Кинески заеми за „должничко ропство“
Повеќе од една деценија , Европа и светот , речиси безгрижно посматраа како една инвестициона иницијатива на НР Кина- означена како „Belt and Road” (BRI) – забрзано насекаде се шири, промовирајќи го Пекинг како нова сила во светот на инвестициите.
Во исто време, зајмовите и кредитите што ги даваат кинеските државни банки и инвестициски фондови, сите под контролата на државата, а тоа значи и под контролата на семоќната кинеска КП, ја прикажуваа Кина како некаква паралелна варијанта на веќе одамна етаблираните меѓународни фондациии ( како ММФ). Подготвена, ако биде потребно, доделените пари, на земјата позајмувач, да ги прикажува и како странски инвестиции.
Сето тоа, во секој случај, не изгледа ни малку самаријански , како што Кина тоа сакаше и сака да го претставува, онаму каде настапуваше со своите пари- доделувајќи кредити и зајмови во изградбата на патишта, мостови и железнички линии, проекти кои во некои земји добиваа мегаломански размери. Особено, кога почнаа да се расчистуваат некои работи околу „поволните’ кинески заеми.
На „мала врата“ во Европа
Прво, со сознанието дека зад кинеската спремност „ да помагаат во развојните проекти“ на земји кои немаат пари за своите мега планови, како оние кои ги имаат богатите држави, се крие кинеската државно-партиска стратегија за инфилтрирање на Кина во определени делови од светот . Ускладено со кинеската геостратешка политика.
Пред се, во Азија и земјите од кинеското опкружување, потоа во Африка, при што заемите често се врзуваат и за користење ( експлоатација) на суровините и за Кина важното рудно богатство на земјите каде се вклучени кинеските пари, како и Европа.
Но, и во државите од Западен Балкан кои се уште се надвор од ЕУ, за да преку нив и преку некои од членките на Унијата , кои се имаат залетано по кинеските кредити, Пекинг може да се инфилтрира на „ мала врата“ и во самата ЕУ.
Сето тоа, многу често, се изведува со користењето и на коруптивни потези.
Должничка замка
Обично со давање поткуп на највисоките државни функционери кои треба да го одобрат кинеското навлегување за изградба на ( по правило) непотребно скапи инфраструктурни проекти. Тоа главно е правено во земјите во развој, каде земањето поткуп е „нормална појава“, но и на Западен Балкан. При што, платениот поткуп Кинезите го имаат внесувано во крајната сметка за вреднување на проектот и во вкупниот долг што ќе треба да го враќа државата- примач на заемот (кредитот).
Конечно, се покажа и дека овие „развојни заеми“ претставуваат своевидна должничка замка во која (свесно, или несвесно) влетува земјата која барала и добила кинески заем, по што во многу случаи досега , се имаат доведено до работ на банкротство.
Кина, нејзините банки, како и државите кои се кинески должници, ги отфрлаат ваквите обвинувања, квалификувајќи ги како „измислен и неточни“ . Се отфрлаат како „подметнување “ и обвинувањата за давање и примање поткуп, за да се добие некоја зделка , или за да се навлезе на територија која е важна , бидејќи се наоѓа на патот за кинеското стратешко напредување.
Примерот на Црна Гора
Партиските медиуми во Пекинг, на пример, за тоа пишуваа за време на последниот конгрес на КП на Кина, на кој е зборувано и за „Belt and Road” програмата која ( по застојот во последните три-четири години треба да се интензивира), исмејувајќи ги сите обвинувања за тоа дека техниката според која се давааат државните кредити – може една земја да ја одведе и до банкротство.
Еден странски, независно создаден , банкарско-финански конзорциум од експерти, меѓутоа, има направено цела студија за кинеското напредување и за кинеското кредитирање, за кое се констатира дека може да доведе до сериозни проблеми , па и до своевидно „должничко ропство“. Во тие рамки се споменува примерот со малечката Црна Гора.
За оваа поранешна ЈУ република се вели дека е најпознатиот, европски пример, до каде може да одведе земањето заем преку кинеската програма „Belt and Road” , односно од кинеката држава.
