Принцот Хари останува и без подарената куќа
Британскиот принц Хари- војвода од Сасекс, помладиот син на кралот Чарлс, ќе остане без куќата-резиденција Фрогмор Котиџ, која е свадбен подарок од неговата баба, покојната кралица Елизабета Втора, откако медиумите во Лондон објавија дека од Бакингамската палата побарале тој и неговата сопруга Меган Маркл „да ја ослободат“ куќата и целосно да се иселат од неа.
Кралската палата одби да ја коментира веста, но претставник на Хари и Меган потврди дека од Палатата било примено такво барање и тоа веднаш по појавувањето на контроверзните мемоари на Хари. Сега е оставен рок за „ослободување“ на куќата до лето.
„Немирен и непослушен“
Се смета дека станув збор за новата казна за „немирниот и непослушен“ принц кој своето несогласување со кралското семејство одлучи да го соопшти во мемоарската книга. Таа стана хит во Британија и светот, па сега важи за најбрзо продаваната книга која не е роман, во последните 25 години.
Но, затоа силно им се замери на таткото Чарлс и посебно на постариот брат Вилијам, сега принц од Велс , новиот британски престолонаследник.
Посебно, откако откри дека при една бурна караница меѓу браќата ( во која Хари ја бранел сопругата од нападите на Вилијам), постариот брат го удрил ( го турнал силно) по што овој паднал, лесно повредувајќи се. Како и за тоа дека двајцата синови на кралот барале од татко им да не се жени за Камила Паркер, сега британска кралица-сопруга, поради која Чарлс се разведе од нивната мајка, принцезата Дијана.
Нов дом за принцот Ендрју?
Претходно беше објавено дека кралот кој се труди да стави ред во семејството, сака да му ја одземе куќата на Хари и да му ја даде на користење на војводата од Јорк , помладиот брат на Чарлс, принцот Ендрју кој е целосно деградиран од семејството, по замешаноста во педофилскиот скандал во САД и осомниченоста дека ( на времето) имал врска со 17 годишна девојка.
Хари и Меган се преселија во Фрогмор Котиџ, кога несогласувањата меѓу браќата станаа пресилни, па тие не можеа да живеат како до тогаш , под ист покрив ( во Кенсингтон палатата).
Пред вселувањето беше извршена адаптација на куќата која има десет соби и е сместена во еден дел од кралскиот замок во Виндзор, во околината на Лондон. Кога се разбра дека адаптацијата е направена со државни пари, Хари обезбеди свои 2,4 милиони фунти колку биле порошени и самиот го плати преуредувањето.
Преселба во Америка
Сега таткото и братот се налутени, па бараат од војводата и војвотката од Сасекс да ги тргнат од Фрогмор Котоџ сите свои преостанати работи, по нивната преселба во САД, во Калифорнија, каде сега живеат со двете свои деца.
Хари и Меган ја напуштија Британија во 2020 година, кога принцот, налутен на семејството, одлучи да се откаже од сите свои кралски задолженија ( како син на кралот и брат на престолонаследникот) и да живее во Америка, настојувајќи тогаш да ги увери сите дека останува лојален на семејството ( а тогаш и на кралицата).
Куќата-резиденција што сега му ја одземаат е изградена уште во 1792 година, во време на кралот Џорџ Трети, за неговата сопруга Шарлот. Позната е и по тоа што во еден период, во неа живееле роднините на последниот руски цар Николај, кого болшевиците во 1918 година, го имаат ликвидирано, заедно со сопругата и нивните четири деца..