Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

На Истокот ништо ново

На Истокот ништо ново

Една година по бруталната руска инвазија врз Украина, со ништо не испровоцирана , освен за да се задоволат империјалните амбиции на Владимир Путин , на Истокот од Европа, војната продолжува- без навестување дека наблизу е нејзиниот крај. Напротив , во првите денови од втората година од војната, може само да се види  дека на источниот фронт  нема ништо ново.

Украинците остануваат уште поцврсто решени да ја ослободат целата своја државна територија, што сега на околу 18 отсто, е под руска окупација.

Путинова Русија, пак, настојува на секаков начин да го тргне претседателот Зеленски од власт, да ја покори Украина, за  да ја врати во „својот руски двор“ , од каде таа излезе не сакајќи вечно да остане сателит на Москва, но  и за да се изживува врз маките на украинскиот народ, затоа што му остана лојален на својот претседател.

Одбрана на окупираните земји

Практично, војната продолжува во окупираните украински области , што Русија , низ лажни и нелегитимни референдуми,  ги има анектирано и сега ги прикажува како своја, руска територија. Сето тоа за да на руската јавност- таква каква што e- Путин да и ја продава приказната дека тој, во нападнатата и делумно окупирана Украина- ја брани „татковината“, односно Русија.

Тоа покажува дека рускиот претседател е подготвен да оди и натаму во војната, повремено заканувајќи се дури и со нуклеарното оружје,  опседанат со својата суета. А, таа му вели  дека еден украински актер (Зеленски) не може нему (  апсолутен владетел на една Русија) да му го попречува патот  за создавање нов поредок во Европа и во светот, во кој одново ќе има „Железна завеса“ , а тој ќе биде третиран како светски лидер. Уште и Украинецот да му се заканува со пораз на фронтот.

Москва верува дека може да продолжи да војува, бидејќи гасот и нафтата со кои земјата е богата,  овозможуваат да се  трошат пари за воените операции и покрај бројните санкции од ЕУ, САД и Британија. Особено,  што Кина и Индија, продолжуваат да  купуваат ( и да складираат) руска нафта, онаа што остана  непродадена, откако Европа  престана да ја купува, несакајќи да ја финансира путиновата војна.

Играта на Пекинг

Пекинг и Њу Делхи , од друга страна, продолжуваат да тврдат дека не сакаат директно да се мешаат во војната, иако е јасно дека повеќе и помагаат на Москва, отколку на Киев, овозможувајќи и на Русија голема заработувачка од нафтата, посебно во првите месеци по инвазијата , кога цената беше исклучително висока.

На овој начин, двете големи азиски земји стануваат сојузници во една агресија врз независна земја, а со навестувањата дека подоцна можеби и ќе продаваат од резервите купена руска нафта- може да се третираат и како воени профитери.

Во ваквата  ситуација, што инаку  Москва ја испровоцира со својата инвазија , се гледаат контурите на новиот геополитички поредок во кој Русија со сила настојува да се смести меѓу големите играчи. Но, наместо тоа,  практично, самата паѓа во замката на Кина. Затоа што Кина, (преку Русија и нејзината војна) прави простор за да се постави себе си како главниот играч- во Азија и наспроти САД и Западот и пошироко. Претворајќи го Кремљ во зависник од Пекинг и од неговата подршка и од воената помош која е на повидок.

Проширување на „рускиот двор“

Путин , соочен со ваквиот развој што тој никако не сакаше да му се случи, сега настојува , со наклонетоста на Кина, да оди понатаму во проширувањето на „рускиот двор“ .

Едноставно верува  дека кинескиот апсолутистички лидер Си Џинпинг , одново ќе се прогласи за „неутрален“ посматрач, дозволувајќи му на пријателот Путин да ги поткачи и Молдавија и Белорусија.Во   отцепенниот дел на Молдавија веќе има своја војска цели 30 години, а Белорусија  и онака од поодамна ја третира како своја територија.

Белорускиот диктатор Александар Лукашенко тврди дека би влегол во војната, само доколку биде нападнат, оставајќи ја руската војска, засега,  сама да се бори во Украина. Но, Белорусија е полна со руски војници, создадени се повеќе заеднички белоруско-руски воени единици, а територијата на оваа екс советска република се користеше при инвазијата и се користи за операции против Украина.

