Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

НАТО со Финска како 31-ва членка

НАТО со Финска како 31-ва членка

Северно-атланската Алијанса (НАТО) од пред некој ден има уште една нова членка- Финска.

Оваа европска демократија од Северот на континентот и најистурена кон Русија, со децении на ред се држеше неутрално кон политичко-безбедносната Алијанса, означувајќи го тоа како своја безбедносна идеологија, иако Финска низа години , од пред  влегувањето во ЕУ, има цврсти врски до НАТО и со неговите воени и безбедносни структури.

За полноправно членство и за (формално) напуштање на неутралноста , владата во Хелсинки се определи после руската инвазија врз Украина и војната што Русија ја покрена против една независна држава за да анектира цели делови од нејзината територија.

Советската инвазија 1930/1940

Тогаш стана јасно дека неутралноста и постоењето само цврсти врски со НАТО, ништо не значат за путинова Русија, кога неговата војска и платениците на „Вагнер“ сурово ја уништуваат украинската територија, извршувајќи злосторства, а прикажувајќи го  тоа како „ослободување“ и како „одбрана“ на руската земја.

На Финците им стана јасно дека безбедност и солидарната заштита од Западот и од сите во Алијансата , може да ја имаат само доколку се дел од неа. Уште повеќе што во, не така дамнешната историја, на почетокот на Втората светска војна, Финска  има горчливо искуство со тогашниот СССР. Јосиф Сталин (во договор со нацистичка Германија) ја нападна  Финска – во „украински стил“- во таканаречената „Зимска војна“ (1939/1940), запоседнувајќи делови од нејзината територија, што  беа окупирани, а потоа  и  анектирани од Русите- како „руска земја“.

Како и да е, осум децении подоцна, земјата радикално ја смени својата одбранбена политика и се определи за влез во овој политичко-воен сојуз во кој веќе имаше 30 земји.  Безбедносни и воени експерти притоа проценуваат дека оваа земја  и покрај својата досегашна неутралност, не влегува неподготвена.  Дури проценка е  дека ползата од финското влегување во НАТО – е взаемно.

Полза,  секако, пред се, ќе има  новата членка, која веќе се наоѓа „под чадорот“ на Алијансата , далеку повеќе заштитена од досега, преку системот за колективната безбедност. Но, полза  има и НАТО, затоа што  во своите редови прима една респектабилна воена сила.

Респектабилна воена сила

Финска е земја која има 5,5 милиони жители, но и така мала , располага со 12 илјади професонални војници, а секоја година обучува за одбрана над 20 илјади лица. Во случај на војна, Финска може да смета на 220 илјади војници, целосно подготвени веднаш да се вклучат во воени операции, како и на уште 600 илјади резервисти.

Планирано е до 2026 година, земјата да го зголеми својот воен буџет за 40 отсто и практично да издвојува за одбана повече од една Германија. Сепак и сега Финците се прилично добро опремени- имаат 55 авиони Ф-18 , што сега почмуваат да се заменуваат со помоќната верзија Ф-35. Предвидено е да се набават дури 60 од овие воени летала. Во редовите на финската армија има и 200 тенкови и силна артилерија од разни калибри.

Според договорот што е направен со НАТО, земјата самата ќе одлучи дали да побара и да прими воени единици од другите земји во Алијансата, како што тоа го побараа и веќе го имаат добиено трите земји од Балтикот и Полска, како и дали на финската ериторија ќе се уредува база на НАТО.

Заштита на северното крило

Со влегувањето на Финска, практично, се зајакнува одбраната и се заштитува северното крило на Алијансата ( и на Европа) , што треба да се докомплетира со влегувањето и на Шведска, која и натаму се блокира од орбанова Унгарија и од Турција.

Будимпешта се одмездува затоа што Стокхолм досега беше  мошне критичен ( во Европскиот Парламент) кон авторитарната и недемократска власт на Виктор Орбан, додека Анкара бара од Шведска да ги забрани  курдските здруженија на нејзина територија и да и ги предава на Турција сите кои Ердоган ќе ги прогласи за терористи.

Европски проценки се дека  Шведска , сепак, би можела да влезе во НАТО на Самитот во јули годинава. Во меѓувреме, се анализира можниот руски одговор со кој Москва се закани уште истиот ден кога Финска стана полноправа членка. Факт е , меѓутоа, дека приемот на две земји од Северна Европа во Алијансата и обете досега определени да се држат настрана од воените блокови, претставува шлаканица за Владимир Путин и негов политички пораз , во неговото настојување да се запре ширењето на НАТО.

Неуспех на политиката на Путин

Прво, со ултимативното барање да и се забрани на Украина на било кој начин да се врзува за оваа Алијанса, што на почетокот се означуваше како оправдување за инвазијата. Потоа и барањето – земјите од некогашниот комунистички Исток во Европа, кои сега се во НАТО/ЕУ,  да бидат воено дезангажирани.

Односно да останат само во политичкиот дел на организацијата , затоа што според Москва,  биле „закана“ за безбедноста на Русија, бидејќи биле  сосема блиску до „рускиот свет“ што го има смислено рускиот претседател.

Заканите на руската страна, во секој случај, не изменија ништо во плановите и амбициите на секоја земја, самата да си обере странакон која ќе се приклони, освен што токму неиспровоцираната инвазија од февруари минатата година и војната за запоседнување територии од Украина, само го зацврснаа единството на Европа и на НАТО, како никогаш до сега.

Сега границата на Алијансата кон Русија е двојно поголема, откако се приклучи Финска која со својата источна сосетка има граница долга 1300 км.

Регион преполн со руско оружје

Официјална Москва, во својот препознатлив стил , од страна на Кремљ, а и од министерството за одбрана порача дека поради влезот на Финска во НАТО, Русија ќе „одговори на соодветен начин“. Се најавува натамошно трупање  оружје во реонот на Северна Европа и во појасот кон финската граница. Но, сето ова делува како  да е наменето за домашната , руска јавност на која од советско време и се продава приказната  дека Западот и НАТО се злото од кое треба да се стравува, а земјата да се брани.

Едноставно, во тој дел од Русија и пред Финска да покаже желба за влез во Алијансата, има и премногу руско оружје, уште од времето на СССР. Пред се, во енклавата Калининград, а потоа и во руската република Карелија, која е сосема до финската граница. На полуостровот Кола од порано се врши замена на ракетниот систем С-300 со новиот систем С-400 , што е поставен и на Крим, на украинскиот југ.

Конечно, од март годинава, на островот Гогланд, Русите градат голема хеликоптерска база и радарска станица. Станува збор за остров кој има површина од 21 квадратни километри и се наоѓа во непосредна близина од Финска, Од 2014 година, по првата инвазија врз Украина, на островот се одржуваат воени вежби на руските  воздушно-десантните единици.

Десет минути до Хелсинки

Островот е на само 40 км. јужно од финското пристаниште Котка и 53 км. од брегот на Естонија , па сега прашање е кој од кого треба да се плаши, како и тоа дали Финска е закана за руската безбедност, или заканата и досега била само од Русија. Тоа го објаснува податокот дека дури 80 отсто од Финците го одобруваат влегувањето во НАТО.

Од островот Гогланд до главниот фински град Хелсинки се потребни само десет минути летање со хеликоптер. Ова е предупредување од финските безбедносни експерти кои откриваат дека од малечкиот остров Русите го изобличуваат системот GPS. Минатата година, на пример, таквото изобличување има предизвикано пореметување во воздушниот сообраќај на јужна Финска.

Во Хелсинки се признава дека досега, сепак, не е е регистрана воена закана од руска страна, но воени експерти порачуваат дека треба да се респектира географијата, а таа тера на претпазливост и будност, кога станува збор за одбраната.

Гогланд беше дел од Финска ( како и Карелија) што СССР/Русија го има грабнато и приклучено кон руската територија, во војната во 1930/1940 година.

(С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе