Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мистериозно умирање во „Кругот на Кремљ“

Мистериозно умирање во „Кругот на Кремљ“

Руската докторка Наталија Кондратјева (63) која подолго време живее во Швајцарија, е најдена мртва во нејзиниот стан. Локалните медиуми пишуваат дека телото било откриено на денот од годишнината од инвазијата на Русија врз Украина. За неа, сепак,  нема сознанија дека била дел од отпорот на руската емиграција против агресијата и војната што се уште се одвива со несмалена жестина.

Но, се тврди дека таа е  докторката која била вклучена во породувањето на Алина Кабаева (40), поранешна позната руска гимнастичарка, за која и Швајцарците веруваат дека е  љубовница на рускиот претседател, која главно живее во Швајцарија, како и тоа  дека од тајната љубовна врска  се и децата што Кондратјева ги има породено.

Има разни верзии околу смрта на докторката. Но, британски „Сан“ пишува дека  неколку денови пред да биде најдено нејзиното тело, нејзиното име било споменато во истрагата за Владимир Путин и Кабаева, за нивното (наводно) големо богатство и за лагодниот, заеднички луксузен живот.

Случајот Ботиков

Смрта на Кондратјева, во некоја друга прилика, би можела да се подведе под редовните криминални хронки на медиумите, доколку не би се знаело дека   нејзиниот случај е најновиот во низата мистериозни и неразјаснети смртни случаи на поединци ( некаде и на членови на нивното семејството) од кругот околу рускиот претседател , познат како „Кругот на Кремљ“.

Во него најмногу има тајкуни кои набрзина станале многу богати, бизнисмени и Руси од т.н. бизнис елита,  како и функционери во власта и во државната администрација од кои се бара лојалност, покорност и аполитичност, но и претставници од другите делови на денешното руско општество.

Посебно, што малку пред тоа, московските медиуми пишуваа дека – во неразјаснети околности- бил убиен Андреј Ботиков (47), научник кој беше дел од тимот што учествуваше во создавањето на руската анти-ковид вакцина „Спутник“.

Неразјаснети околности

Бил убиен во својот московски стан, задавен со кожен колан, од непознат сторител. Според една верзија, убиецот му бил познат на научникот, а според друга,  станува збор за крадец кој бил фатен на дело. И како што тоа обично се случува со руската полиција, убиецот бил брзо откриен и уапсен, а на првото сослушување го признал убиството.

Случајот на Ботиков – научник одликуван за својата работа од Путин-  на тој начин, по брза постапка, бил  затворен.

Исто онака како и  на десетина други слични, или  идентични инциденти, за кои се знае дека се регистрирани од руските власти. За сите нив заедничко е дека луѓе се  починати под мистериозни околности.

Или се најдени мртви во своите станови и вили, во Русија или во странство, или  пак телата се откриени  во „инциденти“ што на брзина се означуваат како „несреќен случај“ , како смрт од срцев напад, или како „самоубиство“- најчесто со паѓање од прозорец!

Само во периодот од 2014 до 2017 година, се регистрирани 40 мистериозни смртни случаи на лица од елитата  која важи за„блиска до Кремљ“ за кои, колку што се знае, се случиле под „неразјаснети околности“.

„Несреќа или „самоубиство“

Најчесто се означени  како „самоубиства“ , иако за нив никогаш не биле дадени објаснувања. Таа   ситуација и сите такви необјаснети случувања за кои  никој во Москва   не се грижи, а ниту се осмелува да поставува прашања, драстично се има зголемено по руската инвазија врз Украина.

Колку што се знае, дури 30 лица се најдени мртви на разни локации, а сите случаи се полициски затворени , набрзина, со речиси идентичен заклучок.

Во таа низа се става и ненадејната смрт на Марина Јанкина (58), висок функционер на руското министерство за одбрана, задолжена за контролата на финансиите при набавката на оружје и муниција.

Телото е откриено во подножјето на повеќекатницата во Санкт Петербург каде живеела,  иако нејзината чанта, документите и личните работи биле откриени на терасата на 16-тиот кат , повисоко од станот од каде- наводно- се фрлила и се самоубила.

Веста за нејзината мистериозна смрт, пред годишнината на инвазијата,  дојде по неколку денови откако беше соопштено дека се „самоубил“ генералот Владимир Макаров кој малку пред тоа беше сменет со одлука на Путин.

Ненадејна генералска смрт

Овој генерал беше задолжен за борбата со екстремизмот во Русија. Се тврди дека до смената, раководел со тимот задолжен за сузбивање на противниците на рускиот претседател, во кои се сметаат и новинарите за кои се тврди дека се „непријателски расположени“ кон Кремљ. Се самоубил во една плевна, во село во околината Москва, додека сопругата го чекала за редовната утринска прошетка.

Триесетина денови пред тоа, медиумите имаат објавено дека „ненадејно починал“ генералот Алексеј Маслов кој од поранешен воен командант, заврши како раководител на одделот за продажба на најголемиот светски производител на тенкови „Уралвагонзавод“ .

Претходно бил командант на руската копнена војска од 2004 до 2008 година. Потекнува од областите што се граничат со Украина, а се вели  дека имал блиски врски со Киев. Во Украина ја има започнато и воената кариера, како студент ( во советско време) на воената академија во Харков.

