Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Избеган „вагнеровец“ бара азил во Норвешка

Избеган „вагнеровец“ бара азил во Норвешка

Поранешен командант на единица на руската паравоена група „Вагнер“ , бара азил во Норвешка , откако побегнал од единицата, а потоа два месеци се сокривал на руска територија, пред да побегне преку граница.

Андреј Медведев (26) ја минал  руско-норвешката граница , бегајќи пред специјалните сили на руската тајна служба (ФСБ), тврдејќи притоа дека бил прогонуван додека специјалците пукале по него. По влегувањето на норвешка територија, бил заробен од норвешките граничари и одведен во притвор. Обвинет е за илегално минување на границата, но властите не ја откриваат неговата локација- од безбедносни причини.

Бегство од единицата и од Русија

Според изјавата на неговиот норвешки адвокат, доделен по службена должност, Медведев побегнал од  единцата на „Вагнер“ откако бил сведок на злосторствата на неговите соборци во Украина. Сега бил подготвен за да сведочи во процес за сторени  воени злосторства на оваа приватна војска на Евгениј Пригожин, близок човек на рускиот претседател.

Норвешките власти потврдија дека „руски државјанин влегол во земјата“, не давајќи други детали, освен дека Русинот веднаш побарал политички азил.

Руската НВО Гулаг, која му има помагано на бегалецот да се сокрива од руските власти, но пред се, од казнените групи на „Вагнер“ , во својата изјава објаснува дека Медведев се зачленил во паравоената група во јули 2022, на договор, како платеник.

Но,  се одлучил да дезертира кога видел што се случува и кога открил како „вагнеровци“ се однесуваат на боиштето, односно какви злосторства извршуваат кон заробеници и цивили во Украина.

За него  се знае дека е поранешен руски војник кој по излегувањето од војската се нашол во затвор, од каде подоцна се префрлил во „Вагнер“.

Сведок на воени злосторства

Неговиот адвокат сега има изјавено дека Медведев бил сведок на брутална ликвидација на дезертери од оваа паравоена група, што го натерало да избега  и да бара начин како да се префрли некаде на Западот, како и тоа дека со себе има понесено  докази за злосторствата на приватната војска на Пригожин.

„Вагнер“ од своја страна има реагирано со свое соопштение во кое се потврдува дека Медведев е поранешен припадник на групата. Но,  се тврди дека бегалецот (наводно) има и норвешко државјанство, а дека во војската на Пригожин се пријавил како платеник од редовите на Скандинавците  кои се борат на страната на Русија , против Украина и Украинците. Уште и обвинувајќи го дека е „мошне опасен човек“.

Адвокат на Медведев, меѓутоа, ги отфрла сите овие контра-обвинувања и тврдења како –  измислици и лажни приказни за да се прикрие вистината за паравоените руски единици кои војуваат на украинска територија, заедно со руската војска и за да се наклевети бегалецот.

Регрутирани криминалци и убијци

Платениците на „Вагнер“ сега сочинуваат десет отсто од руските единици кои војуваат во Украина. Според украински и британски експертски сознанија, „вагнеровци“ ги имаат извршено злосторствата во екот на борбите околу индустрискиот комплекс  „Азовстил“, а дека, токму тие, а не руската војска, го зазедоа градот Соледар, во минатата недела, во југоисточна Украина. што инаку е првиот руски успех на фронтот по подолго време.

Илјадници од овие платеници се регрутирани од руските затвори. Станува збор за тешки криминалци и сурови убијци на кои за шестмесечен договор со „Вагнер“им се нуди можност да се најдат на слобода. Доколку останат живи на фронтот.

Меѓу платениците има странци ( велат и од Балканот), се вели дека повеќето се поранешни руски војници кои веќе се оспособени за војување. Пред инвазијата врз Украина беа само неколку илјади и за прв пат за нив се слушна во 2014 година, кога беше покренат бунт во Донбас, наводно, за заштита на локалните Руси.

Во служба на Кремљ

Сега веќе се знае дека практично „вагнеровци“  војуваа против тогашната украинска војска, која лесно и брзо ја потиснаа од Истокот на Украина, на која Москва веднаш создаде квислиншка власт.

Потоа, „Вагнер“ и Пригожин добија меѓунардна задача- да интервенираат на фронтовите на Блискиот Исток ( во Сирија) и во Африка ( Либија, Мали и Централно Африканска Република) – како дел од новата геополитичка стратегија на Кремљ.

Случајот со бегалецот Мадведев , доаѓа во време кога европски воени експерти истражуваат што е причината за  неочекуваната смена на досегашниот главен командант на руската инвазиона војска Суровкин,  со актуелниот началник на Генерал штабот на Русија, Герасимов.

Проценка е дека крајната цел на ваквата операција на Владимир Путин е – „поткастрување на крилјата“ на „Вагнер“ и на Евгениј Пригожин. Во Кремљ се смета  дека „вагнеровци“ се прилично осилени, а дека нивниот газда станува заканувачки амбициозен.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе