Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

ЕУ и САД губат трпение со Белград и Приштина

ЕУ и САД губат трпение со Белград и Приштина

Од моментот кога  и во Белград и во Приштина признаа дека се изложени на силен притисок да го започнат процесот за постигнување договор за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, за да се стави крај на долгата косовска криза која го оптоварува целиот Западен Балкан, стана јасно дека ЕУ и САД веќе губат трпение со постојаните политикански игри во западнобалкански стил.

Особено откако уште пред крајот на минатата 2022 година, за прв пат беше даден рок за постигнување конечен договор- до крајот на март, или најдоцна до крајот на оваа 2023 година. Кога српската страна, во својот познат стил дигна врева околу поставените термини, а  косовската побрза да  поставува дополнителни барања, уследи острото предупредување од Западот.

Стапот и морковот

Во предупредувањето се вели дека работа на политичка одлука на двете земји е дали  ќе прифатат да седнат на маса за  да се договараат за спогодба, врз основите на француско-германскиот предлог, што сега е и европски и американски, со посредство на ЕУ/САД.

Но,  дека доколку не ја прифатат сегашната иницијатива, зад која стојат сите 27 земји на Европа, не ќе може и понатаму да уживаат со некои стекнати предности и благодети (финансиски и политички), а косоварите и на безграничната американска подршка.

Едноставно, за прв пат на Белград и Приштина,  им се понудија стапот и морковот, предупредувајќи ги  дека веќе нема да има попуштање и дозволување да се развлекуваат работите. Најчесто  со тривијални работи, како изгледот на сообраќајните таблички за возилата за косовските граѓани, наместо да се преговара за најсуштествената работа. А,  таа е – како да се дојде до нормализација на односите.

Блокадите ги користат Русија и Путин

Се смета дека игрите на српскиот претседател и на косовскиот премиер веќе дојдоа до тоа- да се исмејува ЕУ ( а и Американците) дека се неспособни да стават ред во турбулентниот балкански регион. И, тоа во време на војна на Русија со Западот, преку грбот на Украина- за освојување нови територии од страна на Москва и за создавање нов глобален поредок, онака како што сака Владимир Путин.

Предизвикувајќи непотребни  кризи и правејќи блокади на сите иницијативи , со лажните, балкански патриотски игри , само за да се гради политички рејтинг и за да се билда и натаму национализмот кој им носи поени на политичките лидери, во основа , всушност, се помага дестабилизацијата на целиот регион.

Притоа, балканските марифетлуци , практично,  создаваат  простор за директно мешање на Русија за создавање кризи и за шпионско дејствување, за да се спречи интеграцијата на Западен Балкан во Европа и за да не се постигне траен мир.

Затоа Западот, а пред се ЕУ и САД , овој пат, се силно определени да се работи се додека не се дојде до прифатлива спогодба.

Нормализација без признание

Со неа, се предвидува Србија да не мора да го признае Косово како независна држава, но да се договори со него за изградба на мирни добрососедски односи , признавајќи дека Косово е одвоен и посебен меѓународно правен субјект што во светот ( и во меѓународните организации)  се третира еднакво како и Србија.

Притисокот да се седне на маса и да се постигне еден правно-обврзувачки договор е предизвикан од сегашната состојба, во која Белград и Приштина ја играат вообичаената и добро позната игра.

Србија сега инсистира, прво да се постигне дил за Заедницата на српските општини (ЗСО), за што косовската страна се противи, па потоа да се преговара за европскиот предлог. Приштина, пак, бара прво да се добијат гаранции дека петте земји од ЕУ кои ја немаат признаено косовската независност,  ќе го направат тоа во најскоро време, ( што српската страна не го одобрува),  па потоа да се отпочне со главното- преговорите за нормализација.

Обврска која не може да се одбегне

Од Белград , во меѓувреме, стигна изјавата на српскиот претседател дека Србија е подготвена за компромис, оставјаќи отворено што се подразбира со тоа, како и до каде српската страна е подготвена да оди, затоа што таму се уште се исцртуваат „црвени линии“.

Косовскиот премиер, после силниот американски притисок, најави дека, сепак,  ќе оди во Брисел на разговорите за ЗСО, иако претходно (одново) зборуваше дека „не ја гледа потребата за создавање на една ваква заедница“.

Меѓутоа, сакала Приштина или не, веќе е извесно дека ЗСО стана паралелното  и еднакво по тежина прашање на преговорите за нормализација, за кои (патем) се уште нема согласност дека е прифатен француско-германскиот предлог.