„Паѓање од прозорец“

Неговата смрт од „срцев удар“ се има случено во исто време кога во подножјето на еден хотел во Индија, полицијата го открила мртвото тело на рускиот „крал на колбасите“ Павел Антов. Мултимилионер и член на партијата на Путин „Единствена Русија“ .

Локалната полиција, по руската шема, брзо има заклучено дека паднал од прозорецот на хотелската соба, од „невнимание“ затоа што бил „силно депримиран“ откако на ист начин и од истиот хотел – само два дена пред тоа- починал и неговиот пријател , со кого дошол во Индија, за да го прослават роденеденот на колбасичарот.

Со една ваква верзија во која малкумина во Русија веруваат, брзо се согласил и рускиот конзул во Индија.

„Паѓањето од прозорец“, се споменува како честа причина за умирање во овој „кремљовски круг„  во измнинатата година, од инвзаијата во Украина. Во септември, на пример, така беше објаснета и смрта на претседателот на УО на „Лукоил“ Равел Маганов, кога неговото тело беше накдено во подножјето на една московска болница, каде со сопругата дошол на преглед.

Казнување на Лукоил ?

Наводно паднал од шестиот кат, од собата каде се облекувал по прегледот, ддека сопругата го очекувала во соседната просторија. Но смрта на овој човек кого Путин го има одликувана на свечена церемонија во Кремљ, за јавноста, остана сомнителна и неразјаснета. Наместо верзијата дека „бил под депресија“ , во руската јавност која се противи на путиновата власт смета дека на Маганов „ му помогнале да падне од прозорецот“  на болницата во која се лекуваат високи функционери .

Сомнежот постои затоа што Лукоил беше првата голема руска компаннија, од нафтениот сектор, која јавно се спротивстави на војната во Украина. Сега дури сомнежите околу смрта на Маганов се засилени , откако се разбра дека поранешнот прозападен и проевропски бугарски премиер Кирил Петков, на почетокот од војната, тајно и има префрлано руска нафта на Украина, од резервите на Бугарија, сместени во терминалите на Лукоил на бугарска територија.

Од Лукоил, во наводно „несреќен случај“- лекуван од надрилекар- ненадејно почина и Александар Суботин. Од „Газпром“, пак,  Александар Тјулаков се „самоубил“ во својата гаража, додека екс директорот на Газпром-банка Василиј Мелников се „самоубил“ откако пред тоа ги има застрелано сопругата и ќерката.

Никој ништо не прашува

На сличен начин- убиство на семејството, па самоубиство- животот го имз завршено уште еден од кругот на Кремљ- Сергеј Протосења, директор на рускиот гигант за гас „Новотек“. За разлика од другите, овој тежок инцидент се има случено во Шпанија, во изнајмена вила во Љорет де Мар.

Од тука, па натаму има уште цела низа вакви и слични случаи на починати под мистериозни и неразјаснети околности, почнувајќи со поранешниот премиер на руската област Дагестан, Магомед Абдулаев кој во главниот град Махачкала е прегазен , на пешачки премин,  од „Лада“ и нејзиниот возач. Истрагата ја има обвинето  жртвата-  за невнимателно минување на улицата.

Никој во Москва, меѓутоа, не се интерсира за  тоа- што се случува во земјата  и како наеднаш умираат толку луѓе – „паѓајки од прозорец“ или умираат “депресирани, откако во таа состојба „ги убиваат и своите најблиски“.

Инциденти без докази

Некој полусериозно има речено за „руски синдром на ненадејна смрт“, додека американското списание „Атлантик“ има напишано за „исфрлање на едно, или на неколку лица низ прозорец, како што се правело во минатото во Русија“-пред се, од политички причини.

Само во мај 2022 со исто објаснување- труење, самоубиство и срцев удар- за две недели се починати 20 луѓе од руската бизнис-елита. Но, и покрај еден ваков страшен податок, тешко е да се докаже  дека сите тие, или повеќето од нив – се  убиени.

Со оглед на начинот на живеење во Русија- силно консумирање алкохол- не е немоѓно некој да почине од природна смрт, или да падне од прозорец или од некој балкон. Освен тоа , процентот на самоубиства кај мажите во Русија е највисок во светот, сепак според времето во кое сега живее оваа земја- војна, политичка и економска криза- овие случувања може да се врзат само за политиката.

Особено што Русија има долга традиција на нарачани убиства и ликвидации.

Сите опции се отворени

Затоа, во ова време на самовластие  на Владимир Путин, сите опции се отворени- сметаат западни политички експерти. Посебно кога станува збор за војната, која како и да заврши ќе значи пораз за него.

Од друга страна, Русите се прилично добри во замаскирувањето на нечија ненандејна и сомнителна смрт, прикажувајќи ја како срцев, или како мозочен удар, па затоа и можеби не чуди што никој не се обидува да се позанимава со олку голем број мистериозни смртни случаи.

Голема улога во тоа има стравот кај обичните луѓе и меѓу оние кои би требало да го покренат ова прашање. А, тоа  е она што во сегашнава ситуација во која се наоѓа Путин најмногу му одговара,  за да продолжи онака како што досега владее. Уште повеќе што притоа се „чисти“ елитата во бизнисот за која се смета  дека  би можела да се сврти против него.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе