Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Софија : Министер обвинет за прекинот на рускиот гас

Софија : Министер обвинет за прекинот на рускиот гас

Бугарското државно обвинителство подигна обвинување против  поранешниот министер за енергетика Александар Николов затоа што (наводно) „лошо управувал“ со својот сектор, поради што државниот дистрибутер за гас „Булгаргаз“ бил оштетен за 45 милиони евра.

Николов беше министер во владата на проевропскиот и прозападен бугарски премиер Кирил Петков, во времето кога Русија и рускиот „Газпром“ еднострано ја прекинаа испораката на природен гас за Бугарија (и за Полска) затоа што владата во Софија, не се согласи рускиот гас да го плаќа во руски рубли.

Всушност, тоа беше казната на Москва кон низа европски земји кои – како  и овие две членки на ЕУ – одбија да плаќаат гас во руската валута, затоа што таа трансакција  ја зголемуваше неговата цена и затоа што таквата мерка на Русија  беше спротивно на договорот- гасот да се плаќа во евра.

„Загрозено снабдување со гас“

Во соопштението на Обвинителството уште  се вели дека екс министерот и двајца други негови соработници во енерегетскиот сектор, го имаат „загрозено работењето на Булгаргаз“ , но и снабдувањето со гас на Бугарија.

Обвинителството, сепак,  нема дадено други детали за ваквото обвинување ( какво инаку нема во ниту една друга земја од ЕУ)  кои како и Бугарија беа погодени од едностраната руска мерка, за која и тогаш и сега се смета дека е политичка – како одмазда за воведените санкции на Брисел и на Западот, по инвазијата на Русија врз Украина.

Но, еден од истражителите има изјавено дека во текот на истрагата, пред да се подигне обвинувањето, најголемо внимание било посветено на „бугарската реакција ( што ќе рече на владата) на предложената нова (руска шема) за плаќање, во рамките на долгорочниот договор со „Газпром“.

Обвинувања без основа

Русија ја прекина испораката на природен гас за Бугарија во април 2022 година, затоа што владата на Петков не го прифати новиот начин за плаќање. Бугарскиот премиер во тоа време уште јавно ја обвини Москва дека се обидува да наметне „хибридна војна“ , за да ја собори неговата влада- првата во Софија која сосема беше свртена кон Западот- кон Брисел и Америка.

Обвинетиот министер ги има отфрлено обвинувањата како без основа, затоа што обвинувањето се сведува на одлуката на Бугарија „да не се покори на уценувачкото однесување на „Газпром“ и на Русија“ . На функцијата Николов беше меѓу декември 2021 и август 2022 година.

Москва, сепак, со помош на русофилските политичари и партии во бугарската политика, успеа да го тргне од власт Кирил Петков.

Енергичниот премиер се обиде да ја ослободи земјата од „вечната“ зависност на Бугарија од руските енергетски  суровини, како  и од политичката контрола на Москва врз Софија, за да земјата да „не застрани премногу“ свртувајќи се целосно кон Западот- таму каде државата, како членка на ЕУ и на НАТО- припаѓа.

Казнувањето на Кирил Петков

Откривајќи недозволени шпионски активности на руската амбасада во Софија, против земјата и неговата влада, Петков протера дури 70 „дипломати“ на Русија стационирани во Бугарија, предизвикувајќи гневна реакција на Москва.

Руската амбасадорка во бугарскиот главен град тогаш се закани дека ќе ја затвори амбасадата, во знак на протест поради таквата одлука , за која како по правило,  беа обвинети Брисел и Вашингтон.

Русија се откажа од тоа, откако се уреди пад на владата на Кирил Петков, во што учесствуваа силно проруските социјалисти ( поранешните бугарски комунисти), заедно  со вечниот премиер Бојко Борисов кој побара и доби гласање за доверба на владата во Парламентот.

Рускиот блок контра Западниот

Петков и неговата влада на тој начин беа соборени, а Москва целосно ја смени својата реторика кон (сега уште една) техничка влада во Софија со која ,како што проценуваат независни аналитичари, управува прорускиот претседател на државата.

Ваквиот развој на работите од минатото лето, само покажува дека  сегашното обвинување на еден министер, кој секако одлуката не ја донел сам , без согласност на премиерот, претставува политичка пресметка на рускиот блок во Софија, контра оној на Западот.Особено што за помалку од 50  денови ќе има и пети избори за две години.

Бугарија пред инвазијата на Русија врз Украина, речиси целосно беше зависна од испораката на рускиот гас.

Тоа беше изговор, не само владата на Борисов, туку и на тие пред него, да седат на „две столчиња“ , дозволувајќи и на Москва да се меша во бугарската внатрешна и надворешна политика. Петков, меѓутоа, во краткиот период во кој беше премиер, успеа да најде и да обезбеди алтернативни извори, од други земји.

(С.Б.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе