Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Фигаро“ : Србија фатена во сопствената замка

„Фигаро“ : Србија фатена во сопствената замка

Угледниот париски весник „Фигаро“ кој важи за близок до француската десноцентристичка опозиција, осврнувајќи се на ултрадесничарските протести во Белград, напиша дека сега е јасно оти Србија , како последниот сојузник на Москва во Европа е „фатена во сопствената замка“ – форсирајќи го русофилството, контра Западот.

Весникот потсетува дека властите кој до скоро го толерираа десничарењето и нивната врзаност за руската страна, овој пат мораа остро да реагираат , а српскиот претседател уште и за прв пат да предупреди дека – „нема Вагнер да му кажува што да прави и што да прифати“. Врзувајќи ја руската милитантна , паравоена организација , која е поврзана со Кремљ, за руските елементи во Србија.

Еден руски бегалец кој сега живее во Белград, за „Фигаро“ има изјавено дека неговото чувство е оти „Русија ја има окупирано Србија без да има испукано ниту еден куршум“.

Силно раширена „руска врска“

„Братската љубов“ на Москва кон Србија и Србите ( обично се вели)  се врзува за словенството и за она што се означува како „историски врски“. Но, сега,  во сето тоа има многу дневна политика што главно се однесува и се врзува за Косово. Односно ,  за правото на вето на Русија во Советот за безбеднст на ОН- за да се спречи влез на Косово во Светската организација. Тоа, пак, се претвора во руско орудие за политичка уцена кон Белград- да не воведува санкции против Русија и да остане пријател на Москва.

Францускиот весник , меѓутоа, открива дека „руската врска“ во Србија е многу пораширена, па се простира од енергетиката, преку спортот, медиумите и забавата, до религијата. Преку „Гаспром“ , пред се, кој е мнозински акционер во српската нафтена индустрија (НИС), како и сопственик на двата гасоводи преку кој руски гас се внесува во Сррбија.

Најмоќната руска енергетска компанија се јавува и како спонзор во спортот ( фудбалот и кошарката), потоа финансира разни фестивали и низа други културни манифестации, а токму „Гаспром- нефт“ има дадено пари за да се заврши изградбата и да се уреди внатрешноста на соборната црква „Свети Сава“ во Белград.

Антизападен наратив

Србија ,за возврат, како единствена во Европа, го дозволува работењето на рускита пропагандна медиумска машинерија, преку која се велича агресијата против Украина. Во Белград делува агенцијата Спутник, од која за Русија и за нејзината политика кон ЕУ и светот се информираат сите српски провладини медиуми.

Од ноември на српскиот медиумски пазар се приклучи и пропагандната ТВ станица на Кремљ- Раша Тудеј- отворајќи своја канцеларија. Таа е блокирана насекаде низ Европа, затоа што е во улогата на воено-хушкачки медиум , кој ја оправдува руската инвазија,  потикнува на интензивирање на воените операции на руската војска и на казнување на Киев, затоа што се има целосно свртено кон Западот.

Не чуди, затоа, што весниците во Белград, сите блиски до власта, пишуваа дека (наводно) „Украина ја нападна Русија“, обвинувајќи ги притоа, Западот и ЕУ, за тоа дека ја „принудиле Русија да се брани од НАТО„ како и од божемната „ нацификација“ на Украина.

Регрутирање платеници од Србија

„Фигаро“ потсетува дека уште пред руската агресија врз независна Украина, српската јавност, преку сите медиуми на власта, беше хранета со силен анти-западен наратив , со антиамериканизам и со силен проруски сентимент- дека само Русија може да помогне за косовското прашање и дека само Москва ја сака и ја брани Србија.

Во една таква атмосфера, во Белград се појави оглас со кој се регрутираат (српски граѓани) за руски платеници во војната против Украина на украинска територија, иако тоа е забрането со српски закон, а се појави и најава  дека Вагнер ќе отвора своја филијала во главниот српски град.

Конечно, организарот на насилните протести (против француско-германскиот предлог за Косово) – ултрадесничарската и националистичка група „Народна патрола“  е блиско поврзана со руската платеничка војска Вагнер. Кога властите открија дека „постоел план за заговор“ и дека зад уличните протести се криел и (наводно) обид за атентат врз сроспкиот претседател, официјален Белград го прекина толерирањето кон разните десничарски групи.

Особено што за прв пат се признава дека зад сето тоа стои „странска земја“ од каде десничарите добиваат и пари. Земјата и понатаму не се открива, но белградските аналитичари укажуваат дека сега се знае оти станува збор за Русија.

Како против русофилството

Францускиот весник забележува дека досега српските власти манипулираа со десничарите кои сега се и во српскиот Парламент, затоа што тоа  им служеше како оправдување за невоведување  санкции против Москва. Но,  излегува  дека таквото играње со крајната десница и со русофилството, сега и се одмаздува на власта во Белград.

Посебно, што насилните протести уследија по најавата на Александар Вучиќ дека Белград може да и воведе санкции на Русија и дека Србија се согласува за правење компромис околу Косово. Сето тоа, откако  Москва претходно порача- да не се прифаќа француско-германскиот план и да се чека да заврши војната во Украина.

Според францускиот весник, останува  да се види како српскиот претседател ќе се справи дома, со српското јавно мислење кое е направено да биде силно проруско.

Дури 70 отсто од јавноста смета дека не треба да и се воведат санкции на Москва, а земјата да остане „неутрална“ во војната на Русија против Украина. Само 30 отсто од учесниците во една анкета во Србија се определиле за Западот, доколку би требало да се избира меѓу западениот свет и Русија.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе