Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Украина паѓа за десет денови“

„Украина паѓа за десет денови“

Британскиот воено-безбедносен институт РУСИ (Royal United Services Institute) од Лондон објави дека поседува документи  во кои станува збор за плановите на Москва врзани за руската инвазија врз Украина.

Според овие документи, за кои се тврди дека се заверени од Владимир Путин, Украина требало да биде покорена и да „падне“ во рок од само десет денови. Анексијата на целата земја, пак, требало да се случи до август оваа 2022 година, а целата  воена операција да се изведе во стилот на некаков, руски „Блиц-криг“, односно како краткотрајна и молскавично изведена војна.

Таков бил планот, што се направил во најголема тајност, па за него освен врвот на Кремљ знаеле само сосема малку највисоки и најдоверливи  руски функционери. Документите на кои се повикува РУСИ , откриваат  дека ниту делови од руската армија не знаеле за планираната инвазија. Тие  верувале дека  собирањето на руската армада на украинската граница, навистина е воена вежба, како што се тврдеше од Кремљ.

Окупација на соседната држава

Во секој случај, планот бил да се изврши целосна окупација на украинската територија- со запоседнување на трафостаниците, на аеродромите, на водоводната мрежа, како и на Централната банка на Украина и на Парламентот. Во тој прв налет, руските специјални сили требало да ги елиминираат и водечките украински функционери.

Аналитичарите на Институтот тврдат дека Москва верувала оти мнозинството од  владините функционери и министри во Киев, или ќе избегаат, или ќе бидат заробени.

Било планирано, војската на Русија  да ги користи белоруските аеродроми , за да се  заземат двете нуклеарни централи- Ривне и Хмељницки . Намерата, се верува, била со освојувањето на украинските нуклеарки , да се уценува Европа и за да се одвртати од било каква контра акција, плашејќи ги ЕУ и европската јавност  од потенцијалната закана од радијација.

Инвазијата, инаку, требало да почне со авионски и со ракетни напади врз украинските воени цели, за да се онеспособи армијата на Украина и на тој начин  да се  оневозможи нејзиниот отпор, како и можноста да се брани земјата од агресорот.

Итно создавање квислинзи

При тоа, од документите се открива  дека руската војска не требало да ја напаѓа и да ја уништува електричната инфраструктура, затоа што била потребна за целите на агресијата и за окупирањето на Украина. Односно, да не се прави она што путиновите воени сили го прават сега во нападната земја, казнувајќи ги Украинците да бидат без струја, вода и греење, среде зима.

Се тврди дека планот за освојување на украинската територија предвидувал и создавање квислинзи, какви што се најдоа на териториите што Русите ги  имаат окупирано кои би  биле спремни да соработуваат со окупаторите , додека другите Украинци – или да се исплашат, за да  не се спротивставуваат, или пак да се ливидираат.

Паралелно со тоа, според документите на кои се повикува лондонскиот Институт, требало веднаш да се почне со силна работа за бришење на украискиот национален идентитет, за забрзана русификација на Украинците.

Забрзана русификација на населението

Меѓутоа, од сето она што Украина, Европа и светот го виде од  путинова Русија , со инвазијата и со наметнатата војна,  излегува дека не останало ништо од замислениот план за „блиц-криг“. Наместо „паѓање“ на Украина за десет денови , рускиот претседател ги вовлече неговата земја и Русите во долга, исцрпувачка војна , со многу човечки жртви и на двете страни, со убиено цивилно население и  со извршени воени злосторства.

Со брутално  разурнување и уништување на Украина, какво немало од војните на Адолф Хитлер, со територијално парчосување на државната територија на оваа поранешна советска република која бегајќи од  руската доминација, сега се казнува од владетелот во Кремљ, кој згора на се, остава впечаток дека ужива во она што го прави.

Во секој случај, Путин  успеа само  да го наруши мирниот поредок кои функционираше со децении и да ја врати и Европа, но и меѓународната заедница во времето на империјалната политика- за запоседнување туѓи територии и за освојувачки војни како во 17,18 или 19 век.

Европа, секако, тое не можеше да го прифати, како што не може да му дозволи на Путин да тера освојувачки војни , со анектирање туѓи територии, измислувајќи разни изговори, па затоа и застана силно- со САД и со целиот Запад, како и со сите слободољубиви земји- против путинова Русија , а на страната на нападната Украина.

Пропаднат „Блиц-криг“

Но, што сега, кога веќе над девет месеци, Русите водат војна и сурово ги казнуваат Украинците затоа што одбиваат да се предадат и да капитулираат пред путинова Русија. И, како понатаму , освен што сите кои се спротивставуваат на една ваква Русија, настојуваат да и помагаат на нападната држава со пари и оружје , а сега и да се спречи Украинците да не умираат и од студ и од глад.

Рускиот претседател, таков каков што Европа и светот го запозна во неговото вистинско издание, без пропагандната шминка која се градеше над 20 години, меѓутоа, би сакал претворање  на украинскиот конфликт во некаква нова „Стогодишна војна“ , позната од Средниот век во западна Европа.

Затоа, се проценува дека Кремљ сега настојува да ја „умртви“ војната и да ја „замрзне“ само за извесен период, а не да ја заврши.

Тоа му е потребно за да се исправат сите грешки  на планот за освојување на Украина, за стабилизирање на руската војска која во изминатите месеци покажа цела низа слабости, како и за да го обнови рускиот арсенал- поради големите загуби, освен во луѓе и во техника и во оружје.

Москва бара „земање здив“ во војната

На Москва и на Путин, сега им е потребно „земање здив“, но не за да се седне и да се преговара за мир , туку за да подоцна се продолжи со војната.

Никој друг тоа не го сака, па поради тоа и не се осмелува да предвидува до кога војната ќе може да трае. Но,  тешко е да се поверува дека автократот од Кремљ ќе се претвори во некаков миротворец , па ќе седна на  преговарачката маса.

Уште помалку со намера да ја остави Украина цела и безбедна , или да се откаже од планот да биде заземена и трајно анектирана целата држава.

Мир и прекин на војувањето може брзо да има, доколку Русите го запрат војувањето. Во Киев велат – и доколку агресорските сили не се повлечат од украинската територија. Како сега стојат работите, меѓутоа, нема навестување дека тоа би можело да се случи- во секој случај не во следните месеци.

Кремљ повремено ќе објави дека сака мирно решение, но тоа е во стилот  на Данајците на кои не треба да им се верува кога носат подароци-  затоа што мир по руски диктат не може да биде мир, уште помалку да биде траен мир.

Нема мир со Путин во Кремљ

Едноставно, руската страна  нема намера да се откаже од окупираните и анектирани територии. Во  Москва велат дека Путин ќе ги посетел „новите руски територии“ , а потоа тој самиот во една изјава, го услови почетокот на мировните преговори, со меѓународното признавање на окупацијата и на анексијата. Сето тоа  само ја потврдува проценката дека Кремљ не сака мирно решение во Украина, ниту завршување на војната.

Затоа што на тој начин овој ученик на КГБ,  научен  да го мрази  Западот, преку украинската војна, практично,  војува со него, без  од таму да пукаат по него. Уште повеќе што  со оддолжувањето на војната, се исцрпува ЕУ, нејзината издржливост и спосбност да остане единствена во едни вакви, воени услови , оптоварена со економска криза поради војната и соочена со внатрешните непријатели каков што е еден Виктор Орбан.

По жестокиот одговор на ЕУ/Европа на руската агресија, Путин сега настојува да ја искористи таквата реакција  како  свое оружје против ЕУ, за да се пресмета со Унијата. На неа тој  од секогаш  гледа како – „закана за Русија“, поголема од НАТО –  а сега гледа шанса- ако може и да ја распартали, онака како што тоа сега го прави со Украина.

Според тоа, мир на Истокот од Европа, не може ниту да се направи, а ниту да опстане со Владимир Путин како „газда“ на Русија. Дури и да му се дадат „безбедносниу гаранции“  како што сугерира Емануел Макрон.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе