Електричните тротинети стануваат проблем
Електричните тротинети (скутери) кои кога се појавија беа ознaчени како добро решение за еколошките проблеми на европските градови, во настојувањето да се намали загаденоста која ја предузвикуваат возилата на бензин и нафта, сега и самите стануваат проблем.
Не само безбедносен, со зголемениот број сообраќајни несреќи , туку и еколошки проблем, откако бројот на расфрланите и оштетени, или тротинети со испразнети батерии драстично се има зголемено. Нивните сопственици, како и оние кои ги изнајмуваат, едноставно, ги оставаат по улиците и парковите, како отпад, или ги фрлаат, не водејќи никаква сметка ниту за загаденоста, а ниту за безбедноста на луѓето.
Референдум за тротинетите
Францускиот главен град Париз (изгледа) има најголем проблем со тротинетите, па затоа на 2 април, градските власти одлучија да се одржи референдум за тоа дали треба да се забрани рентирање. Овие мали возила, навистина, директно не емитираат јаглен двооксид, но нивната бројка од над 15 илјади создава поблеми во Париз.
Парижани ќе треба да одлучат – дали да продолжи, или да се прекине сегашната пракса да се издаваат на користење тротинетите кои подоцна плутаат низ Сена, или стојат расфрлани по парковите и по скверовите.
Градските власти признаваат дека веќе се изморени од битката со овие возила кои лесно и брзо може да се изнајмат, а потоа се оставаат насекаде.
Одлуката за референдум, меѓутоа, ја има поделено јавноста, при што повеќето од луѓето бараат строги мерки- да се блокираат тротоарите, затоа што тротинетите веќе стануваат опасни за пешаците, а често предизвикуваат и закрчување на улиците.
Закана за пешаците
Над 170 вакви возила се извадени од Сена, во изминатите три години, само од една од службите на градот која го собира овој отпад.
Луѓето кои го работат во неа имаат изјавено дека не може да разберат зашто мора да се фрлаат тротинетите во реката по која пловат бродови. Други , пак, укажуваат дека иако батериите за возилата се обезбедени, фрлени во води тие, сепак, можат да предизвикуваат и еколошко загадување.
Засега нема прецизно истражување за ова прашање, но во парискиот Институт за физика велат дека најопасни за човековата средина се металите никел, олово, жива, кобалт и литиум кои се наоѓаат во батериите што ги покренуваат тротинетите.
Од друга страна , овие мали и еколошки возила , што добиваат се поголема брзина, стануваат опасни за собраќајната безбедност. Само во 2022 година, париската полиција има регистрирано над 400 несреќи во кои биле повредени безмалку 500 лица.
Помалку безбедни од велосипедите
Во Британија, каде се правени испитувања за безбедноста на тротинетите, било утврдено дека поголема е веројатноста да се повреди возач на тротинет, отколку велосипедист. Освен тоа е утврдено дека речиси никој од нив не носи кацига на главата, а дека не мал број од нив е откриен во алкохолизирана состојба, или под влијание на некоја дрога.
Во секој случај, проблемот веќе не е само на Париз, затоа што низа поголеми европски градови се соочени со дилемата што да се прави со се поголемиот број тротинети. Уште повеќе што последните испитувања откриваат дека и тротинетите, иако помалку од возилата, сепак, зрачат јаглен двооксид и загадуваат.
Општа согласност постои за тоа дека треба да се определат законски мерки и за овие возила, како за сите други учесници во сообраќајот. Пред се, да се забрани возење по тротарите и да се натераат возачите да се заштите на главата.
Според медиумите во Белград, тамошните градски власти подготвуваат такви мерки-забрана да се вози по тротоарите и забрана тротинет да возат помлади од 14 години. За оние кои имаат помалку од 18 година, задолжително ќе биде носењето заштитна кацига на главата.