Судир над Црно море
Големо беспилотно летало на американската армија- MQ-9 Reaper- во вторникот рано утрото, се урна во Црно море, после сударот што дронот го имал со руски воен авион. Никој во овој инцидент не е повреден, освен што рускиот авион (многу веројатно) е оштетен при инцидентот, иако за тоа руската страна не зборува.
Американците соопштија дека, всушност, тие го урнале својот дрон, откако станал- како што е речено- „неупотреблив и некорисен“ по оштетувањето на неговиот пропелер.
Инцидентот се случил во меѓународниот воздушен простор, а леталото е паднато во меѓународните води , каде летаат, патролираат и пловат- на површината и под море – и Америкакнците и Русите и тоа е така веќе девет години.
„Сухои“ контра Reaper
Според толкувањата на американскиот Пентагон, овој пат, имало конфронтација меѓу два руски авиони „Сухој-27“ и дронот кој бил во својата редовна мисија над Црно море.За конфронтацијата се вели дека траела триесетина минути.
Направена е и компјутерска, анимирана симулација на која американската ТВ мрежа Си-Би- Ес го има прикажано случајот , од што може да се види начинот на кој двата руски авиони го имаат намерно оштетено.
Од неа се гледа како двата „Сухои“ го пресретнуваат леталото кое во височините е како поголема едрилица, а потоа се поставуваат во позиција пред него. Тогаш почнале да испуштаат гориво од своите резервоари , пред еден од авионите да го поткачи дронот и да го онеспособи, на тој начин што повеќе не можел да се контролира.
Затоа, била донесена одлука беспилотното летало да се урне во морето кое таму каде што е потонато е длабоко околу 1500 метри.
Разговор Остин-Шојгу
Русија , од своја страна, демантира дека нејзини борбени авиони имале контакт со дронот на САД и дека предизвикале тој да биде урнат. Руската верзија за инцидентот е дека дронот се урнал само поради „погрешен и остар маневар“ за што е виновна американската страна, односно пилотот за наводење кој и управувал од далечина со него.
Во меѓувреме, Пентагон, а потоа и државниот секретар за одбрана Лојд Остин потврдија дека во средата, телефонски разговарал со рускиот министер Сергеј Шојгу, што е нивна прва комуникација после октомври.
Тој објаснил дека во разговорот Шојгу настојувал инцидентот да го објасни дека е последица на „преголемата активност ( на Западот) против интересите на Русија, како и тоа дека дронот летал покрај полуостровот Крим , окупирана, а набрзо после тоа и анектирана украинска територија која Москва од март 2014 година ја смета за своја.
Како и да е , од Шојгу и од Русија и не би можело друго да се очекува освен одговорноста, како и за целата војна наметната на Украина , да се префрли на друг.
Сериозен инцидент
Но, самото тоа што двајцата министри разговарале, а тоа го имаат направено и началниците на генерал-штабовите на армиите на двете земји , покажува дека овој инцидент над Црно море- без разлика како кој го прикажува- е сериозен.
Станува збор за прв инцидент во кој директно се имаат соочено двете страни. И тоа во реонот што , воено и безбедносно, претставува најзапаливата зона во Европа и во светот и каде една година се води вистинска војна.
Американците ( и Британците) имаат капацитети и технолошка можност за да се открие и за да се извади потонатиот дрон. Тоа на Амеррикамците им успеа при откривањето и вадењето на нивниот Стелт Ф-35 авион што се урна во Јужно кинеско море.
Од друга страна, впечеток е дека во Пентагон не се премногу возбудени за тоа дали руската страна би можела да дојде до дронот и да го префрли на својата територија. Се смета дека дронот „Reaper” е со постара тхнологија , а не мал број од овие дронови досега биле загубени. Освен тоа, проценка е дека од овој урнат над Црно море, мали шансите Русите да откријат корисни разаузнавачки податоци.
Разузнавачка функција
Затоа, воени безебедносни експерти во Вашингтон и во Лондон се на мислење дека (евентуалниот) обид на Американците да го извлекуваат собореното беспилотно летало – од длабоки води, сосема блиску до воена зона и со руски воени бродови и подморници што таму постојано патролираат – може да биде и поголем ризик и поголема закана за ескалација на ситуацијата меѓу САД и Русија, од самото негово соборување.
Без разлика што целиот инцидент го има предизвикано руската страна.
Ваквиот тип летало , пред се, има разузнавачка функција, иако е користено и во разни анти-терористички операции низ светот. Има распон на крилјата од 20 метри, а е долго единаесет. Најдалеку може да долета до 1850 км. и да се искачи на височина од 15 илјади метри. Може да носи и оружје- осум ласерски наводени ракети , со кои управуваат далечински пилот и сензор.
Судирот над Црно море, сепак, не може да се квалификува како неочекуван.
Дронови од почетокот на војната
Експерти дури сметаат дека инцидентот беше неизбежен и дека може да има и друг таков , затоа што дроновите се во употреба употреба уште од самиот почеток на војната, по руската инвазија од пред една година. И дека така ќе биде се додека трае агресијата врз Украина и додека не престанат воените дејствија.
Дроновите станаа идеална алатка на војската за надгледување на состојбата во реонот на Црно море. Американската страна, затоа, ја има известено руската дека и покрај она што се случи во вторникот, на 14 март, САД ќе продолжат да патролираат со беспилотни летала- држејќи за меѓународниот воздушен простор.
Тоа така ќе биде се додека траат тензиите и се додека Москва продолжува да биде закана по мирот и безбедноста за истокот на Европа и за Црноморското подрачје.
Тензиите , инаку, се почнати уште пред девет години, во 2014 кога Русија го анактира украинскиот полуостров Крим. Посебно се засилија по февруарската инвазија врз украинската територија . Од тогаш , САД и Британија ги имаат интензивирано разузнавачките и осматрачките летови , секогш внимавајќи да не се повреди рускиот воздушен простор. Собореното летало било опремено за прибирање на податоците кои ги емитуваат радарите.
Ситуацијата е непроменета
Од порано е познато дека летовите за надгледување и за прислушување се користат за прибирање податоци и важни информации за коисе вели дека помагаат за унапредување на безбедноста на Европа, како и за подршка на сојузниците и партнерите. САД разменуваат такви информации и со Украина, уште од почетокот на војната , што му помогна на Киев да го потопи рускот адмиралски брод.
Според тоа, излегува дека работите во реонот на Црно море остануваат да бидат такви какви што беа и досега.
Тогаш, зашто на Русите кои знаат дека дроновите летаат наспроти руската територија, ниту еднаш досега не повредувајќи ја, им беше потребен инцидентот од пред некој ден. Можеби за задоволување на суетата на Кремљ која е силно погодена и повредена со тоа како се одвиваат и инвазијата и војната во изминатите 12 месеци.
А, можеби и за задоволување на ароганцијата на Москва. За тоа дека Црно море треба да остена само „руско море“, како и Азовското, како што некогаш- во времето на блоковски поделена Европа- тоа изгледаше како да е само „советско“.
„Руски двор“ со „руско море“
Посебно сега кога Владимир Путин решил да ја обнови старата поделба на Европа, според советскиот модел. Сите што беа дел од некогашен СССР и сега да се со него и со Русија.
На „рускиот свет“ , или на „рускиот двор“ во кој сака да ги смести Украина, Молдавија и Грузија, многу е важно Црно море да остане- само руско, со толеранцијата кон Турција, каква што постои веќе 70 години, од времето кога е создадено НАТО.
Конечно, во сегашната неизвесна фаза за тоа како ќе се развива понатаму војната, но и ситуацијата во самата Русија, на Кремљ му е важно да се посочи виновникот за ситуацијата во која се најде Москва.
Веднаш по инцидентот со дронот се огласи „јастребот“ во кругот на Путин, секретарот на рускиот совет за безбедност Николај Патрашев, кој се нафрли врз Америка.
Прво, за тоа дека Русија настојува да го најде и да го зароби соборениот дрон, а потоа дека инцидентот покажал оти „САД од почетокот се директно вклучени во војната“. Па, дека според тоа- Москва не војува со Киев и Украина, туку дека станува збор за судир на Америка против Русија- која затоа морала да се брани.
(Спектатор)