Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Православна паричка за Андреј Пленковиќ

Православна паричка за Андреј Пленковиќ

Во екот на изнасилената, непотребна криза за и околу Косово, српскиот шеф на дипломатијата Ивица Дачиќ,  неочекувано,  се најде во Загреб и тоа токму за време на православниот Божик.

Официјално, само како гостин на приемот организиран од Српскиот народен совет (СНС) во Хрватска.Но,  на приемот, српскиот патријарх Порфирије кој исто така допатува во хрватскиот главен град, го пресече божикниот колач со паричка, а паричката му припадна на премиерот Андреј Планковиќ кој со својот министер за надворешни работи  (Горан Грлиќ-Радман) беше гости на приемот. На тој начин , славењето на христовото раѓање според православните обичаи, во една силно католичка земја, доби друга димензија.

Посетата иако неформална, ја најави самиот Дачиќ. Тој пред крајот на изминатата година соопшти дека од претседателот на Србија добил задача, преку лидерот на хрватските Срби и во координација со лидерот на хрватската етничка заедница во Војводина , да уредат посета на Загреб. Единствена цел на посетата , требаше да биде настојувањето да дојде до топење на длабоко замрзнатите српско-храватски односи.

Гости од Белград – за Божик

Веднаш по тоа, како во Загреб, така и во Белград, почнаа нагаѓањата околу тоа што значи ваквиот потег на српската страна.

Пред се, дали Дачиќ познат по својата  националистичка реторика и тврдиот однос кон српските соседи, посебно кога е Хрватска во прашање, може да ги подобрува односите со Заграб, од каде исто така, со години на ред, се одржува тврда позиција кон Белград и кон српската надворешна и внатрешна политика.

Посебно кога станува збор за војната на тлото на екс Југославија, операцијата „Олуја“ за кршењето на воениот  отпор на Србите во Книнска краина и нејзиното помпезно прославување, што редовно се пречекува „на нож“ во српската јавност,  потоа за Јасеновац , или за злосторствата на српските паравоени сили во реонот на Вуковар, во деведестите години на 20 век.

Втората работа околу посетата беше дилемата- зашто таа се случува сега. Во  време кога Србија и нејзиниот државен врв се соочува со притисокот  да почне да се преговара со Приштина околу нормализација на односте меѓу двете соседни земји, како што зборуваат ЕУ и САД, за што се поставува и рок , на што Белград се спротивставува.

Можност за релаксација на односите

Односно, дали одлуката да се испрати Дачиќ на еден набрзина смислен настан, не претставува само политички маневар на Белград,  обид да се сврти вниманието од Косово и да се поправи имиџот на Србија, откако во Европа таа  се почесто се означува како предизвикувач на нестабилност во регионот.

Како и да е, без разлика што и да е мотивот, посетата ( прва по подолго време) е оценета како значаен момент и за двете страни. Како  важен чекор да се поправат работите и да се отвори пат за постепено релаксирање на српско-хрватските односи, иако и покрај тоа што околу  божикниот колач се собраа   двајцата министри за надворешни работи, хрватскиот премиер, српскиот патријарх, како и лидерите на двете етнички заедници во двете соседни земји, не беше одржана никаква билатерална, политичка средба.

Останува, значи,  да се продолжи и натаму, со повеќе енергија и со спремност за договарање и правење компромиси, да се надминат големите разлики меѓу двете соседни земји, од едната е во ЕУ, а од 1 јануари и во Шенген и во еврозоната, а другата постојано зборува дека останува на европскиот пат, но ништо не прави за да тргна по тој пат. Уште и тврдоглаво настојувајќи да остане седната на „две столчиња“- гледајќи кон Западот, но цврсто врзана за Истокот.

Потреба од помирување

Впечаток е , меѓутоа, дека продолжувањето на директната комуникација  ќе оди тешко.

Скептиците и на двете страни, велат дека тоа е дури и   невозможно, без една од страните да не прекине со „фаќањето кусур“ и со постојано обвинување на другата страна  дека таа не покажува желба за подобрување на односите.

А, она што прво треба да се направи, тоа е да дојде до помирување на Србија и Хрватска, онака како што тоа се случуваше во Европа, по завршувањето на Втората светска војна. Онака како што направија Франција и Германија и другите од Западот, со новата германска држава, по падот на нацизмот.

Само благодарејќи на помирувањето , седум години по војната  се создадоа првите европски интеграции, никулците на идните европски интеграциски процеси, а 12 години од војната се формира и Европската економска заедница (ЕЕЗ) од која се создаде сегашната Европска Унија.

Национализам и омраза

На релацијата меѓу Белград и Загреб ( а и на Балканот), сепак,  се уште доминира национализмот , омразата едни кон други и недовербата, иако веќе 32 години не постои Југославија , а целиот Балкан ( освен регионот што сега се означува како Западен Балкан) е дел од ЕУ.

Србите и Хрватите и натаму се гледаат како непријатели и се уште се третираат како „усташи“ и „четници“. Меѓусебно  се обвинуваат за сторени воени злосторства во војната на југословенско тло од пред 30 години и се бројат убиените во логорот Јасеновац од Втората светска војна, завршена во 1945 година.

Ништо немаше да има од Обединета Европа, моќна политичка и економска заедница од 450, милиони жители- 100 милиони повеќе од САД и 300 милиони повеќе од Русија – доколу не се случеше  француско-германското помирување.

Во седумдесет години ( меѓу втората половина на 19 век и 1945) Французите и Германците на три пати војуваа- еднаш  директно меѓусебе, а два пати во светски војни. Беа разделени со Мажино и Зигфрид линии, на фронтовите и во логорите низ Европа загинаа милиони војници и цивили, после последната војна останаа во урнатини и на работ од банкрот, исцрпени од војувањето .

Но , и покрај тоа, Французинот Шарл де Гол и Германецот Конрад Аденауер, првиот повоен демократски германски канцелар, одлучија да дојде до помирување.

Исполитизирана историја

Го сторија тоа  во францускиот град Ремс, во катедралата што германската војска целосно ја има уништено . Во интерес на иднината- и својата и на континентот- двајцата политичари се определија да се измират и да си ветат дека никогаш повеќе нема да војуваат.

Не заборавајќи, притоа, кој на која страна бил во војните и кој, зошто и за каква кауза војувал. Тие работи, едноставно, и ги оставија на историјата која и онака, без мешање на политиката, има определено што се случувало во минатото.

На балканските простори, за жал, тоа не оди по овој терк, колку и денешна, обединета Европа да се обидува да го европеизира просторот.

Минатто и историјата до бескрај се исполитизирани и злопотребувани од националистите кои и натаму се множат, труејќи ја и генерацијата која не ја памети Втората светска војна  и генерацијата које е родена по распадот на Југославија, што се случи за да секој живее во својот атар, без да му пречи на соседот.

Претседателот навива против

Меѓусебната омраза, сепак,  и натаму остана.

Затоа и се случува во Хрватска да се навредуваат и напаѓаат српските туристи, или намерно да се оштетуваат нивните возила. Затоа, еден поранешен градоначалник на Нови Сад, сега српски министер, ќе го прогласи како антисрпски и непатриотски акт одењето на српските граѓани на летување  во Хрватска.

Затоа, во главниот град на Војводина ќе бидат  натепани двајца актери од Загреб, дојдени на гости, бидејќи зборувале  хрватски, а претседателот на Србија, јавно ќе признаена дека на натпреварите од неодамна завршениот Светски куп во фудбал, во Катар,  навива против хрватската репрезентација .

Според тоа има многу што треба да се поправи и да се менува, па за почеток би било добро да се измени наративот-  во медиумите и кај политичарите.

Далеку се Франција и Германија

А, Ивица Дачиќ , веднаш по враќањето од Загреб има речено дека – „не му се допаднало она што го рекол Пленковиќ во обраќањето на божикниот прием“,  бидејќи хрватскиот премиер зборувајќи за унапредување на билатералните односи има речено дека „помирување треба да има и тоа да се направи врз факти и вистината“.

Српскиот министер, пак, одговори  од Белград во едно “наменско“ ТВ интервју, бидејќи во Загреб одмолчел . Дачиќ  има речено дека  може да има топење на мразот , но дека  тоа – „не може да се случи доколку Загреб сака да го превоспитува Белград“,  кога станува збор за менување на мислењето на српските толкувања за историските настани. Во подалечното и поблиското минато.

Очигледно е дека во ваквата , постоечка атмосфера, за помирувањето на Србија и Хрватска ќе  треба многу повеќе време околку што тоа им беше потребно на Франција и Германија кои од непријатели се претворија во моторот на Европа и на европското обединување.

(И.Т.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе