Закана за Олимпијадата во Париз
Во текот на првата посета на украинскиот претседател Володмир Зеленски на Брисел и на седиштето на ЕУ, тој го има поставено и прашањето за неучество на руските и белоруските спортисти на Олимписките игри во Париз, во летото 2024 година.
За таа цел разговарал и со францускиот претседател Емануел Макрон кој – како што пренесуваат европските медиуми- само му потврдил дека се уште нема конечна одлука околу ова прашање- ниту на Франција, како земја домаќин на Игрите, а ниту на ИОК.
„Разговаравме за тоа и му објаснив (на Зеленски) како стојат работите“- има речено Макрон доаѓајќи заедно со украинскиот претседател на Европскиот самит во Брисел. При тоа францускиот претседател рекол дека конечна одлука ќе биде донесена во текот на ова лето.
Макрон- одлука во текот на летото
Пред крајот на минатиот месец, Зеленски побара од Макрон да им забрани на спортистите од Русија да учествуваат на Олимпијадата во Париз што ќе се одржи од 26 јули до 11 август следната година, руската агресија вр неговата земја и војната што ја имаат покренато на украинската територија.
Реакцијата на официјален Киев уследи откако Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) соопшти дека „ја испитува можноста на руските спортисти да им се дозволи да учествуваат на Игрите под неутрално, а не под руското знаме“.
Според францускиот претседател , ноцата позиција на ИОК не го покрива времето на Олимпијадата и на Параолимписките игри што ќе се одржат во Франција.
„Во текот на летото ќе ја имаме клаузи=улата за ревизија и тогаш ќе процениме што да се направи, имајќи ја во предвид ситуацијата и настаните на теренот (на фронтот во Украина)“- рекол Макрон, признавајќи притоа дека тој не ја отфрла можноста руските спортисти да останат под суспензија.
Разногласие постои и во самата француска јавноста. Градоначалничката на Париз, Ана Идалго деновиве изјави дека е против учеството на руските спортисти на париската Олимпијада- се додека трае војната во Украина.
Ана Идалго е за забрана
Но, пред две недели и пред острата реакција на низа европски, главно источноевропски држави, против менувањето на односот кон спортистите од Русија, Идалго се согласи со „размислувањето на ИОК, означувајќи го како идеја која не е лоша“ .
Нејзиниот став беше да се направи компромис- во интерес на Олимпијадата. Таа тогаш сметаше дека спортистите не треба да бидат се елиминираат од натпреварувањето, инсистирајќи дека ќе треба да се натпреваруваат под неутрално знаме.
Сега, меѓутоа, Ана Идалго зборува дека предлогот ( на ИОК) е непристоен и дека не знае што воопшто значи- настап под неутрално знаме, кое инаку досега се користеше после суспензијата на Русите по Зимската Олимпијада во Сочи , поради потврдениот допинг кај низа руски спортисти.
Украина, од своја страна, смета дека е неморално на Олимписки игри да се натпреваруваат и спортисти на Русија ( и Белорусија) додека нивните војници убиваат цивили, ги уништуваат украинските градови и ги анектираат освоените територии, прогласувајќи ги за руска земја.
Тоа ќе бидат медали натопени со крв и засенети со барутот на руското оружје- беше првата реакција на официјален Киев.
Закана со бојкот
Слично реагираа и трте држави од Балтикот, како и Полска, кои категорично ја отфрлаат можноста за „помилување“ на руските спортисти. Украина најави дека доколку ИОК остане на својата идеја, Украинците ќе ја бојкотитаат Олимпијадата во Париз.
Овие пет земји сметаат дека ќе успеат да формираат широка коалиција од најмалку 40 држави , вклучувајќи ги и Британија, САД и Канада, да се бојкотира Олимпијада на која би се натпреварувале и руски спортисти, па во такви услови , Игрите сами по себе, стануваат бесмислени.
Меѓународниот олимписки комитет и неговиот претседател Томас Бах, од своја страна налутено реагираат на реакцијата од Киев и на сите кои веќе сега заговараат бојкот.
Според Бах, засега, само се испитува начин како да може да се натпреваруваат олимпијците од Русија и Белорусија, без знамињата на нивните земји и без интонирање на нивните државни химни, доколку некој од спортистите освои златен медал.
Поделени мислења
Филозофијата на ИОК и Бах е дека „ниту еден спортист не би требало да биде спречен да се натпреварува, само поради својот пасош“. Германецот Бах смета дека не би требало спортистите да бидат дискриминирани.
Противниците на ваквите размисли, пак, сметаат дека идејата на ИОК е сосема погрешна.
Затоа што има на десетина убиени спортисти во воените операции, има такви ( на руската страна) кои се вклучени во воените дејствија, а веќе имаше инциденти ( со руски спортисти) кои на некои меѓународни настапи, на своите државни дресови, демонстративно ја ставаа ознака „Z“- под која, инаку, тече окупирањето на украинската територија.
Конечно, ако спортистите не треба да се дискриминираат само поради пасошот, зашто тогаш е блокирано патувањето на руските туристи низ Европа. Веднаш по инвазијата, тоа беше направено со објаснувањето дека е „неморално“ руските граѓани да се рашетуваат низ Европа, додека нивните војници брутално убиваат Украици.