Алексис го налути Кремљ
Една дипломатски срочена и пригодна видео порака на лидерот на партијата Сириза и екс премиер на Грција Алексис Ципрас, за конгресот на српската социјалистичка партија (СПС) предизвика бура во српската јавност и гнев на Кремљ , откако рускиот амбасадор во Белград предизвика инцидент, демонстративно напуштајќи го конгресот.
Александар Боцан-Харченко налутено заминал од салата, незадоволен што Ципрас- остро ја има осудено инвазијата на Русија врз Украина, повикувикувајќи на единство и на заедничка борба на левите и на прогресивните сили во Европа-„ сега кога во Европа е распалена војна, после незаконската руска инвазија која има предизвикано илјадници загинати и убиени и милиони бегалци“.
Според Алексис , на левите сили им претстои борба за мир и за прекинување на нелегалната инвазија од страна на Русија и за враќање кон дипломатијата.
Руска ароганција
„Мораме да се бориме за мирно разрешување на оваа и на сите кризи- било каде тие да се појават- врз основите на заеднички прифатливи решенија и без еднострани акции“- рекол меѓудругото поранешниот грчки премиер, порачувајќи дека решение преку дипломатски средства треба да се бара и за Косово и за европската перспектива на Србија.
Сама за себе пораката испратена од Атина до една сестринска партија во Белград и интегрално погледната нема ништо страшно за да се разгневи гостинот на конгресот- дипломат на една странска земја, да не е тоа руски амбасадор.
Со својот гест тој само ја има покажано ароганцијата на путинова Русија, како и фрустрацијата која едвај се сокрива, поради меѓународната изолација во која се наоѓа земјата, после со ништо непредизвиканата агресија врз една суверена и соседна држава. Правејќи му притоа проблеми и на лидерот на СПС Ивица Дачиќ , кој во Белград се означува како „најпроруски определениот српски политичар“ кој одново е шеф на српската дипломатија.
Револтот на амбасадорот
Во своето толкување на инцидентот, дадено за медиумите Харченко рекол дека „бил принуден да го напушти конгресот“ во знак на револт поради (емитуваната) порака на- како што го означил- „грчкиот опозиционер Ципрас“
„Гркот тргна да зборува со неосновани и лажни обвинувања на сметка на Русија. Тој почна да ја навредува и да го валка угледот на мојата татковина“- има речено налутено рускиот амбасадор.
Во владините, силно проруски медиуми , инцидентот што го има предизвикано овој странски амбасадор било премолчено. Варојатно, како поради Русија и специјалните партнерски односи на Белград со Москва, така и поради лидерот на СПС.
Но, проевропските медиуми не само што не го сокрија случајот , туку и го објавија обраќањето на Ципрас, со намера да се види дека во него нема ништо „лажно и клеветничко“ кон Москва, како и за да му се покаже на русофилскиот дел од домашната јавност каква е денешна Русија и каков е нејзиниот однос кон Србија.
Таа јавност целосно застана со подршка за грчкиот политичар.
Нови барања на Москва
На социјалните мрежи реакциите беа дека – „вистината боли“ и дека „доколку на амбасадорот му пречи вистината, нека си оди дома во Русија“. Другиот дел од реакциите беа упатени кон домашната политика – за тоа дека и натаму се нема храброст да се стави крај на руското мешање во српските внатрешни работи и да се санкционира земјата што изврши агресија.
Од политиката и од владата реагирал само лидерот на СПС кој се оправдувал дека не можел ништо да направи , односно дека неговата партија не може да ги цензурира излагањата на странските гости на конгресот и поздравните пораки- како онаа на Алексис.
Дачиќ, притоа, порачал дека „Србија (сепак) нема да ги наруши своите односи со Русија и Кина“. Што ќе рече дека и покрај она што го има кажано “Гркот опозиционер“- налутениот Кремљ не треба да се грижи дека Белград ќе ги послуша заложбите на лидерот на Сириза.
Настанот е од пред крајот на претходната година, но во Белград тој одново се актуелизира по откривањето дека рускиот амбасадор, набргу по случајот со Алексис, од Москва има пренесено ново барање за Белград.
Станува збор за тоа- Србија да не учествува на меѓународни собири и конференции на кои би се судело на Русија за инвазијата.
„Погрешно стратешко партнерство“
Еднаш, на Кремљ тоа му успеа, па српскиот Парламент не беше застапен на Самитот во Загреб (Кримска платформа), како единствен од Европа. Сега се бара Србија да не учествува на сите форуми на кои не е повикана и Русија, како што се Самитот за демократија, Советот на европската политичка заедница , меѓу другите, како и на сите други на кои се расправа за Русија и за нејзината агресивна политика што ја дестабилизира Европа.
Белградски политички експерти велат дека тоа е така кога на Владимир Путин и на Москва ќе им дадеш прст- во следната прилика тие ќе ја побараат раката и предупредуваат дека руската страна ќе ги интензивира своите притисоци и барањата кон Белград.
Според експертски толкувања, тоа е последица на одлуката да се направи стратешко партнерство со Русија која и дава за право кон Србија да се однесува така како што се однесува кон една Белорусија.
Од Кремљ ,затоа, се очекува да доаѓаат нови барања. Дури и да се запрат преговорите со ЕУ , што се смета дека е одраз не само на типичната руска ароганција, туку и тоа колку оваа земја е потресена со меѓународната изолација поради агресијата врз Украина.
„Гревот“ на Ципрас
Сето тоа ја открива и вистината на односот на Москва која полека ја претвора Србија во свој вазал на Балканот , кому ќе диктира однесувањето на меѓународната сцена. Во исто време од својот амбасадор Харченко ќе прави некаков царски губернатор кој ќе ги пренесува руските барања, настојувајќи тие да добијат гласност во српската јавност.
Наводно, сето тоа ќе се прикажува како одржување на традиционално блиските врски на двете земји , на големото пријателство на Русија и Србија и на силната подршка што Москва ја дава околу ситуацијата во Косово и настојувањето на ЕУ/САД да се затвори до крајот на оваа година тоа прашање. Токму поради деструктивното однесување на руската страна кон Западен Балкан и провоцирањето кризи во регионот, меѓу другото и преку одржувањето на нестабилноста на Косово, што Москва сака да трае до недоглед.
Затоа, Алексис Ципрас излезе кабаетлија, иако го кажа она што секој нормален и мирољубив човек би го рекол за инвазијата и војната и за потребата таа да се запре.
Кремљ ( со Путин), меѓутоа, нема никогаш да му прости на грчкиот полиичар што со својата политика за правење компромис и за дипломатско решавање на споровите, го затвори три деценискиот спор на Атина и Скопје околу употребата на името Македонија.
Враќање на империјалната политика
Со историскиот договор од Преспа, Ципрас ( и тогашниот македонски премиер Зоран Заев) го растурија рускиот план за контрола на југот на Балканот, бидејќи решавањето на спорот значеше влез на Македонија во НАТО и почнување на преговорите за влаз во ЕУ.
Кремљ на тоа остро се противеше, па тој отпор отиде толку далеку што во Скопје се направи обид за пуч, за да не се смени дотогашната власт на македонските националисти кои им ја дадоа Македонија на Русија -како на послужавник. Во Грција, пак, со помош на крајно десничарската Златна зора, се изведуваа насилнички антивладини протести во Солун- платени и потикмувани со руски пари.
Се обиде тогаш Кремљ дури да искористи и делови од грачката црква за руската кауза , а против македонско-грчката спогодба за прекинување на непријателството околу „спорот за името“, на што Ципрас реагираше со јавно обвинување на Москва. Мирољубивоста и спремноста за компромис, сепак, ја поразија империјалната политика од времето на царска Русија, што Путин сака да ја врати на меѓународната сцена.
Врз таа основа страдаат Украина и Украинците, а на Западен Балкан се продолжува со дестабилизирање на регионот. Преку БиХ според „молдавското сценарио“ и со косовското прашање – за одржување постојана криза- од што може да се случи, најмногу да загуби Србија.
(Спектатор)