Ѓукановиќ се бори за опстанок
Вo вториот круг од претседателските избори во Црна Гора се „вечниот“ и актуелен претседател Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ (37) , заменик лидер на партијата Европа сега.
Мило е над 3о години во врвот на црногорската власт. Од годините на распадот на поранешната ЈУ федерација, како комунистички функционер, па преку годините на милошиќевата „мини“ Југославија и новоименуваната заедничка држава – Србија и Црна Гора – до целосно независна Црна Гора, од 2006 година. Откако одлучи да им сврте грб на Белград и на Србија, форсирајќи – како што и сега зборува- враќање на црногорската државност и на посебноста на црногорската нација, па одлучи да се сврти кон Западот и кон евроатланските асоцијации.
Милатовиќ нема таква биографија. Познат е како поранешен министер за економија , образуван на Запад и (велат) проевропски ориентиран. За него се вели дека ги водел (успешните) преговори со ЕУ, за спас на земјата од банкротство, заглавена во долговите од заемот од Кина за изградба на првиот автопат во Црна Гора, што земјата не можеше да ги враќа.
Дуел на старото и новото
Неговата партија е нова на тамошната политичка сцена.
Позната е само по тоа што успеа да истурка свој градоначалник во Подгорица, благодарејќи на проевропските Срби во Црна Гора кои му ја откажаа довербата на просрпскиот и прорускиот Демократски Фронт (ДФ)- водечка партија на црногорските Срби – која важи за антизападна, но кои се и против Ѓукановиќ , кого го обвинуваат и за антисрпство, за корупција и за „заробувањето на државата“.
Актуелниот шеф на државата како кандидат на неговата партија ДПС ( Демократска парија на социјалистите), сепак, во првиот круг освои 36 отсто од гласовите, далеку повеќе и од Милатовиќ и од лидерот на ДФ кој доби 19 отсто . Таквата разврска се покажа различна од очекуваното и од прогнозите , кои предвидуваа кандидатот на Европа сега да има поголема подршка.
Мило, пак, веруваше дека за конкурент во вториот круг ќе го има токму лидерот на ДФ, за кого навиваат во Белград и во Москва.
„Гаранција за европскиот пат“
Во една таква ситуација се верува дека политичкиот ветеран лесно би можел го совлада својот противкандидат, носен на неговата проевропска кампања.
Во неа се инсистира дека само тој е гаранција оти Црна Гора останува на европскиот пат и во НАТО, како и на распаленото црногорство меѓу населението кое го открива својот идентитет, различен од српскиот, што го негираат просрпските партии во земјата.
Со Милатовиќ како конкурент, меѓутоа, една ваква тактика не му ветува сигурна победа.
Напротив, навестува неизвесна трка и (практично) борба на Ѓукановиќ за политичко преживување. Европа- барем формално- е опција и на двајцата кандидати. Многу помладиот Милатовиќ настојува да го обвинува Ѓукановиќ за неговото минато, за врските со режимот на Милошевиќ и со српските националисти.
Милатовиќ и без тоа е во извесна предност, како предводник на новото во политиката на Црна Гора, како млад и образуван и како неоптоварен со никакви афери, за разлика од низата обвинувања кои одат на сметка на актуелниот претседател.
Најдолг стаж во Европа
Згора на се, Мило е политичар со најдолг стаж во Европа , па после гласањето на 2 април може да оди во политичка пензија, да остане без сегашниот имунитет, а тоа да значи покренување на процеси за неговите „бројни, сомнителни бизнис врски со криминалното подземје во Црна Гора и во Србија“.
Во европските медиуми, кои не сакаат да го прогнозираат исходот од вториот изборен круг, се смета дека заминувањето на Ѓукановиќ може да биде позитивен пример за другите на Западен Балкан ( се мисли, главно, на Србија и БиХ).
Особено затоа што домашните политичари се одржуваат во (политички) живот , потикнувајќи ги национализмот, омразата и поделбите, само за да обезбедат вечно останување на власт, хранејќи ја притоа корумпираната елита што ја создаваат околу себе за да ги помогне амбициите за вечно владеење.
Милатовиќ кому не може да му се прикачи ништо од ова, изгледа како фаворите во вториот круг. Посебно кога се очекува да ја добие подршката од сите кои се против Ѓукановиќ, влучувајќи ја и партјата на сегашниот (технички) премиер Дритан Абазовиќ.
Меѓу Западот и „српскиот свет“
Меѓутоа, за да победи, младиот политичар ќе мора да ја прифати и подршката на Демократскиот Фронт чии позиции се спротивни на оние на партијата Европа сега, по многу работи. За Фронтот се знае дека е силно поврзан со Белград, а тоа е товарот што може да ги помати сметките на Милатовиќ.
Особено што малцинстата во Црна Гора, традиционално, гласаат за партијата на Мило и за него. А, во првиот круг, локалните Хрвати и Албанци, апстинираа во голем број.
Во оваа ситуација, Ѓукановиќ смета на таквата изборна математика- на придобивање на малцинствата и на целосното дисквалифицирање на Демократскиот Фронт, како антиевропска и анти НАТО партија, која сега станува важен партнер за победата на Европа сега и на Милатовиќ.
Затоа и во сите настапи, вечниот Мило порачува дека гласачите треба да се определат меѓу прозападната, проевропска линија која тој ја брани и враќањето во „српскиот свет“ кој според него , прикриено го подржува и Јаков Милатовиќ, за да ги добие српските гласови.
(Д.П.)