Албанија со најмладо, а Грција со највозрасно население
Албанија, во просек, има најмладо население во регионот на Балканот – податок што е добиен врз основа на испитувањата кои ги презентира Евростат, а направени за регионот и за земјите на ЕУ.
Просечната возраст во минатата година на албанското население изнесува 38 години. На второ место во регионот е Црна Гора, со просечна старост од 39,4 години, додека трета е Северна Македонија со 41, 1 години.
Потоа следува Србија која е четврта на една ваква листа, со 44,1 години, а зад неа е Бугарија каде просечната возраст на нејзиното население изнесува малку над 45 години. Според Евростат, највозрасно население во балканскиот регион има Грција со 46, 1 години, а позади неа, со сосема малку подобар просек е Хрватска. Во оваа поранешна ЈУ република, сега членка на ЕУ, просечната возраст изнесува 45,4 години.
Во целата Европска Унија , во минатата година, просечната возраст е повисока од онаа на Балканот и изнесува 44,4 години. Тоа претставува зголемување во спопредба со податоците од 2012 година- за 2,5 години. Тогаш просекот на ЕУ изнесувал 42 години.
Кипар има најмладо население во рамките на Унијата со 38 години, исто колку и Албанија. Највозрасно население има во Италија- со просечна возраст од 48 години. Зад неа е Португалија со просечни 46,8 години.
Меѓу 2012 и 2022 година, просечната возраст во сите земји во ЕУ се зголемила. Исклучок е само Шведска, каде сегашната просечна возраст на тамошното население е 40,7 отсто.