Белград ја прифати реалноста за Косово
Србија и Косово го прифатија планот на ЕУ, силно и активно подржан од САД, за нормализација на нивните меѓусебни односи, прифаќајки забрзано да продолжат да работат на неговата имплементација, низ детализирањето на планот што првично тргна како француско-германски предлог кој на почетокот од есента минатата година се појавуви во неколку верзии како необврзувачки нон-пејпер.
Неговата суштина , меѓутоа, не се менуваше, а таа беше дека Белград (конечно) ќе треба да ја признае и да ја прифати новата балканска реалност- постоењето на државата Косово, како сосема посебен правно-политички субјект , надвор од Република Србија, без притоа да има дипломатско признание на косовската независност.
Во интерес на мирот и стабилноста во Косово и за релаксација на односите меѓу Белград и Приштина, но и во интерес на мирот и безбедноста и на целиот регион, чија европска перспектива со години на ред е притисната и од косовското прашање.
Прифаќање на планот на ЕУ
Беа потребни 23 години за тоа, после договорот од Куманово во 1999 година за целосното повлекување на српската власт од косовската територија и 15 години откако оваа поранешна југословенска ( и српска) покраина е целосно независна, признаена од стотина земји во светот.
Најважното е дека тоа, сепак, се случи на 27 февруари во Брисел, кога српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, го прифатија европскиот план.
Веќе овој месец, на македонска територија, во Охрид, ќе се одржи првата рунда разговори од патот за имплементација на планот. Може тоа да биде и за заокружување на неговата содржина, со ставање потписи за неговото официјализирање, по што следува макотрпна работа за заживување на нормализацијата меѓу двете соседни земји – онака како што таа е замислена -што на Балканот секогаш оди мошне тешко и бавно.
Особено што првите реакции и кај двете страни се нервозни, исполнети со несогласување, критики, обвинувања и неодобрување- при што белградските реагирања се далеку поостри и заканувачки.
„Прадавници“ и „измамници“
Курти во Приштина го обвинуваат дека не добил признание ( на државата од страна на Србија) и дека се согласил со „боснизација“ на Косово , со прифаќањето да се формира заедница на српски општини (ЗСО), што за неговите критичари е само копија на српскиот ентитет Република Српска во БиХ.
За нив, ЗСО ќе биде инструмент на Белград за да се меша во косовските внатрешни работи и за да трајно се одржува криза, како што тоа (според критичарите) сега се прави со помош на партијата Српска листа.
Вучиќ, меѓутоа, се обвинува за „предавство“ , за „капитулација“ пред Курти и за газење на Уставот на државата, па затоа тврдата, националистичка и десничарска опозиција бара од него оставка. Притоа, го обвинуваат дека со години ја измамувал српската јавност, прикажувајќи се како патриот и бранител на српството , посебно она на Косово, а сега , после Брисел, ги има предадено не само „српските национални интереси“, туку се има откажано и од Србите кои живеат во Косово.
Охрид после Брисел
Во своето прво обраќање до домашната јавност, српскиот претседател, побрза да порача дека преговорите продолжуваат и дека Белград е подготвен да работи на имплементацијата на она што е прифатено во Брисел, освен за признавањето на Косово и неговото членство во ОН. Тоа (веројатно) беше направено за да ја смири српската националистичка јавност. Но, тоа само предизвика веднаш реакција од Курти .
Од Скопје, каде присуствуваше на меѓународниот собир „Делфи Форум“ обвини дека уште веднаш Белград го гази договореното- затоа што членството во ОН се содржи во планот на ЕУ, што двете страни го прифатија- во целост.
Косовската претседателка Вјоса Османи, од своја страна, уште има речено дека делови од прифатениот план се тешки за Косово и ниту малку лесни за усогласување. Тоа според неа, се однесува на самоуправата на локалните Срби (ЗСО), како и на стаусот и посебноста на СПЦ на Косово.
Спогодба за нормализација
САД и ЕУ, меѓутоа, остануваат на позицијата дека планот не опфаќа, а тоа значи и не налага, разговори за признавање , туку дека само е основа за постигнување целосна нормализација на односите за што се согласија и Белград и Приштина.
Од Брисел порачаа дека согласноста да се нормализираат односите ( онака како што предвидува европскиот план) е исклучително важно и за Србија и за Косово, но и за регионот на Западен Балкан. Пред се, за зацементирање на мирот и стабилноста кои сега се уште поважни, бидејќи регионот веќе е тргнат на европскиот пат. Она за што не се разговара и нема да се преговара, тоа е взаемното признавање- посочуваат во Брисел.
Во суштината, она што е сега постигнато и што треба да продолжи во Охрид, е признавањето од страна на Србија дека Косово не е српско, што е реалност која Белград безмалку три децении одбива да го прифати. Сега и во Белград се признава дека планот на ЕУ, всушност, ја осободува земјата, нејзината политика, како и целото општество на Србија од деценискиот товар со „косовското прашање“ , за тоа чие е Косово и дали ќе остане дел од државата Србија.
Нема веќе „црвени линии“
Во белградските проевропски кругови се оотенцира и тоа дека решението на Вучиќ да го прифати планот на ЕУ, значи и јасно и гласно дистанцирање на Белград од Москва, без формалното воведување санкции кои , сега, после една година војна и санкционирање од страна на цела Европа, би изгледале како депласирани.
Тоа се огледува во постепеното менување на досегашниот проруски наратив, кога стана премноу јасно дека Кремљ го злоупотребува Косово за својте империјални цели на Балканот и за геостратешкото пазарање со Западот.
Според тоа, за овој дел од јавноста, што е најсилен во Белград, нема веќе простор за влечење „црвени линиии“ .
Особено што признавањето не е на дневен ред и дури ни Курти не го споменува, но дека е на штетат на српските интереси доколку зборуваше за блокада на влазот на Косово во ОН, а во планот на ЕУ, што е прифатен, децидно стои дека Србија нема да го попречува влезот на својата соседна држава во меѓународните организации.
Српско Косово-86 години
Српскиот историчар Миливој Бешлин тоа го објаснува во една реченица- „ онака како што Косово е добиено, така е и загубено- низ војни и воени злосторства“.
Бешлин потсетува дека косовската територија станува дел од Србија во 1913 година, после победата во Балканските војни и една меѓународна конференција, а заминува од Србија по воениот пораз на Слободан Милошевиќ , во војната на крајот од деведесетите години на 20 век.
И ( одново) после сторените воени злосторства, како и со волјата на големите сили, вклучувајќи ја тука и Русија.
„Мојот покоен дедо живееше подолго отколу што Косово беше српско и под српска контрола“- има речено историчарот Бешлин потсетувајќи на вкупно 86-те години „српско Косово“- од 1913 до 1999 година, до договорот од јуни таа година во Куманово и влегувањето на НАТО на косовската територија.
(И.Т.)