Србија се повлекува од Истокот?
Дводневната бурна расправа во српскиот Парламент, посветена на европскиот предлог за спогодба за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, која беше исполнета со навреди и закани и која на моменти беше на работ да прерасне во поголем инцидент и тепачка меѓу пратениците на позицијата и десничарската опозиција, ја покажа големата и длабока поделба на српската политичка сцена која е само одраз на состојбата во домашното општество.
Силниот национализам, затскриен зад прашањето околу иднината на Косово, но кој повеќе од една деценија се гради и кон соседните од државите настанати по распадот на поранешна Југославија, поврзан со лажниот патриотизам , антизападниот наратив, за да се одбрани политиката на „седење на две столчиња“ и така да се одбрани русофилството и цврстата врска со Москва, е основата на која е поставена едната страна во политиката на Србија.
Шанса за траен мор
Другата страна, која е помалубројна и (велат) помалку гласна и помалку силна, заговара една поинаква Србија- проевропска, свртена кон Западот ( наместо кон Истокот) , што значи и раскин со наводната „неутралност“ во меѓународните односи , силно зачекорување кон ЕУ ( од каде доаѓаат и парите и можноста за вработување и развојот).
Затоа и се сугерира прифаќање на француско-германскиот предлог, како добра основа за преговори до конечната спогодба со Приштина. Тој е основата за европската иднина на Србија, за елиминирање на тензиите со Косово , како и за мир и за конечен мир во регионот.
Седницата во Белград, сите политички страни ја имаат користено како фина можност за пресметка со власта која се обвинува и за авторитарност и за корупција и за задушување на слободното судство и слобоата на медиумите, додека власта , пак, бранејќи се, настојува вината за состојбата во која се најде земјата- да се определува меѓу Западот и Истокот – во време на вистинска војна во Украина, да им ја префрли на своите сегашни критичари.
Прв пат спремност за компромис
Тензиите максимално се зголемија , откако после цела низа предупредувања дека Белград , во овие времиња по руската инвазија од 24 февруари, како и по путиновото подигнување нова „Железна завеса“ во Европа, не може и натаму да остане неопределен. Не може да се зборува за “европскиот пат“ , неправејќи практично ништо на тој план, а во исто време да не сака да се усклади својата надворешна политика со онаа на ЕУ и да се одбива да се воведат санкции на Москва за нејзината агресија врз украинската територија.
Сето тоа бранејќи го (наводно) со косовското прашање и со руската подршка за „српско Косово“, преку можноста да стави вето во ОН.
Кога се појави планот на ЕУ, подржан од САД, како единствен за затворање на повеќе од 20 години отвореното прашање на Косово, а Прииштина и Белград соочени со изборот да седнат и да преговараат, за да се договрат, или да ризикуваат и да загубат секаква врска со ЕУ, српскиот претседател изјави дека „Србија е подготвена за компромис“.
Ова беше прв пат Александар Вучиќ да зборува за компромис околу Косово, па наеднаш, од цврст бранител на српството и на неговите косовски корени, кого го сакаа и во БиХ и во Црна Гора, но и во Македонија, тврдејќи дека тој вистински се бори за српските национални интереси , српскиот претседател стана „предавник“ на српската кауза и „компромисер“.
„Херој и компромисер“
Уште повеќе што што во своето обраќање пред пратениците во Белград , Вучиќ , исто така, за прв пат, навести дека Србија „ можеби ќе воведе санкции“ кон Русија, притоа и критикувајќи ја Москва што директно помага една српска парламентарна партија – националистичката, десничарска и силно проруски определена партија Двери.
Само до пред неколку денови тоа изгледаше незамисливо. Минатата недела тој порачуваше дека Србија останува на својот курс , кога станува збор за санкциите против Русија, иако има речено дека за Белград- Донбас е украинска територија,
Кога станува збор за руското замешателство на српската политичка сцена, меѓутоа, претседателот Вучиќ ја прекори Москва, иако тоа го има направено во завиена форма и претпазливо, но сепак доволно гласно за да се слушне дека тоа не го одобрува.
Одговарајќи на критиките од проруската опозиција дека Србија се откажува од „единствениот свој партнер ( Русија) кој ја подржува српската кауза“ , претседателот им возвратил дека поради својата (досегашна) проруската позиција , земјата трпи последици во услови на сегашната нова геостратешка ситуација. Сепак, дека и покрај тоа тој никогаш се нема замешано во руските внатрешни работи, за разлика од Мосова.
Контроверзна реакција на Кремљ
„Јас никогаш досега го немам споменато Навални, ниту брането било кого од тамошните опозиционери. А, во ова меѓувреме, знам за српски доброволци на страната на Русија во Украина, како и дека руската страна помага една српска партија (Двери)-има речено претседателот на Србија.
Од Москва брзо реагираше Кремљ, преку изјава на портпаролот Димитар Песков во познатиот двосмислен стил, кога станува збор за Србија , формално без јавно прекорување, но со реакција која само уште повеќе му ја отежнува позицијата на српскиот претседател во неговата пресметка со домашните русофили во политиката и во јавноста.
Според Песков, „Москва има разбирање за силниот западен притисок“ на кој е изложен српскиот претседател, па Москва затоа го цени неговиот став по тоа прашање“. Изјава која во Белград е разбрана како- издржи го и натаму тој притисокј и не попуштај- особено што што портпаролот на Владимир Путин, зборува за натамошен развој на руско/српските односи, засновани на историските корени , убеден дека тие така ќе останат и во иднина.
Припојување кон Русија
Изјавата е дадена за државната агенција ТАСС , но кога новинарот побарал коментар од Песков за изјавата на губернаторот на руската област Курганија, за тоа дека „Србија треба да се откаже од ЕУ и да и се приклучи на Русија“- портпаролот не се оградил , туку само рекол- „тоа прашање го оставам без коментар“.
Станува збор за изјава на губернаторот Вадим Шумков, дадена пред само три денови, во предвечерието на парламенарната седница во Белград во која рекол дека – „Вучиќ е под силна закана од Западот (поврзано со Косово) на тој начин што со Србија би се прекинал прцесот за влез во ЕУ, доколку не се прифати европскиот план“, сугерирајќи целосно свртување кон Москва.
„Србија треба да се определи и да се откаже од ЕУ, а немасто тоа да стане дел од Евроазија ( план на Путин за креирање на организација под руска контрола) која би била контра на се помоќната ЕУ). А, потоа, Србија постепено да се интегрира во Руската Федерација.
Притисок од Москва
Веднаш потоа, гбернаторот Шумков рекол дека „ само се шегувал“ , мислејќи на „проблемот на расцепканостана словенството“.
Шега или не, пробламот за Белград е што ова е втор пат, за кусо време, некој од Русија да сугерира „постепено припојување на државата Србија кон руската територија“, веројатно онака како што е тоиа замислено со една Белорусја или како што Путин има замислено да направи со Украина, за што и ја има покренато агресијата и војната.
Првиот пат официјален Белград ја одмолче „шегата“ околу спојувањето, но сега, оцени дека треба да се реагира.
(Д.Б,)