Нема референдум за Шкотска без Лондон
Британскиот Врховен суд пресуди дека во Шкотска не може да се организира нов референдум за независност, без одобрување и согласност на Парламентот на Обединето кралство во Лондон.
Тоа целосно ги попречува плановите на шкотската националистичка партија СНП и на ветувањето на владата во Единбург за тоа дека во октомври, следната година, ќе има уште еден референдум за отцепување на Шкотска од Британија.
Шкотската прва министерка Никола Старџен изрази жалење за ваквата одлука на Судот, но порача дека тоа не значи и откажување од плановите нејзината земја да биде независна држава. Таа ,сепак, порача дека ќе ја почитува пресудата.
Одлука за референдум носи Вестминстер
Во исто време, најави дека следните редовни британски парламенарни избори, предвидени за јануари 2025 година, практично, ќе бидат тој втор референдум, на кој се инсистира преку давањето подршка од страна на шкотските гласачи за нејзината СНП партија, која како главна изборна заложба ќе ја постави независноста на Шкотска.
Старџен , всушност, пред Врховниот суд на Велика Британија бараше шкотскиот Парламент (Холируд) да може да донесе закон за референдум на кој би се изјаснувало за шкотската политичка иднина, за да на тој начин се заобиколи блокадата на Лондон, кој сега е категорично против ново изјаснување.
Тоа е она што Судот во Лондон го им толкувано како спротивно на законот, пресудувајќи дека за тоа е надлежен само британскиот Парламент (Вестминстер).
Од друга страна , правни експерти , оценуваат дека ваквата одлуката на Судот не претставува само одлагање на плановите и силните амбиции на СНП и на нејзиниот лидер, туку пресудата значи и пречка за обезбедување меѓународен легитимитет на целите на владата во Единбург – како независна земја- Шкотска да се приклучи на ЕУ.
Вината на Брегзит
Владата во Лондон , со сите тројца премиери кои се изменија во период од седум недели- од Борис Џонсон, преку Лиз Трас, до сегашниот Риши Сунак- е категорично против организирање нов референдум.
Според нив, прашањето за шкотската независност е затворено, после првиот референдум во јуни 2014 година, кога гласачите во Шкотска се определија за останување во Обединетото кралство. Тогаш , 55 отсто од Шкотланѓаните беа против отцепувањето, додека други 45 отсто гласаа за независност.
Во Единбург, меѓутоа, се инсистира на преиспитување на таа одлука од пред 8,5 години , затоа што велат дека во тоа меѓувреме дошло до „радикални промени“- како политички, така и економски. Пред се, со Брегзит и напуштањето на ЕУ , што беше одлучено на друг референдум , главно, со гласовите на англиските гласачи.
Колку за потсетување, Шкотланѓаните и Северноирците, во голем процент , беа против излегувањето од Европа .Тие сметаа дека Брегзит е против интересите на Шкотска, како и дека се доведува во прашање стабилноста на Северна Ирска и опстанокот на историскиот мировен договор од Велики петок (1998), со кој се прекина тридецениското непријателство меѓу локалните протестанти и католици.
Ладење на гласачите
Се покажа дека нивните стравувања беа на место. Шкотска надвор ЕУ остана без за неа значајните средства од европските фондови, а во Белфаст се предизвика нова криза околу тоа како да се спроведува договорот за Брегзит, на територијата на ирскиот остров , каде Британија и ЕУ ја имаат единствената копнена граница.
Затоа и барањето за втор референдум се смета дека е директна последица на непотребната одлука да се напушти Европската унија. Уште повеќе што во Единбург се тврди дека Шкотска и нејзините гласачи се измамени од Лондон, околу тоа прашање.
Во текот на кампањата за изјаснувањето во 2014 година, владата на тогашниот премиер Дејвид Камерон уверуваше дека нема потреба од напуштање на Британија, за да се биде дел од ЕУ, кога Британија е членка во Унијата. А, само две години потоа, на референдум за Европа, што непотребно го прифати истиот тој Камерон, Обединетото кралство одлучи да се напушти ЕУ, на огромно разочарување на јавноста во Шкотска.Малата еуфорија да се прави втор референдум, беше покрената и врз основа на анкетите и расположението на Шкотланѓаните по Брегзит, кога околу 60 отсто од гласачите беа определени за отцепување од Британија.
Невозможна мисија
Но, после пандемијата со коронавирусот, а сега и силната економска криза, инфлацијата и рецесјата во која се најде британската економија, високта подршка за независност е намалена, па сега односот на оние кои се за напуштање на Британија и оние кои се за останување е речиси изедначен.
Сето тоа ја прави сегашната битка на СНП и на Старџен да истуркаат ново изјаснување за независност, како невозможна мисија. Посебно што последните анкети направени меѓу шкотските гласачи покажуваат дека тие сметаат ова прашање да се одложи за некое друго време.
Никола Старџен, сепак, не сака да се откаже од планот врз кој сега се врзува и нејзиниот опстенок како лидер на СНП и прв министер на Шкотска, но и како политичарка.Таа инсистира дека не може друг да одлучува дали Шкотска ќе биде сама и независна, или ќе остане дел од Британја.
„Ако Шкотска не може самата да ја одбере својата иднина- без Лондон- тогаш идејата за Обединето кралство, на доброволно партнерство, станува само обичен мит“- изјави таа по одлуката на Врховниот суд.
Широка автономија и самоуправа
Толкувањето на Судот, меѓутоа, тргнува од тоа дека правото на самоопределување се однесува само за поранешните (британски) колонии, како и за поробени и потлачувани народи, за окупирани територии, или кога на определени народи им се одземени политичките и граѓанските права.
Шкотска и Англија, инаку, се обединети во 1707 година, откако Единбург доброволно се откажа од својот Парламент и ја прифати англиската круна и за своја, за да се создаде новата и обединета Велика Британија.
Во 1999 година, со законот за деволуција, беше обновена работата на шкотскиот Парламент и на шкотската влада, која наместо премиер има прв министер.
Шкотска сега има целосна автономија и самостојност, во политиката и економијата, како и во општествените односи, освен во фискалната, одбранбената и надворешната политика што се во рацете на централната влада во Лондон и на британскиот премиер.
(Д.Л,)