Програмата е раширена низ Западен Балкан, прво во Србија, а потоа и во Македонија и Црна Гора, во изградбата на автопати, како и во Хрватска за изградбата на мостот Пељешац, преку кој беше премостена БиХ, а земјата директно поврзана со нејзиниот краен југ.
Најскапиот автопат во Европа
Во Црна Гора, кинеската програма се вклучи во изградбата на првиот тамошен автопат, од Јадранско море, преку Подгорица до Србија, преку вообичаениот државен кредит, но брзо беше утврдено дека цената на изградбата расте со голема брзина. Сметката на се уште незавршениот пат, достигна рекордни една милијарда долари – за само 100 км, па проектот што го градеше кинеската компанија „ China Road and Bridge Corporation” беше означен како најскапиот автопат во Европа.
Трошоците станаа неодржливи за малата црногорска економија , бидејќи достигнаа износ од една третина од БНП на Црна Гора. Земјата се најде на работ од банкротство , неможејќи да го враќа долгот на Кина, па се соочи со тоа, на Кинезите во сопственост, да им го отстапи целиот пат и земјиштето по кое оди трасата, а да го даде и пристаништето во Бар!?
Тогаш владата во Подгорица побара спас, преку итна интервенција од ЕУ со која земјата преговара за членство. Брисел не можеше да и додели пари од т.н. солидарен фонд на Унијата, бидејќи земјата не е членка на ЕУ, но сепак се најде решение , со обезбедување поволни кредити за враќање на ануитетите.
Ширење политичко влијание
Црна Гора остана со завршените 80 км од автопатот, а Европа (конечно) го виде на дело настапувањето на Кина на европскиот континент и планот на Пекинг да навлезе во ЕУ.
Посебно што проблемот веќе не беше само економско-финансиски, или врзан за ширењето на кинеските инвестиции во Европа, туку и политички. Зад давањето кредит и позајмувањето пари од државни банки, Кина го купува и политичкото влијание во земјите кои ги кредитира. Некаде и со правото да се меша во нивните внатрешни работи.
Реакцијата на Пекинг, како околу црногорскиот случај, така и за европските обвинувања , се сведе на грубо отфрлање на сите тврдења. Кина не прифаќа дека со својата инвестициона програма „Belt and Road” прави простор за трајно задолжување и врзување за себе на земјата на која и дава кредит кој, во основа, е многу понеповолен од кредитите на меѓународниот финансиски пазар.
Споменатиот конзорциум, пак, во својот извештај „Кина како заемодавач- во крајна нужда“ го открива она што Пекинг го демантира- дека во изминатите десет години , многу од државите кои имаат земено кинески кредити , западнале во сериозна финансиска криза.
Кредит за враќање на кредитот
Во 2022 година, на пример, во 22 држави примачи на кинески кредити, Кина интервенирала со дополнителни пари за да ја подобрува ликвидноста на државите должници, за да тие можат да и го враќаат долгот- според принципот – кредит на кредит.
Дури 240 милијарда долари, дополнителни пари, Кина има уфрлено во ваквите земји за да ја спасуваат нивната ликвидна способност, врзувајќи ги на тој начин во некакви „вечни“ должници и ставајќи ги во подредена положба. Сите „заглавени“ преку земањето зајмови од програмата „Belt and Road”.
Излегува дека сите се фатени во замката со прескапите проекти , па биле приморани да станат дел од операцијата „Rollover” (обновување) на кредитот, што значи натамошно зголемување на долгот преку земање нови, краткорочни заеми, за рефинансирање на долгот кон НР Кина.
Проценка е дека (ваквите) кинески (финансиски) пакети, за спасување (Bailout) на нејзините должници, изнесуваат 20 отсто од зајмовите и аранжманите кои ги прави ММФ. Но, кинеските позајмувања се разликуваат од оние на ММФ и на другите познати меѓународни финансиски организации , по тоа што , едноставно, се непровидни, сите одат со висока камата и речиси исклучиво се однесуваат за долгот кон „Belt and Road”.
(С.С.Г.)