Особено откако европски дипломати порачаа дека -„ со Курти, или без него, ЗСО ќе има на Косово“, а  фондацијата „Фридрих Еберт“ ( блиска до владеачките германски социјалдемократи) изработи и го понуди во јавноста на увид, нацрт-статутот на заедницата што фондацијата го  означува како асоцијација.

На таа тема двоецот Ескобар-Шоле објавија авторски текст во косовскиот портал Косев, давајќи гаранции дека Заедницата на општини со мнозинско српско население, сепак, нема никако да биде некакв нова Република Српска на косовска територија.

Србија би загубила најмногу

Конечно, сето ова доаѓа откако се појави и нов нон-пејпер што прв  го објави албанскиот медиуум „Албанијан Пост“ .

Иако понуден како неформален документ ( на угледен европски дипломат) тој , всушност, се јавува како  своевиден сублимат на сите случувања, започнати на крајот од претходната година и во текот на јануари годинава. Но, најзначајно е дека нон-пејперот силно го потврдува новиот курс на Европа и Америка, за ставање точка на кризата во и околу Косово, а над се – ги детализира  санкционите за Србија и Косово, доколку не го прифатат предлогот на Европа, кој во поблага форма- го имаат изнесено и европските и американските дипломати.

Не сакајќи да бидат неми посматрачи на балканските „мангуплаци“ Западот го предупредува Белград дека може да ги загуби процесот на влегување во ЕУ, да остане без (сегашната) обемна финансиска и економска подршка, да загуби инвестиции, дури да остане и без зајмовите на ММФ, а над се да го загуби безвизниот режим за патување во Европа.

Едноставно, не ке може во иднина да има повластен статус , а во исто време да ги поткопува напорите за мир и за интегрирање на целиот  регион во европското семејство. Уште помалку, да се шири верувањето дека – „еден ден ќе ги снема ЕУ и НАТО, па Србија , одново, ќе го приграби „своето Косово“.

Закана  кон Косово

За Приштина, велат, дека се испорачани најостри досега закани, па на косовската страна и е речено дека доколку не го прифати европскиот план за нормализација на односите со соседна Србија, ризикува да го загуби сето она што досега   го има постгнато. Тоа е слободното движење на косовските граѓани, добиениот посебен позивен број (383) , интеграцијата на северот од Косово, контролата на граничните премини со Србија.

Наспроти тоа, како награда  за кооперативноста и брзото работење за постигнување договор- Србија би ја задржала и натаму   својата сегашна ( повластена положба) со можност до 2030 година да влезе во ЕУ. Тоа , секако, би било заедно со другите од Западен Балкан, иако во Белград се смета дека за отстапување на дел од државната територија, српската страна  треба да добие членство Унијата-преку ред.

Косово, пак, со постигнувањето договор за нормализација со Србија и со конструктивната работа врз создавањето на асоцијацијата/ ЗСОќе  го стекне она што одамна  го бара-комплетирање на  меѓунардоното признавање и влез во меѓународните организации, иако ниту нон-пејперот не споменува членство во ОН, освен дека Србија не ќе смее да го блокира тој процес.

Обединување на Европа

Според тоа,  во Европа се смета дека станува збор за досега најригорозните предупредувања  во настојување да се натераат Приштина и Белград на правење компромиси, но и за ставење ред и мир во Западен Балкан, последното подрачје на Европа во кое од распадот на екс Југославија не може да се воспостави вистински и траен мир.

Затоа, во нон-пејперот не  се сокрива дека доколку  сето ова не помогне и се продолжи со одолговлекувањето , постои и  План Б. Организирање специјална конференција за Косово, на која на играчите ќе им се наметне решение, во стилот на она од Дејтон за БиХ .

Габриел Ескобар и Дерек Шоле, во текстот за Косев, сметаат дека до тоа нема да дојде, цврсто порачувајќи го  она што на Западен Балкан,  тамошните проевропските , демократски сили, одамна го очекуваат.

Тоа е дека ЕУ и САД сега  се цврсто определени за интеграцијата на овој регион во трансатланското семејство и за неговото врзување со ЕУ. Се потсетува дека тоа е еден од главните заклучоци од средбата на Џо Бајден со Олаф Шолц во 2022 година, чија цел била – затворање на косовското прашање, кое им е на товар на сите на Балкано,  за да може (најпосле) да се постигне целосното и вистинско обединување на Европа.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе