Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Опасно ѕвецкање со оружјето околу Косово

Опасно ѕвецкање со оружјето околу Косово

Во Србија, во околината на градот Пирот , се случи еколошка катастрофа, откако вагони- цистерни од товарен воз што пренесувал течен амонијак , се превтеле по излегувањето на композицијата од шините. Опасниот амонијак   продолжува да истекува од цистерните покрај пругата на делницата Пирот- Бела Паланка, а облакот со амонијак се има надвиснато  над градот и неговите жители, погодувајќи ги и случајните патници на автопатот кон Софија.

Во исто време, водството на Република Србија, беше ангажирано , заедно со воениот врв и со раководството на полицијата, на вонредна седница ,  околу “воружениот инцидент“ блиску до српско-косовската граница.

Изнасилена “ воена “ атмосфера

Војската и полицијата се ставени во состојба  на највисока борбена готовност. На српската страна од границата се поставени топови- хаубици , а провладините медиуми целата ситуација ја прикажуваат како  безмалку   предвоена и како Србија да се подготвува за воен судир со косовските Албанци.

Односно, како  да претстои напад на српските сили врз северот на Косово, населено главно со етнички Срби- за да се бранат и одбранат косовските Срби.

Причина за една ваква- сепак изнасилена воена  атмосфера- што се создаваа во Белград –  се пукотниците “ кои биле слушнати во неделата, во реонот на Зубин  Поток.  Белградските опозициски и проевропски медиуми , ги обвинуваат прорежимските весници и ТВ станици дека настојуваат да ги уверат граѓаните на Србија- на неколку денови до Нова година- дека „ на северот од Косово дошло до вооружени судири меѓу локалните Срби и косовската полиција“. Што , сепак, се покажа дека  не е точно.

Првите вести за пукотниците ги имаат огласено жителите на Зубин Поток, а драматизацијата ја имаат направено медиумите на српски јазик кои се блиски  на власта во Белград. Тие имаат разгласено  дека -„полицијата на (Албин) Курти  се обидела насила да ги тргне барикадите“, што локалните Срби ги имаат поставено, па тие припукале, иако од веста  се добива впечаток дека пукала косовската специјална полиција.

„Никој ништо не знае“

Тогаш српскиот претседател веднаш го свикал состанокот ( во време кога пироќанци се бореа со опасниот амонијак), после кој иако ситуацијата (медиумски) се прикажува како предвоена-  не било издадено никакво соопштение.

Затоа, опозициските гласила сега прашуваат кој воопшто пукал, како тоа било изведено и зашто имало потреба да се употреби ( од некого) огнено оружје. Но, излегува дека  НИКОЈ ВО БЕЛГРАД НЕ ЗНАЕ  – кој стои зад „инцидентот“ во Зубин Поток и зошто и кому  тој бил потребен.

Косовската полиција, во официјално соопштение, тврди дека никој на нив нема пукано, па затоа немало ниту потреба тие да возвратат, против било која група, или поединец. Мисијата на КФОР , од своја страна, соопштила дека „ слушнала и видела„ пукање во близината на една патролна станица во Зубин Поток, но дека никој на нив нема пукано, како и дека во тоа слушнато пукање- никој не е повреден, ниту е направена материјална штета.

Деманти од Приштина и КФОР

Претставник на невладина српска организација од Митровица , во изјава за белградската Н1  телевизија има речено дека „КФОР многу е веројатно дека знае кој пукал во неделата“- откривајќи дека такви рафални пукања, повремено, се слушнале и во саботата и во изминатите денови.

Барем така тврдат жители на Зубин Поток. Според овој претставник во саботата се рашириле гласови дека била фрлена и една шок-бомба, по што била подигната уште една барикада . Се тврди и дека косовската полиција тргнала насила даги урива блокадите на патиштата, што се покажа како сосема неточна вест и обична дезинформација.

Се смета дека токму мноштвото дезинформации што се пласираат, се резултат на однесувањето на Белград и на Приштина, нивните политикански игри и заканите кои се создаваат таквите игри, на кои сега им се додава и ѕвецкањето со оружје . Сето тоа придонесува за влошување на вкупната безбедносна ситуација , па безбедносни експерти проценуваат дека вакви „инциденти“ че има и понатаму, како што ќе се продолжи и со дигањето тензија и заканите од вистински вооружен судир.

Чекајќи ја нормализацијата

Во српскиот дел од Митровица има мислење дека судири со употреба на оружје би можело да се случат, доколку косовската полиција се обиде насила да ги тргне блокадите.

Особено што официјален Белград отворено го подржува отпорот на етничките Срби кои се на барикадите безмалку три недели, како и дека сето тоа ќе биде вака додека не се регулира вкупната ситуација.

Односно, додека не се постигне нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Но, има мислење дека косовските Срби се незадоволни затоа што не знаат што Белград сака да постигне и каква е воопшто стратегијата на Република Србија, кога е иднината на Косово во прашање. А, дека   тоа незнаење и исклучувањето на локалните Срби од она за што се разговара ( кога се разговара) во Брисел, само ја доградува атмосферата погодна  за создавање и пласирање на лажни вести и дезинформации.

Застрашување на населението

Затоа, косовски Срби се уверени дека ефектот од ваквите пукотници , како овие на Бадник во Зубин Поток, или како оние лани во Звечан, само придонесуваат  за застрашување на населението на косовскиот север.

Во Митровица мислат дека плашењето на српската јавност за тоа што ќе биде со Косово и што натаму ќе се случува , сепак, не е со иста тежина како она на јавноста северно од Ибар. Затоа што , на пример, сега се разбра  дека со часови после слушнатите пукотници,  на косовскиот север било мирно и дури се изгледало нормално. Дури потоа, се појавиле првите вести во медиумите што веднаш предизвикале вознемиреност. Излегува како тоа да било и целта со одложеното информирање.

Во меѓувреме, српската војска ги има повлечено своите хаубици од пограничниот реон. Луѓето во Пирот и околината, пак,  се уште стравуваат за своето здравје. Нездоволни што ова не е прв ваков инцидент. Веќе трет пат доаѓа до излегување на возна композиција од шините, а преку нив редовно минуваат возови со опасни материјали.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе