„Повлечи се од Украина, или ќе те тргнат од власт“
Претседателот на Чешка на заминување, Милош Земан кому во март му истекува и вториот едно по друго мандат, има изјавено дека рускиот претседател треба да ја повлече својата војска од Украина, затоа што на среден рок, доколку остане во војната, може да очекува дека ќе биде тргнат од власт- било од страна на армијата, било од руската олигархија.
Во интервју за еден чешки весник, Земан има речено дека станува збор за пријателска порака до Путин.
„Никој не бара од него да ја признае својата грешка, или пак да се удира по градите, фалејќи се. Но, со повлекувањето , фактички би можел да признае дека ова беше непотребно“- рекол чешкиот претседател.
Војската или олигарсите
Тој притоа признава дека сето ова изгледа нереално – односно дека не е за верување повлекувањетоа на руската војска- но го предупредува претседателот на Русија дека на крајот неславно ќе помине- насила ќе биде соборен од неговите.
„Не е исклучено дека доколку остане на украинска територија, многу е веројатно да го тргнат војниците кои се изложени на порази и имаат впечаток дека сето тоа е последица на слабото политичко раководство. Но, може да го соборат и олигарсите кои до инвазијата му беа верни и лојални, а сега и тие го плаќаат цехот за агресијата, со меѓународните санкции, со нивниот запленет имот што им го одземаат во многу земји, како и со тоа што продолжувањето на војната им наштетува на нивните интереси“- рекол Земан.
Не е прв пат, странски политичари, дипломати или воени и политички експерти, па и некои од руските , сега побегнати во странство, да предвидуваат ваков крај за моќникот од Кремљ- за Владимир Путин.
Меѓутоа, ова е прв пат, чешкиот претседател кој десет години остана на претседателската функција, да му суди на рускиот претседател. Уште и да предвидува дека би можело насила да биде тргнат од Кремљ.
„Наш човек во Храдчане“
Земан е политичар од комунистичкото минато на поранешна Чехословачка, па во својата земја и во Европа важеше за проруски човек, а беше познат и како пријател на Путин што не го сокриваше, дури и фалејќи се околу тоа. После освојувањето на неговиот втор претседателки мандат, руските медиуми воодушевено ја имаат поздравено неговата победа. Во 2018 година, дека Земан е „нашиот ( руски) човек во замокот Храдчане во Прага“ – службена резиденција на претседателите на Чешка.
Дури и по инвазијата од февруари 2022 година, тој продолжи да биде повеќе критичен кон Западот и кон ЕУ , несогласувајќи се секогаш со острата реакција на Западот кон путинова Русија, отколку кон другата страна, инсистирајќи дека не би требало да се прекинат сите врски со Москва. Притоа, често пати критикувајќи и определени потези на чешката влада.
Таквиот негов однос кон Кремљ и кон Путин предизвикуваше неразнирање во Европа, затоа што во август 1968 година, армијата на СССР, заедно со војската на сите комунистички земји (освен Романија) од тогашниот источен воен блок (Варшавскиот пакт), извршија брутална инвазија врз Чехословачка.
Економска дипломатија на Земан
Беа соборени дотогашните лидери на КП кои само заговараа „социјализам со човечко лице“ ( налик на Југославија која силно се спротивстави на инвазијата, ризикувајќи и самата да биде нападната, како одмазда на Москва). Веднаш потоа во Чехословачка на власт беа вратени старите, догматски комунистички функционери, кои ја вратија линијата на советскиот модел на комунизмот во земјата.
Претседателот Земан сега не зборува за тоа време, но во интервјуто во весникот настојува да се оправда за својата политика и за блискоста кон Путин. Според новото толкување, неговиот однос кон рускиот претседател претставувало – „економска дипломатија“ , бидејќи Русија била извозник на енергија и суровини за чешката индустрија.
„Црвената линија“ Путин ја прекорачи дури после агресијата брз Украина, бидејќи станува збор за нешто пред кое и економската дипломатија мора да се повлече“- има речено Милош Земан.
Брутално казнување на Украинците
Интервјуто и поинаквото гледање кон сегашната руска реалност, предвидувајќи дури и насилно трагање на власт во Кремљ, доаѓа во време кога Путин дури и ја засилува својата бруталност кон Украина и Украинците.
Станува збор за времето кога на фронтот, платениците на паравоената група „Вагнер“ безмилосно убиваат и уништуваат се што ќе им се најде на патот , при што претседателот на Русија ја фали и ја брани нивната суровост на која, дефинитивно, може да им позавидат и некогашните хитлерови, нацистички војници.
Земан се брани себе си пред да замине во пензија и во историја, во време кога руските војници уништуваат станбени блокови во кои живее украинското население и кои не се никакво воени цели- само за да се казнат Украинците кои одбиваат да се предадат.
Наместо повлекување, кое го сугерира чешкиот претседател, Путин зборува за некаков мир и за дијалог, иако не зборува со кого. Но, тоа морало да биде според диктат на Москва- само ако Киев ја признае „ новата територијална реалност“, или што ќе рече- ако анектираните украински области прифати дека сега се руски.