Токму во ова време, делови од белоруската борбена опозиција се огласија дека со дрон го имаат нападнато аеродромот и воената база Мачулишка, кај Минск , при што бил тешко оштетен, иако не и уништен, руски воен авион од типот „Бериев А-50“- (руска варијанта на американскиот „Авакс“). Авионот бил на белоруска терититорија од каде се вклучува во воените операции на Русија.

Пуч во Кишињев?

Белорусите , некаде од странство, се огласија дека тие се „партизаните“ на Белорусија што го нападнале леталото, но засега нема реакции од страна на Минск и на Москва. Некои воени аналитичари, меѓутоа, тоа го толкуваат како тактика, за да инцидентот се искористи за влегување на Белорусија во војната.

Ситуацијата во и околу Молдавија е поинаква, но таа потсетува на руските воени игри околу Донбас, во предвечерието на инвазијата.

Москва и околу Придњестровје ја користи реториката што се употребуваше за Источна Украина.Проевропските власти во Кишењев, затоа, веќе предупредија на руската закана, како и на плановите на Москва, со помош домашните русофили, сместени во молдавската опозиција , како и со странски провокатори, да се испровоцира бунт – што би прераснал во пуч за соборување на актуелната власт во Молдавија.

„Виз Ер“ се повлекува од Молдавија

Минатата недела , молдавските власти, во еден момент го затворија воздушниот простор на земјата- стануваше збор за лажна тревога- но, унгарската ниско буџетска компанија „Виз Ер„ десет денови подоцна, а две недели однапред , објави дека од 15 март ги запира своите летови кон Кишењев- од безбедносни причини.

За компанијата од државата на Виктор Орбан, единствениот сојузник на Путин во ЕУ, Молдавија е веќе небезбедна држава. Од „Виз Ер“ порачуваат дека – „ризикот да се лета кон молдавскиот главен град е голем, иако не е непосреден“ !?

Ова, во секој случај,  не мора, но може да биде сигнал дека заканата кон прозападната влада во Кишењев се засилува. И, таа (како и кај Украина)  би уследила како руска казна за „непослушните“ Молдавци кои и свртеа грб на Москва, за да градат партнерство со Западот, пред се, со ЕУ.

За Украина, пак, останува првичниот путинов план да се подели ( ако може) украинската територија, па оваа сега голема европска држава да се сведе на она што останува западно од Киев.

Заканите на Медведев и Кадиров

Факт е дека работите за Путин, сепак,  не одат глатко. Неговата војска на украинскиот фронт се соочува со проблеми, па западни безбедносни и воени експерти проценуваат дека тој не може да ја добие војната, но таков каков што е, продолжува да верува во некаква победа, па затоа ја исцрпува Украина додека таа не потклекне.

Во меѓувреме, на Истокот работите како да се во период на „нешто големо“. Киев тврди дека руските функционери во областа Хершон бегаат од местата Олешка и Складовска, со руски воени камиони , носејќи само личен багаж. Веројатно станува збор за евакуација пред т.н. пролетна офанзива која ја најавуваат и двете страни.

Освен за нападнатата руско-белоруска база во Белорусија, има вести и за силна експлозија во Мариупол, за која нема објаснување, а Дмитри Медведев продолжува со своите небулозни коментари и закани.

Последната е дека – “(Украинците) ќе заборават на својот поранешен живот, се додека урнатините зрачат (радиокативност)“- после рускиот нуклеарен напад за конечното капитулирање на Украина.

Кинескиот мировен план

Лидерот на Чеченците , еден од сојузниците на путиновта војска на теренот, покрај платениците на „Вагнер“ , во своите закани во стилот на Медведев , отиде подалеку, па  се закани со инвазија врз  Источна Германија- територијата на која некогаш беше комунистичка ГДР- каде Путин работел како офицер на КГБ.

Негова (Чеченска), или руска инвазија , не се знае , но овој некогашен терорист навистина мисли дека освен СССР, неговиот газда во Кремљ ќе ја врати под своја контрола и цела Источна Европа.

Кина, пак, се огласи за прв пат со некаков свој мировен план- пред најавената посета на Си Џинпинг на Москва- што Пекинг го означува како избалансиран.

Украинците се огласија дека се  незадоволни што во него нема ништо за враќање на окупираните украински земји. Русите, пак, на дипломатски начин, за да и се угоди на кинеската суета, сепак, студено го отфрлија планот. Намерно, или не, во него нема ништо за статусот на путиновите освоени земји. Од Кремљ, затоа,   порачаа -„ сега не е ниту време, а нема ниту услови за мир во Украина“.

(С.С.Г.)

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе