Четврт век мир во Северна Ирска
Северна Ирска, Британија и Република Ирска го одбележуваат- секоја на свој начин- историскиот мировен договор од Велики Петок , од април 1998 година, со кој се стави крај на непријателствата меѓу протестантите и католиците и се прекинаа војувањето, тероризмот и убивањето ( најчесто на невини луѓе).
Над 30 години траеше судирањето меѓу унионистите кои бараат оваа британска покраина на ирскиот остров и понатаму да остане дел од Обединетото кралство и републиканците (националисти) кои бараа обединување на островот, во една држава-Ирска. Во таа брутална пресметка на луѓето од областа, што Ирците ( католици) ја нарекуваат Алстер, а кои ги делеше религијата , пред се, како и различната политичка и државна определеност, загинаа или беа убиени над 3500 лица, а повеќе од 30 илјади беа повредени.
„Сиви години“ на Британија
Во тие „сиви години“ од британската и северноирската историја се случија и една „Крвава недела“ во Лондондерри (1972) кога британските војници ладнокрвно убија десетина млади и невооружени демонстранти, како и студеното одбивање на владата во Лондон да се спасат животите на локалните националисти Боби Сендс и деветмина негови другари кои штрајкуваа со глад, во затворот Мејз во Белфаст, се до својата смрт.
Но, во тие години беше убиен во атентат и еден висок функционер на владата на Маргарет Тачер , задолжен за Северна Ирска, а беше извршен и терористички напад во Брајтон (1984), за време на конференцијата на Конзервативната партија, во хотелот во кој престојуваше британскиот премиер Тачер.
Во годините на омраза, меѓусебно убивање и тероризам, што започна 1968 година, сепак, се правени напори да се стави ред во Северна Ирска. Но, и да се изнајде трајно решение за ситуацијата во која северноирските католици се третираа како граѓани од втора категорија. Практично, тоа во основа и лежи во тридецениското непријателство . кое силите на паравоената ИРА (Ирска републиканска армија) од 1974 година го префрлија на британско тло. Извршувајќи атентат и на блискиот роднина на британската кралица Елизабета , лордот Маунтбатен, поранешен вице-крал на Индија.
Пресврт со Тони Блер
Се смета дека пресврт е направен со смрта на Сендс и другарите, кога Европа и светот за прв паат сочувствуваа со гневот и незадоволството на северноирските католици републиканци.
Уште Тачер, во 1985 година постигна англо-ирски договор за покраината, со што за прв пат, му се призна правото на Даблин да влијае врз прашањето околу Северна Ирска. Во меѓувреме, разговорите, зад сцена, во време на премиерот Џон Мејџор, доведоа до тоа во 1994 година, ИРА да прогласи примирје и прекин на огнот.
Вистински пресврт кој доведе до договорот од Велики Петок, меѓутоа, настана со влегувањето на Тони Блер во Даунинг стрит 10.
Како премиер тој е првиот кој одлучи негова примарна задача да биде воспоставувањето траен мир во Северна Ирска- како што има речено- со правење големи компромиси , без разлика на политичката цена што требаше да се плати.
А, тоа беа преговори со Шин Феин, политичко крило на ИРА и со нејзиниот лидер Џери Адамс кој тогаш од „непријател“- за прв пат- влезе во Даунинг стрит 10 за разговори со Блер. Тогаш ИРА прогласи траен прекин на огнот, а во преговарачкиот процес се вклучија и ирскиот премиер Берти Ахерн и САД, со директен ангажман на тогашниот претседател Бил Клинтон.
Победа на компрмисот
Во тие преговори, победија разумот и желбата за мир на островот. Победи спремноста за компромис и во Лондон и во Даблин, а и меѓу двете северноирски партии – на протестантите и на католиците- кои обезбедија на Велики Петок, во Стормонт во Белфаст, каде е седиштето на Собранието на Северна Ирска, да се потпише мировниот договор.
Британците, според одредбите на договорот, ги повлекоа сите свои војници од територијата на покраината, го затворија злогласниот затвор Мејз, а ги ослободија и сите затвореници, дури и Патрик Мекги, терористот кој во Брајтон се обиде да ја убие Маргарет Тачер.
Владата во Даблин, од своја страна, го смени ирскиот Устав , како и кривичниот закон според кој не се казнуваа припаднците на ИРА, на територијата на Република Ирска.
„Смртните непријатели“- презвитеријанскиот свештеник- политичар Ијан Пејсли, лидер на унионистичката партија ДУП и Џери Адамс и Мартин Мекгинис, поранешен командант на ИРА, формираа заедничка влада во Белфаст.
Шин Феин влегува во влада
Пејсли кој се колнеше дека „никогаш нема да седне на иста маса со републиканците“ , а уште помалку да дели власт со нив, стана прв министер на владата на Северна Ирска, а негов заменик беше Мекгинис од Шин Феин.
Оваа партија , за прв пат, влезе во британскиот Парламент во Лондон, со свои пратеници, стана водечка сила меѓу католиците во покраината, но и дел од Парламентот на Република Ирска.
Истата таа 1998 година, само четири месеци подоцна, една нова ИРА предизвика крвав терористички напад во градот Ома во Северна Ирска, со автомобил -бомба, во кој беа убиени 29 лица.
Целта беше да се запре процесот на помирување , што го воспостави договорот од Велики Петок, барајќи обединување на покраината и државата Ирска, но нападот постигна обратен ефект од оној на т.н. „Вистинска“ ИРА. Само уште повеќе го зацврсна уверувањето за потребата да се истрае на она што беше договорено.
Една друга Северна Ирска
Четврт век подоцна , договорот не ги разреши сите историски недоразбирања, не го ниту искорени инаетот и на двете страни. Младите Северноирци (католици) и натаму сметаат дека не се целосно изедначени со своите врсници (протестанти) .
Конечно, во Белфаст и натаму стојат подигнати ѕидовите кои ги делат двете верски заедници (католичкиот Запад и протестантскиот Исток) од градот, иако требаше да се урнат.
Но, после 25 години Северна Ирска е сосема различна од онаа во„сивите години“ и од времето пред историскиот договор. И покрај се уште присутната недоверба, општо е расположението да се гради соживот- она што пред четврт век изгледаше невозможно.
Сега покраината се соочува со друга ситуација- со политичка криза што ја има создадено Брегзит. Избразаната и штетна одлука на Британија да се напушти ЕУ , се уште стои „заглавена“ во Северна Ирска.
Проблеми со Брегзит
Токму членството на Британја и Ирска во ЕУ, можеби најмногу помогна за постигнувањето на договорот во 1998 година. Се отвори границата меѓу Северот и Југот на островот, без испукан куршум и без насилството на ИРА и на УДА (иста таква милитантна организација на протестантите-унионисти).
Затоа, граѓаните во оваа покраина во големо мнозинство, гласаа на референдимот во 2016 година за останување на Британија во ЕУ. Ги поразија евроскептичните Англичани и евроскептиците на британска почва кои беа во мнозинство и создадоа проблем- за целата држава и посебно за покраината, што сега се означува како северноирски протокол.
Трите досегашни верзии на протоколот- за тоа како да се уреди слободната трговија за Ирска, преку Северна Ирска – не им се допаѓаат на унионистите од ДУП. Гледале во нов „закана“ за унионизмот, со ставање на покраината во посебен режим- при увозот и извозот од ЕУ за Република Ирска, која остана во Унијата.
(Д.Л.)