Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Војната сепак продолжува

Војната сепак продолжува

По повеќе од десет месеци војување и варварско уништување на Украина, илјадници човечки жртви, милиони раселени лица, загинати и на илјади руски војници, како и окупација и насилна и илегална анексија на украинската територија, секако, време е за  договорен мир во војната на истокот од Европа- прва после хитлеровите походи по Стариот континет.

Но, за ваков мир потребно е Русија, агресорот во војната што ја започна на 24 февруари, да го одложи оружјето и да го запре бруталното уништување на Украина , со кое го казнува народот што храбро и достоинствено му се опира на агресорот и што останува лојална на легално избраната власт во Киев.

Затоа, во право е некогашниот американски шеф на дипломатијата Хенри Кисинџер дека е дојдено времето за правење договор за мир.

Москва не сака мир

Газдата во Кремљ , меѓутоа, не мисли така.

Прво, од таму одбија  дури и прекин на огнот за време на новогодишните и божикните празници, по што неговите порачаа дека не е време за мировни преговори. Потоа, таму се преслушаа, па Владимир Путин изјави дека Москва сака завршување на војната- што побрзо, тоа подобро. За да на крајот неговиот послушник Сергеј Лавров заканувачки му порача на Киев- или ќе биде како што ние (Русите) бараме, или работата ќе ја завршат топовите.

Во овие денови токму тоа и се прави, па ракети, дронови и артилерски гранати летаат на сите страни кон украинсите градови, убивајќи луѓе и разурнувајќи и болници, театри, станбени објекти и над се- енергетската инфраструктура на Украина.

Сето тоа според „советите“ на водечките журналисти- воени хушкачи- од телевизиските станици, од „Раша Тудеј“ или од кремељската пропагандна агенција „Спутник“ . Остануваат  запаметени за историјата, гебелсовските пораки на новинарската елита до воените команданти на фронтот  – „Убивајте се по ред, разурнувајте се што можете, за да страдаат Украинците и за да видат која е Русија“ и што таа може да им направи.

Новогодишни „честитки“

Затоа, не е за чудење однесувањето на  секогаш  арогантната и цинична портпаролка на руското МИД , која последниот брифинг за новинарите , го има започнато со честитка за новата година, зборувајќи  за среќа и за радост. Неприлични зборови  додека руските солдати убиваат по територијата на нејзе соседната и до пред некоја година- братска-Украина.

Од таму, брзо и имаат возвратено со контра-честитка и во тој стил. После масовното бомбардирање на низа украински градови, во средата,  Украинците  одново можеле да се соочат со последиците од „братската , словенска љубов на Русите“- нови тешки разурнувања и нови човечки жртви.

Новогодишната „честитка“ од другата страна, затоа била- „Им посакуваме на ( Русите) се она што нам ни го прават. Сето ова да им се врати. Нека и тие и нивните деца го почувствуваат сето она што ние и нашите деца го преживуваме речиси секој ден“.

Стагнација на војната?

Во една ваква атмосфера на непријателство и омраза , каква (велат) немало во минатото, но каква што Путин успеа да ја создаде за десет месеци, заложбата на Кисинџер делува помалку нестварно и нереално и покрај неговото богато искуство и умеењето (во  минатото)  да обезбеди компромис и кога тоа изгледаше неостварливо.

На рака на заложбата за „договорен мир“ , притоа, оди сегашната ситуација на теренот. И покрај варварството на руската страна, сепак, нема позначајни поместувања на фронтот.

Разни воени и политички експерти сметаат дека војната е во фаза на некаква стагнација, но дека Русија се подготвува за контра офанзива – можеби уште пред пролет. Офанзива за враќање на загубените, инаку окупирани, територии во Источна Украина , што грубо ги означуваат како „руски земји“ .

Тоа се анектираните украински области  кои на Путин треба да му обезбедат „победа“ во војната. Сметајќи, притоа, на исцрпеноста на Украинците.

Руска пролетна офанзива

Некои експерти проценуваат дека очекуваната пролетна офанзива ќе биде битна за натамошната разврска. Се смета дека Путин не би сакал да ја пречека годишнината од неговата инвазија врз Украина во некаква траурна атмосфера, без никаков резултат на фронтот.

Затоа сега „зема здив“ кој и е потребен и на украинската војска, но Украинците не се оние од 2014 година. Нивните воени сили се подобро опремени, а и многу повеќе мотивирани за пресметка со Русите, отколку на 24 февруари. Тие дури во некои сегменти се и пред руската војска, па овие експерти веруваат дека Украинците би можеле и да го издржат притисокот на руската контра офанзива на југоисточниот фронт

Војната, затоа, продолжува и во новата 2023 година- на Русите по секоја цена им треба победа, а  на Украинците да ја вратат контролата врз целата нивна државна територија. Некои аналитичари веруваат дека тоа би можело да се случи.

Најважно- битката за Мелитопол

Прво, затоа што Украина веќе досега покажа и невидена храброст и издржливост, а има и силен мотив – да им се одмазди на Русите за уништувањето на нивната земја. Второ, затоа што Западот за прв пат досега , покажува и спремност и одлучност да не и се дозволи победа на Русија- по долги години постојано попуштање и толерирање на агресивноста на Москва, со Путин на чело на државата.

За ваквата варијанта за војната, важно е Западот да остане доследен и подготвен да и помага на Украина. Едноставно,  да не се дозволи победа на агресорот во неговата империјална војна за нови територии, како и победа на авторитарноста над демократијата и слободата на изборот на патот кон иднината.

Но, се смета дека за тоа мора да има разврска на фронтот, а како  клучен момент експерти ја посочуваат  битката за Мелитопол. Доколку Украинците го освојат ој град на југоистокот, тогаш им се отвара патот одново да излезат на Азовско Море и што е важно и да им ја прекинат на Русите копнената врска за Крим.

Чекајќи да се прекрши нешто во Русија

Експерти на Кралскиот колеџ од Лондон, меѓутоа, се поскептични во тоа дека војната може брзо да заврши со победа на Украина.

Според нив, земјата и луѓето , сепак, се  исцрпени и од војувањето и од бруталните бомбардирања, што предизвикува делови од земјата да останат без струја, греење и вода. А, токму таквото исцрпување на Украинците е целта на Путин- за да го натера Киев на предавство и на капитулација во која Кремљ ќе диктира услови за некаков мир.

За договорен мир, во секој случај, една од страните ќе мора да се откаже од своите сегашни барања.

Затоа, за експертите на Колеџот, клучна работа е „да се прекрши нешто во самата Русија“ и за тоа тие се повикуваат на примери од минатото. Она на Американците во Виетнам, како и на СССР ( Русија) во нејзината војна во Авганистан.

И двете војни завршија откако Вашингтон ( Кисинџер со претседателот Никсон) и Михаил Горбачов , како советски лидер, прифатија дека направиле – погрешна проценка. Затоа и се определија на повлекување.

Признание на погрешната проценка

Тоа значи прекршување во украинската војна би настанало кога Путин  ќе признае дека направил погрешна , проценка- дека Украина ќе биде прегазена за десет денови“, како и дека руските „ослободители“ ќе бидат пречекани со воодушевување во Киев.

Тешко е да очекува од рускиот претседател- таков каков што е-  да признае грешка и да први компромиси. Тој е опседнат со тоа дека Украина е „негова земја“ и дека тој ја „ослободува“ од некакви „нацисти“ кои така ги означува затоа што се свртени кон Западот, кон Европа и кон ЕУ и не сакаат и натаму да бидат руски сателит- како Белорусија.

Во секој случај, за британските експерти е важно-  Западот да остане цврсто на определбата дека ќе ја помага Украина се додека е тоа потребно и покрај притисоците во сопствените држави- поради трошоците за војната и кризата на европските економии.

Украинската војна, како и да е, не само што се префрла во годината која настапува, туку веројатно е дека ќе се развлече и низ целата 2023, додека не се најде формула за договор за мир. Малку е веројатно дека тоа може да се направи со Владимир Путин.

(Скопје/Глобал)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе