Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Задачата е извршена, време е за крај на војната“

„Задачата е извршена, време е за крај на војната“

Лидерот на платеничката група „Вагнер“ Евгениј Пригожин, која го носи главниот товар на војната во Украина, посебно на Истокот и сега околу борбите за Бахмут, јавно го повика Владимир Путин да се прекине со војувањето.

Во текст кој го пласира преку службата за медиуми  на „Вагнер“, а е  публикуван и на руската социјална мрежа Телеграм, Пригожин  вели Русија „ ја има остварено својата мисија“ .

Целите се исполнети

Обраќајќи му се директно на рускиот претседател , водачот на групата вели -„Владимире, нашата задача веќе завршена и затоа е време да прогласиме крај на специјалната воена операција, при што идеална опција би била да ги известиме сите за тоа“.

Според него, сега е време за крај на војувањето, па наместо тоа, Русија треба целосно да се насочи кон создавањето упоришта во окупираните делови на Источна Украина. Пригожон притоа порачува дека „за власта во Руската Федерација и за целото руско општество е важно да се заврши целата таа операција “, тврдејќи дека целите за кои е почната се веќе постигнати.

„Онеспособени се голем број војници на Украина , па можеме да објавиме дека нашата работа  е завршена„- вели водачот на „Вагнер“ редејќи ги постигнувањата  на руската страна што тој ги квалификува како успеси на „специјалната воена операција“ .

„Украинската војска е онеспособена“

Како успех тој го истакнува – „уништувањето на голем дел од активното машко население во Украина и иселувањето и бегството на другиот  дел од Украинците, избегани во Европа. Потоа, Русија успеа да го отсече Азовско море и голем дел од Црно море, а се заземени големи делови од територијата на Украина и конечно, има создаден  копнен коридор до Крим“. Она што сега треба да се направи , тоа е да се одржи територијата која е веќе руска- пишува во јавното обраќање Пригожин.

Според него, сега постои само еден проблем за кој вели дека ја има предизвикано војната. „Ако порано Украина беше дел од Русија (!?) , или од бивша Русија, сега таа е апсолутно, национално определена држава“- има речено водачот на „Вагнер“.

Европските медиуми кои го пренесуваат ова посание кое е означено дека е до Путин, посочуваат дека тоа е направено како своевидна анализа за значењето на долгите и крвави борби за освојување на Бахмут, но и како негова реакција на истекувањето на тајните од Пентагон, а во предвечерието на очекуваната контра-офанзива на украинските сили.

Слом на руската одбрана?

Пригожин е категоричен дека е против било какви преговори, инсистирајќи дека работите мора да се решат на бојното поле. Меѓутоа, кога зборува за украинската контра-офанзива тој (одново) е остро критилен кон руската војска, а посебно кон начинот на командувањето со неа.

„Украинската против-офанзива ќе ја скрши руската одбрана и тоа само поради декадентната руска елита“- тврди Евгениј Пригожин.

Ваквото тврдење на водачот на „Вагнер“ има предизвикано внимание во Киев и кај неговите сојузници, затоа што е прв пат вака да зборува некој од врвот на руските сили кои извршија агресија врз Украина. Без разлика што тоа е Пригожин кој еднаш е силен подржувач на Путин, а друг пат е посочуван како „политички противник“ кој има големи амбиции во политиката.

И овој пат, првиот „вагнеровец“ е критичен кон руското министерство за одбрана и кон- како што врли- „мрзеливата елита која не е способна да ја покори Украина“. Таа елита, според него, живее во луксуз и е заглибена  во бирократија, надевајќи се дека војната ќе заврши со преговори“.

Декадентна руска елита

Американскиот Институт за воени студии кој ја има анализирано ваквата реакција на Пригожин смета дека дефитизмот кај него, за неуспехот на Русите да одговорат на украинската контра-офанзива не е случајно. Проценки на Институтот се дека тој сега настојува да извлече полза ( за себе) во случај на пораз на руските сили.

Пригожин смета дека Украинците ќе удрат во следните неколку недели , како и дека руската војска не ќе може да ги одбрани своите позиции, посебно на неколку локации.

Во секој случај, не се знае каде украинските сили ќе нападнат, но се шпекулира дека тоа ќе се случи кај окупираниот Мелитопол , што се наоѓа на 80 км јужно од борбената линија., недалеку од Донбас.

Станува збор за важен коридор што ги поврзува анектираниот Крим со окупиранте делови од Донбас. Руската војска има ископано километри од ровови, но Пригожин нема доверба во нивната одбрана. Не верува дека тие руски единици се способни  да го издржат нападот.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе