Азем Власи: Белград „оркестрира“ криза
„Сето она што изминатите денови се случува на северот од Косово е оркестрирано од Белград и во основа, претставува злоупотреба на косовските Срби за политички потреби“- изјави Азем Власи, косовски аналитичар, угледен адвокат и познат, поранешен југословенски политичар.
Во разговор за Радио Сараево, Власи тврди дека сценариото што беше употребено за подигнатите тензии, е веќе видена работа, од времето на Слободан Милошевиќ- како во Косово, така и во Книн (Хрватска) и во Босна и Херцеговина.
Србија не сака нормализација
Според него причината за кризата е целосно измислена и тргнува од тоа дека Србите (наводно) се загрозени , па дека затоа, само Србија може да ги брани. Едноставно, затоа, што Србите- секаде каде ги има- ја признаваат само Србија за своја држава.
Власи, како и косовскиот државен врв, сметаат дека во оваа, последната криза на косовскиот север, е замешана Русија, па по налог на Москва треба да се тргне ( барем за малку) вниманието од Украина и војната што Русија и ја наметна, за создавање нова криза и кризно жариште на Балканот, затоа што на украинскиот фронт работите не се одвиваат онака , како што има планирано Владимир Путин.
Освен тоа, претседателот на Србија Александар Вучиќ не сака продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Приштина и Белград, откако на неговата работна маса го има европско-американскиот предлог, според кој, двете страни се третираат како држави.
Затоа и наместо продолжување на разговорот за суштински работи, вниманието се свртува на друга страна ( прво сообраќајните таблички за возилата, а потоа и притворувањето на доскорешниот косовски полицаец од српска националност) за драматично создавање криза и безбедносна напнатост.
„Не може Република Српска во Косово“
Власи смета дека ваквата политика и ваквото однесување на Белградимаат за цел да се оневозможи присуството на секаков сегмент од косовската власт во северниот дел од државата, односно тој дел од Косово (фактички) да се третира , но и да функционира како дел од Република Србија.
Во такви услови сега се форсира прашањето на – како што Власи вели т.н. Заедница на српските општини- што во основа значи оформување на истиот модел што постои во БиХ , преку Република Српска. Таа заедница би требало да функционира според системот кој е во Србија, а не како дел од оној во Косово, што Власи вели дека Косово не може да го дозволи.
Во разговорот што е воден во време на блокадите на патиштата и на граничните премини на северот од Косово, преку кои оди врската со Србија, Азем Власи инсистира дека војна , или воени судирања какви имаше во времето од пред повеќе од 20 години, нема да има.
„Србија еднаш го има пробано да војува, па излезе дека ја загуби војната за Косово“- рекол Власи за Радио Сараево, инсистирајќи дека Косово ниту има намера, а ниту има потреба да војува против Србија.