САД против повлекување на признанијата за Косово
Високиот советник на американскиот Стејт департмент Дерек Шоле изјави во Вашингтон дека САД „гледаат со неодобрување на кампањата за повлекување на признавањето на Косово (како независна држава), бидејќи во тоа гледаат само одвраќање на вниманието, а тоа не е во духот на трагањето по изнаоѓање пат за чекорење напред“.
Според американскиот дипломат, таквата политика ( на Белград) воопшто не е во склад со предлогот на ЕУ за повторно заживување на српско-косовскиот дијалог, што инаку се води подолго време.
„Тоа не придонесува за приближување во остварувањето на евро-атланските аспирации и на двете земји, што нивните лидери велат дека сакаат да го постигнат. Затоа САД сакаат сите заеднички да се насочат на тие и такви амбиции , а не на политика и кампања со која вниманието само се свртува на друга страна“- има речено Шоле.
„Кампањата му штети на дијалогот“
Изјавата е дадена пред неговата посета на Западен Балкан и на Скопје, Приштина и Белград, предвидена за првата половина на јануари, а по силната промоција во српските привладини медиуми на „успешната кампања“ на Србија за тоа- земјите кои веќе го имаат признаено Косово, да го повлечат признанието.
За тоа се пофали претседателот на државата Александар Вучиќ, инсистирајќи дека Приштина ја губи битката за меѓународна афирмација на државата, преку влегувањето во некои од најважните меѓународни форуми, а пред се, во ОН. Во меѓувреме, неговиот шеф на дипломатијата навести дека уште една земја се подготвува тоа да го направи.
Според претседателот, станува збор за девет земји (претходно се зборуваше за 15), а белградските опозициски медиуми открија дека тоа се Сомалија, Либија, Габон, Буркина Фасо, Гвинеја, потоа три карибски островски земји- Барбуда, Света Луција и Антигва, како и Малдивите, мал архипелаг во Индиски Океан.
Белградските аналитичари, цинично забележуваат дека оваа кампања што ја има покренато сегашниот министер Ивица Дачиќ, уште пред неколку години , додека и тогаш ја раководеше српската дипломатија, значи само обид да се остави впечаток во домашната јавност за “силната борба на власта за да остане Косово српско и дел од територијата на Република Србија“.
Игрите на Белград и Приштина
Се смета дека оваа политика нема (практично) никаков ефект за да се измени сегашната состојба- Косово се смета дека е трајно загубено уште во времето на режимот на Слободан Милошевиќ, со потпишувањето на Кумановскиот договор од 1999 година. Според него, Србија самата целосно се повлече од косовската територија, препуштајќи ја територијата на локалните власти на косовските Албанци.
Уште помалку, нешто значајно ќе се постигне со повлекувањето на признанијата на косовската независност од овие земји. Посебно африканските , кои се водени од диктаторски режими, а сите се крајно политички нестабилни и со неизвесна иднина- најмногу една Сомалија , или Либија.
Инсистирањето на кампањата ( за која зборува американскиот дипломат), во основа, претставува само „вратка“ на Белград, на настојувањето на Косово да излезе на меѓународната сцена- со декларацијата за влез во ЕУ, за влез во Советот на Европа и за членство во ОН.
А, кампањата е , секако, дел од продолжената политиканска игра за и околу Косово меѓу српскиот претседател и косовскиот премиер.
Одржување постојана криза
Всушност, оценка на европските дипломатски и политички експерти е инсистирањето на Белград да се одржува една постојана криза, која веќе е закана и за регионот на Западен Балкан , посебно кога станува збор за европските интеграциски процес.
Српската страна, едноставно, настојува од Косово да направи „дежурна криза“ на Балканот и во Европа – за да се одбегне, не само признавање на независно Косово, туку и нормализација на меѓусебните односи, без формално признавање- што стана барање на ЕУ и на САД.
Постојано се измислува нешто ново, за да наместо за нормализацијата, се разговара за изгледот на сообрачајните таблички за возилата, за трагање на нлокадите што косовските Срби ги поставуваат на граничните премини кон Република Србија, се манипулира од Белград со т.н. Српска листа ( српска партија која е под директна контрола на Белград и на српскиот претседател), како и со разните безбедносни инциденти , постојано инсистирајќи во српската јавност да се покаже- „грижата за Србите на Косово“.
Нормализацијата на дневен ред
Актуелниот косовски премиер Албин Курти, борејќи се за својот рејтинг во косовската јавност , настојува да го постигне она што што не се успеа во изминатите години од 2008 и прогласената независност, но излегува дека постојано влече избрзани потези.
Легитимни се настојувањата на Приштина да се заокружи независноста и да се вопсостави целосна легалност на владата врз целата територија на Косово. Тоа значи и северно од реката Ибар, каде се одржува српската власт- од табличките за автомобилите, до директното мешање во локалните работи.
Меѓутоа, тоа го правии со избрзани изјави за кои се знае дека не може да ги направи, како тоа дека косовската специјална полиција насила ќе навлезе на северот од Косово, иако за тоа му треба дозвола на КФОР.
Она што успеа да го наметне, ризкувајќи и помал воен конфликт, е да ја натури темата за нормализација на односите , која веќе е ставена на масата .
„Нема размена на територија“
Во Белград се настојува да се остави впечаток како таа да не постои. Односно, како да нема конкретен европско-американски предлог (планот на Франција и Германија) за кој доааѓа и Дерек Шоле, а претсојат посети и на двоецот Лајчак-Ескобар и на специјалните пратеници на Емануел Макрон и Олаф Шолц.
Српската страна побрза тоа да го минимизира со изјави во стилот- „страшните ѕверки“ доаѓаат во Белград за да притискаат и собра поени кај антиевропскиот и антиамериканскиот блок во Србија. Во Приштина, пак, Курти му прати порака на Белград да се откажат од замислата за размена територии- косовскиот север за реонот на Прешевска долина и Медвеѓе, за што инаку се имаат согласено Дачиќ и Хашим Тачи (сега затвореник во Хаг) пред неколку години.
Американскиот дипломат, на сето ова, има речно дека од есента, е потрошено ( непотребно) многу време на таблички за возила и на подигнување и трагање барикади , наместо на водењето дијалог за важните прашања на идната на двете земји и на регионот.
(И.Т.)