Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Црна Гора со нов претседател

Црна Гора со нов претседател

Претседателот во Црна Гора има, главно, протоколарно-церемонијален карактер, како што имаат и претседателите на најголемиот број европски парламентарни демократии, па тој не се вклучува во дневната тековна политика, како премиерот, на пример. Затоа и насекаде низ Европа, изборот на шеф на државата нема такво значање какво што има избирањето нов состав на Парламентот и изборот на нов  премиер.

Овој пат, меѓутоа, претседателските избори во најмалата поранешна ЈУ република, која од 2006 година е независна држава, добија, без малку, историско значење.

Најмногу затоа што изборот не беше меѓу двајца кандидати кои, патем, и обајцата се декларираат како проевропски определени, туку меѓу актуелниот, политички мошне искусен, претседател кој бараше уште еден пет годишен мандат и младиот економски експерт кој за прв пат влегуваше во една политичка битка.

Победа на младиот Милатовиќ

Изборот беше меѓу (безмалку) вечниот Мило Ѓукановиќ кој 32 години е на политичката сцена, уште од времето на поранешната југословенска федерација и Јаков Милатовиќ (37) кој имал само осум години кога неговиот политички противник за прв пат имал  висока функција.

Токму тоа и даде и основен печат на оваа изборна трка во која младоста победи и поуверливо од она што се очекуваше. Само поради тоа што на црногорските гласачи веќе им е  доста од Мило и од неговото префрлање меѓу премиерската и претседателската функција.

Црна Гора, конечно, има нов претседател кој не е ниту од редовите на миловата Демократска партија на социјалистите (ДПС) која е безмалку сите изминати години  на власт, уште од времето пред незавсноста. Милатовиќ, инаку,  е заменик лидер на малата, силно проевропска и прозападна партија-  Европа сега- која на последните локални избори победи во Подгорица.

Над три децении власт

Во домашната политика е познат како министер за економија кој во кусиот мандат успеа да се избори за поголемо зголемување на просечната плата во Црна Гора и по тоа, што  ( како преговарач) од Брисел и од ЕУ успеа да издејствува добивање поволен кредит со кој Црна Гора се спаси од банкротство, поради долгот кон Кина ( за изградбата на автопатот од Јадран до границата со Србија), што земјата не можеше да го отплаќа.

Црногорските аналитичари сега велат дека токму зголемувањето на платите и спасувањето од банкротството, го имаат направено Милатовиќ и познат и популарен кај гласачите.

Во својата прва изјава  има речено дека -„Ова ( падот на Ѓукановиќ) Црногорците го очекуваа 30 години“- но и тоа дека како шеф на државата ќе ја предводи земјата на нејзиниот пат кон полноправното членство во ЕУ. Тој верува дека токму Црна Гора може да биде предводникот на Западен Балкан на тоа патување.

Мило, пак, го призна поразот,  прифаќајќи ја – како што рече- волјата на граѓаните. Неговите приврзеници кои и натаму не се малку, како и традиционалните негови гласачи, меѓутоа, останануваат со неверувањето дека Ѓукановиќ е симнат од политичката сцена, на која се очекуваше да остане и во следните пет години.

Свртување кон Западот

Во сега далечната 1991 година, тој имаше само 29 години кога беше поставен за премиер на тогашната републичка влада, како најмладиот на таа функција во Европа. Но, во 2006 година, тој ја предводеше Црна Гора во независност од Србија, излегувајќи од дотогашната „мини“ Југославија на Слободан Милошевиќ, која во еден кус период се нарекуваше и – Србија и Црна Гора.

Во времето додека Мило беше на власт, оваа дотогаш  изразито проруска република и  држава, наводно поради некакви “историски корени и врски“ , се сврте кон Западот. Побара и доби согласност за членство во НАТО и силно го забрза својот кандидатски статус , отворајќи прва пристапни преговори со Брисел.

Во втората половина на својот мандат како претседател тој самиот,( во Европа велат непотребно), создаде криза во Црна Гора и посебно во односите со соседна Србија, отворајќи фронт- со  Српската православна црква- која е мошне влијателна во земјата.

Мило оди во пензија?

Сакаше СПЦ да ја сведе на тоа да има ист статус како и другите верски заедници и побара обнова на автокефалноста на Црногорска  православна црква (одземена од Српската црква) при создавањето на Кралството Југославија.

Сега се најавува дека би можел да се врати на политичката сцена, по јунските предвремени парламентарни избори со кои би требало да се заврши политичката криза, но неговите критичари не веруваат во тоа. Она што тие очекуваат е Мило да се повлече од водството на ДПС и да замине во пензија.

Дел од аналитичарите во Подгорица  се сомневаат дека зад уверливата победа на Милатовиќ и зад подршката што тој ја доби, посебно во германските медиуми, се крие настојувањето да се „остави настрана Црна Гора, за сметка на Србија“, сега кога Белград треба да се спогоди за нормализација на односите со Косово. Новоизбраниот претседател Милатовиќ  заговара подобри односи со Србија, па затоа беше подржуван и од официјален Белград и од СПЦ, но и од Москва.

(Д.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе