Кина (за прв пат) со намалено население
Кинеската популација, за прв пат по повеќе од 60 години, е намалена, според признанието и на државната статистика во Пекинг.
Станува збор за официјална потврда за нешто за што се зборува уште од времето пред последниот конгрес на КП на Кина- дека најнаселената држава во светот се соочува со сериозна демографска криза која се заканува да ја погоди домашната економија во секторот на работната сила, што пак, може директно да влијае врз вкупниот кинескиот економски раст, кој и онака стагнира , или назадува во некои сектори.
Ваквите демографски состојби , што досега не се елаборираа во јавноста, експертите ги објаснуваат со поскапувањето на животот во Кина, со поскапувањето на одгледувањето деца, со зголемување на бројот на жените вклучени на разни работни места, но и со желбата на Кинескињите за повисоко образование.
Смртноста повисока од наталитетот
„Кој сега воопшто може да размислува за деца.Невработеноста е голема, коронавирусот уништи се што можеше, па сега е тешко било што да се почне.Особено што 2023 година ќе биде и потешка , бидејќи се очекува досега најголем пад на економскиот раст и на развојот“- има изјавено една млада жена од Шангај.
Според државната кинеска статистика, на крајот од 2022 година, државата имала 1,4 милијарди население, што е за над 850 илјади поналку во споредба со претходната година. Во 2022 се родиле 9,5 милиони деца, а починале над 10,5 милиони лица.
Последен пат ваква ситуација е регистрирана во далечните шеесети години на 20 век, кога Кина беше соочена со најголемиот глад во поново време, како последица на (промашената) и катастрофална политика на Мао Цетунг во земјоделството- позната во современата кинеска истиорија како „Голмиот скок напред“.
Напуштена политиката на едно дете
Кога станува збор за наталитетот и политиката на власта, Кина заврши со нејзината „тврда“ политика за само едно дете- воведена во осумдесетите години на 20 век- поради стравот што се појави поради заканата од пренаселеност и од неможноста на земјата да ги го прехрани своето население, која траеше триесетина години.
Наместо тоа, од 2016 година беше воведена нова демографска политика – дозволувајќи им на младите семејства да имаат најмногу три деца. Новата определба, меѓутоа, не го запре намалувањето на наталитетот , од истите причини поради кои се бележи и сегашниот демографски пад.
Затоа, експертите во Кина, како и оние во странство се согласуваат дека власта во Пекинг мора целосно да ја смени својата стратегија- економијата и нејзиниот раст да престане да ги врзува за демографските движења и наместо тоа растот да го определува со зголемувањето на продуктивноста.
Жените не сакаат да бидат мајки
Медиумите откриваат дека веста за намалувањето на населението во НР Кина има предизвикано голема бура на (инаку) цензурираните социјални мрежи и на целиот интернет. Реакциите на младата генерација била дека во денешна Кина е „исклучителен напор да се одгледува и само едно дете“, најмногу затоа што од ѓената бара да се откаже од многу работи кои би сакала да ги направи.
На друга страна и со сосема понакви позиции се оние ставови за кои се вели дека се диригирани од власта- за тоа дека „без деца и државата и кинеската нација ќе исчеџзнат“, или дека „да се има дете е општествена одговорност“.
Младите, пак, возвраќаат дека „децата и нивното одгледување не може да биде резултат на гола пропаганда“ и при тоа , многу млади кинески девојки имаат речено-ја сакам мајка ми, но јас нема да бидам мајка.
Основната забелешка е дека никој во Кина не се заинтересирал за тоа- зашто младите жени, потенцијални мајки, не сакаат да имаат деца, па дури дека не сакаат и да се омажат.
Демографскиот пад е многу повисок?
Од друга страна, независни демографски екперти не веруваат во објавените податоци на државната статистика и бројките што се презентирани на полетокот од оваа година. Сшпред нив ситуацијата е многу полоша. Тие уверуваат дека во периодот од пет години, меѓу 2016 и 2021 година бројот на новородени деца се намалувал по пет милиони секоја година. Тоа е и единствената причина за брзото стареење на кинеското население.
Медиуми откриваат дека во некои кинески провинции, посебно на југот од земјата, локалната власт настојува самата, без да го чека Пекинг , да најде реѓение за демографската криза. На младите им се нуди посебен бонус од по 10.000 јуани (околу 1500 долари) , како и плаќање на трошоците за децата до три годишна возраст.
Експерти, меѓутоа, оценуваат дека тоа е премалку, а можеби и е предоцна и инсистираат на сосема нова демографска и економска стратегија. Тие предупредуваат дека доколку нешто итно не се преземе ќе следи натамошно намалување на населението. На тој начин се прави и една проценка дека до 2100 година, населението во Кина ќе се преполови – до 590 милиони.