Петков тајно и помагал на Украина
Бугарија беше и останува најнеразвиената членка на ЕУ, но токму нејзиниот (поранешен) премиер Кирил Петков и тогашниот министер за финансии Асен Василев, ја помагале најмногу Украина во првите денови и недели руската инвазија – со нафта, со оружје и муниција. Залагајќи се притоа кај европските партнери итно да им се помага на Украинците, предупредувајќи ја притоа ЕУ на (лошото) бугарско искуство со Русија од времето на комунизмот, доколу се остават сами Украинците.
Станува збор за операција која Петков ја има изведено сосема тајно, без знаење на другите партнери на неговата влада.
Особено без знаење на оние за кои му било познато дека се наклонети кон руската страна, како и оние кои важат како русофилски определени и не сакаат да и се замерат на Москва без разлика што таа има извршено акт на агресија кон друга земја.
Наводно стравувајќи од руската казна. Потезите на премиерот Петков (велат) останале тајна и за шефот на државата , за кого во бугарската политичка јавност се тврди дека е „руски човек“ .
Окритијата на „Велт“
Угледниот германски весник „Велт“ сега, за прв пат, ги обелоденува сите овие тајни потези на Софија, разговарајќи притоа, како со Петков и со министерот Василев, инаку сопартиец на поранешниот премиер, така и со украинскиот шеф на дипломатијата Дмитро Кулеба кој ги има потврдено случувањата.
Весникот вели дека таквото однесување на бугарската страна , при крајот на февруари и на почетокот на март 2022 година, претставувало големо изненадување и за Киев, но и за Брисел.
За Украинците затоа што своето спасување – обезбедувајќи ги потребните резерви неопходната муниција за борба против Русите- го имаат остварено, неочекувано, добивајќи помош од Бугарија. Но, изненадена била и Европа која, знаејќи го дотогашното позиционирање на бугарските влади – да седат на „две столчиња“ – врзани за ЕУ, но притоа со ништо да не се замерат со Москва – не очекувала едно такво однесување на Софија и на нејзиниот, тогаш се уште нов премиер.
Борба со проруската пропаганда
Според „Велт“ , операцијата почнала со подигнување „завеса од чад“ , односно за залажување на домашната и странската јавност. На тој начин што Петков , веднаш по ивазијата, јавно инсистирал дека Софија нема да учествува во вооружувањето на украинската војска. Оправдувајќи го тоа со специфичниот однос на силите во бугарската политика, кога станува збор за односот кон Русија и кон проруската наклонетост на повеќето од бугарските партии.
Во исто време, тогашниот премиер морал да се бори со силната про-руска пропаганда на домашните политичари, вклучувајќи ги и негите партнери во владата- социјалистите- наследници на поранешните бугарски комунисти кои во времето на СССР важеа за најлојалните руски партнери во целио источноевропскиот комунистички свет.
Германскиот весник објаснува дека во такви услови, Петков морал да го смени и министерот на одбрана ( екс генерал и едно време технички премиер), поранешен шеф на кабинетот на бугарскиот претседател, поради неговиот силен проруски и антиукраински наратив.
Во исто време, продолжувајќи да остава впечаток дека Бугарија нема намера – своите големи резерви со оружје и муниција од советското време – да им ги дотури на Украина.
Тајни коридори
Играјќи на картата дека бугарската позиција е како онаа на Виктор Орбан, тогашниот премиер Петков и неговиот сопартиец Василев, имале направено и шема како помошта да и се дитури на украинската страна, а да не разбере никој и во Бугарија и во Москва, но и другите членки во ЕУ.
Користени се притоа повеќе коридори (воздушни и копнени) преку Романија, Унгарија и Полска, а се направени договори и со разни партнери кои се вклучиле во префрлањето на се она што и било потребно на украинската страна. На тој начин , речиси една третина од муницијата за која имале потреба Украинците во раната фаза од војната, била допремена од Бугарија и од нејзините воени резерви.
На сличен начин бугарската страна има префрлано и гориво во Украина, всушност, преработена руска нафта што Софија ја чувала како залиха.
Сега се открива дека поранешниот премиер , на првите состаници на ЕУ, по инвазијата , има побарано од сојузниците во Унијата итно да се донесат санкции кон Русија , при што бугарската страна своите залагања за брза помош на Киев, ја има образложено со бугарското искуство од времето после Втората светска војна.
Руска одмазада и пад на владата
Тоа посебно се однесувало на инсистирањето на Москва дека целта на нејзината агресија е спроведување (некаква) „денацификација“ на Украина.
Според Петков и Василев, меѓутоа, во прашање е само план за сурова пресметка, со ликвидација на сите оние кои руската страна ги смета за потенцијално нелојални и опасни и за свои непријатели од што Украина треба да се исчисти.
На еден од европските самити, тоа било образложено со она што еднаш го има доживеано Бугарија- по навлегувањето на советската армија во 1944 година, кога брутално се стрелани ( како наводни нацисти) на илјади дисиденти, интелектуалци , универзиетски професори и свештеници.
Во април минатата година, тогашниот бугарски премиер се сретна во Киев со Володмир Зеленски. Подоцна во Софија се пресмета со раширената руска шпионска мрежа, протерувајќи дури 70 руски дипломати , влегувајќи во судир со руската амбасадорка.
Таа му се закани дека ќе ја затвори руската амбасада. Тоа не го направи, но затоа издејствува, со руските сили во бугарската политика , да го собори првиот, вистински проевропски и прозападен бугарски премиер. Запалувајќи ја уште повеќе националистичката реторика во јавноста и во политиката на Бугарија – за руски потреби.