Џонсон се нуди за генерален секретар на НАТО
Поранешниот британски премиер Борис Џонсон изјави дека „се гледа себе си како идниот генерален секретар на НАТО“. Во разговор за една украинска ТВ станица, Џонсон притоа открил дека „постои таква идеја“ и дека според неа- „Џонсон е одличен кандидат за функцијата“. Особено сега кога Алијансата е посилна од било кога досега, од нејзиното создавање во далечната 1952 година.
Изјавата и предлагањето на Британецот за прв човек на НАТО, доаѓа откако минатиот месец актуелниот генерален секретар Јенс Столтенберг соопшти дека повеќе нема да бара продолжување на неговиот мандат. Тој откри дека веќе ја има одбиено понудата да остане на сегашната позиција ,додека трае војната во Украина.
Веднаш потоа медиумите почнаа да лицитираат кој би можел да се најде на оваа висока функција. Засега, како фаворити за местото на Столтенберг се споменуваат шпанскиот премиер Педро Санчез и британскиот министер за одбрана, ториевецот, Бен Валас.
Санчез и Валас
Британскиот министер важи за политичар кој има тврд став кон Русија и нејзината инвазија врз Украина, од пред една година, заговарајаќи засилено вооружување на украинската војска за да и се овозможи да не ја загуби војната во која, според Лондон, Владимир Путин треба да биде поразен.
Валас беше последниот западен висок функционер кој ја посета Москва пред почетокот на инвазијата и се сретна со рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
Сеќавајќи се неодамна на тој разговор, Валас за Би-Би-Си има речено дека целата атмосфера била лажлива- затоа што Шојгу настојувал да го убеди дека не претстои никаква инвазија. врз соседна Украина и дека таквите тврдења се „обична западна антируска пропаганда“.
„Знаев добро дека ме лаже гледајќи ме во очи, како што и тој знаеше дека добро знам оти не ја зборува вистината“- рече Валас во интервју емитувано пред годишнината од инвазијата.
Високи политички амбиции
Што се однесува до Џонсон , ова е прв пат тој да ги открие своите политички планови и амбиции.
Се мислеше дека тој би сакал да се врати на челото на Конзервативната партија и одново да биде премиер на Британија. Откако од Даунинг стрит беше тргнат со партиски пуч на неговите ториевци. Односно, дека ќе остане надвор од политикатра држејќи скапи предавања за меѓународните односи по светот.
Малкумина веруваа во тоа Џонсон да предводи некоја меѓународна и безбедносна организација, каква е НАТО. Посебно затоа што неговиот сегашен рејтинг е низок во Британија, но е уште понизок во Европа, од каде се најголемиот број земји членки на Алијансата, кои ќе треба да му дадат подршка доколку навистина истрае во само-понудата за генерален секретар на НАТО.
Последниот од Британија на таа функција беше лордот Карингтон, пред тоа шеф на Форин Офисот-кој како човек и политичар беше сосема различен од непредвидливиот, лесен на јазик и неискрен Џонсон.
Несакан во Лондон и Брисел
Борис Џонсон беше претходно еврофил, школуван во Брисел каде татко му има работено како еден од високите функционери на тогашната ЕЕЗ. Но, за својата амбиција да стане лидер на ториевците и премиер, тој направи политички лупинг, па се претвори во тврд евроскептик и брегзитер.
Ги разгневи сите во ЕУ со својата лажлива и со неточни факти исполнета кампања за анти-ЕУ референдумот во Британија.
Поради него, Лондон ега по трет пат расправа со Брисел за т.н. северноирски протокол кој е дел од завршната спогодба за излегување на Британија од ЕУ, но по серијата скандали, врзани за пандемијата и коронавирусот, како и бројните лажни изјави , беше присилен да поднесе оставка.
На последните парламентарни избори победи уверливо, но си замина од функцијата со рекордно низок рејтинг, меѓудругото и затоа што Британците сфатија дека се измамени за Брегзит.
Војната му помага на Џонсон
Таквата одлука на Британците на референдумот во 2016 година ја остави Британија економски и финансиски помалку стабилна, а политички изолирана како никогаш досега од времето на крајот на Вторатат светска војна.
Само инвазијата и војната на путинова Русија против власта во Киев му помогна на Лондон да се појави одново на европската сцена, откако Џонсон стана најборбениот Европеец против Москва и најсилен подржувач на планот за позасилено помагање и вооружување на Украина.
Во секој случај, за да стане британски кандидат за одговорната функација на прв човек на НАТО, во сегашното турбулентно време во Европа, тој ќе мора да ја има подрчката на британската влада.
(Д.Л.)