целосно е елиминиран“.

Потсетување на јануари 2020

Волку големиот број инфицирани на еден брод,  потсетува на јануари 2020 година и на раната фаза од избувнувањето на корона пандемијата, како и на случајот со еден ваков крузер, во пристаништето Јокохама, во Јапонија, на кој речиси 900 лица беа заразени. Од нив, 28 ја загубија битката со болеста на која тогаш се уште не и се знаеше потеклото, освен дека станува збор за „непознат вирус“.

Висок претставник на компанијата која оперира со крузерот што пристигна во Сиднеј, има изјавено дека најголемиот број од инфицираните патници почнале да се откриваат дури откако бродот се наоѓал на половината од своето 12 дневно крстосување.

Ширење на короната во Австралија

За сите инфицирани, меѓутоа, се вели дека имаат лесни симптоми на заразеност , или пак се означени како атипични. Сите кои се тестирани позитивни сега се префрлаат на локација на која ќе останат во изолација  , во рок што ќе го определат австралиските здравствени власти.

Соопштено е дека бродот- крузер  брзо ќе го напушти пристаништето во Сиднеј и ќе го продолжи пловењето . Следната дестинација е Мелбурн.

Случајот со „Маџестик Принсес“ и откривањето толку многу инфицирани , доаѓа во време кога  Австралија се соочува со забрзан раст на новозаразени со вирусот на  корона/ковид. Во само седум денови, до петокот (11 ноември) само во сојузната држава Нов Јужен Велс се регистрирани над 20 илјади новоинфицирани лица.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе