„Вагнеровци“ во Белград
Припадници на руската злогласна паравоена група со платеници „Вагнер„ се има инсталирано во Србија, пред се, во Белград, соработувајќи притоа со српската крајна десница и со нејзните милитантни групи- пишуваат европски медиуми повикувајќи се на извори меѓу руските, но и украинските бегалци (привремено) населени на српска територија.
Според овие извори, „Вагнеровци“ се дојдени за да ги надгледуваат руските бегалци, повеќето од нив противници на Владимир Путин и неговата војна во Украина, но и незадоволни од авторитарниот режим кој го има наметнато рускиот претседател.
Под посебен надзор се „руските либерали“ за кои Москва верува дека освен на Западот ги има и во Белград и во Нови Сад, каде се имаат населено најголемиот број од бегалците во Русија.
Мнозинството Руси против војната
Во Србија , во моментот, се претпоставува дека има околу 140 илјади руски бегалци, како и околу дваесетина илјади Украинци. Сите тие ја имаат избрано Република Србија за привремена земја за живеење, па веќе имаат изнајмено станови, некои дури и купено, а добар дел од нив имаат започнато некаков бизнис- главно во ИТ секторот.
Повеќето од нив се критично настроени кон српската реалност- изјавувајќи за белградските опозициски медиуми дека не може да ја разберат „големата русофилијата“, а посебно „путинофилијата“. Некои и не сокриваат дека „не може да го разберат тоа што Путин е повеќе омилен во Србија, отколку во Москва и Русија“. И. тоа не го мислат само поради покренатата инвазија и војната.
Мнозинството од руските бегалци се против војната- иако не сите сметаат дека вината за нејзиното избувнување е само на руската страна.
Соработка со српската крајна десница
Но, уверуваат дека сите, а тоа значи и оние кои виновникот го бараат во Кремљ, се согласуваат дека досега покажаната бруталност , против народот што до скоро беше третиран како „братски“ , ги надминала сите нивни најцрни предвидувања.
Затоа, се здружуваат, заедно со избеганите Украинци на протесни маршеви за мир низ белградските улици и понекогаш успеваат да организираат и мали протесни митинзи на кои се повикува за крај на војувањето. Не ретко попречувани од домашните, српски, русофилски, милитантни групи.
Тоа се оние кои инаку прават мурали со ликот на Путин, или го испишуваат латиничкиот знак „Z”- симболот на руската окупациска и освојувачка војска, или се предводници (како обезбедување) на разните литии ( религиозни протести), како што беа оние врзани за маршот на ЛГБТ заедница во Белград .
На „Вагнеровци“ во нивното дејствување на српска територија- во валканите задачи- им помагаат српските „Лоши Орли“ , една крајно десничарска и ултра-националистичка група која дејствува и против проевропските, српски демократски и либерални организации, која е антизападно , антиамерикански и антиевропски определена.
Следење и заканување
Дојдените припадници на паравоената група „Вагнер“ , ги следат руските бегалци кои се обидуваат и во Србија де дејствуваат од позициите на руската опозиција, особено оние за кои се информирани дека би сакале да се вратат во Русија, доколку таму останале нивните најблиски.
Но, освен следење Русите во Белград се и преплашувани, соочени со заканите дека ќе страдаат нивните блиски, притискајќи ги да се вратат во Русија.
Во оваа работа се има вклучена уште една милитантна крајно-десничарска српска група , која себе се нарекува „Народна Патрола“ . Нивниот лидер , според српските весници, неодамна бил во Санкт Петербург , како специјален гостин на создавачот и лидер на „Вагнер“ Евгениј Пригожин, инаку “десна рака“ на Путин во окупираната Источна Украина.
Избеганите Руси и Украинци изинатата недела се собрале на мировен марш низ белградските улици, повикувајќи на запирање на агресијата и повлекување на руската војска. На маршот некои од Русите имаат носено знамиња на „демократска Русија“ кои се разликуваат од сегашното државно знаме.
Војска во руската војска
Кога се обиделе да дојдат до руската амбасада во Белград и таму да протестираат, биле запрени од српската специјална полиција.
„Вагнер“ за која Кремљ и Путин доскора демантираа дека државата и власта има било каква врска со оваа „илегална“ дружина, сега се знае дека милитантната група е на руската сцена и во странство од 2014 година и од тогашниот, од Москва покренат бунт против владата во Киев – во источно украинските области Луганск и Донецк.
Токму платениците на оваа група имаат војувано со украинската војска која се обидуваше да се справи со сепаратистичкиот бунт.
По примирјето постигнато со договорот „Минск 1„ руските платенички сили се имаат префрлено на Блискиот Исток, во Сирија, па во Либија и подоцна и во Мали, но и во уште некои земји на централна Африка.
Според западни безбедносни извори, во изминатите десет месеци дошло до значително зголемување на бројот на оваа војска во руската војска. Од некогашните илјада платеници, сега „Вагнер“ има безмалку 20 илјади свои припадници под оружје.