Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Синот на Дмитри Песков со платениците на „Вагнер“

Синот на Дмитри Песков со платениците на „Вагнер“

Синот на портпаролот на  рускиот претседател и на Кремљ, Дмитри Песков, еден од најлојалните и најдоверливите сојузници на Владимир Путин, призна дека шест месеци бил и војувал со платениците на паравоената група „Вагнер“.

Во изјава за весникот „Комсомолскаја правда“ – прокремљовско гласило што силно ја подржува агресијата врз Украина- синот  Николај Песков (33) рекол дека заминувањето на фронтот во окупираните делови на украинскиот Исток, како „вагнеровец“, ги смета за своја должност. „Не можев да седам дома и да гледам како моите пријатели и другите заминуваат (на фронтот) во Украина.

Неговата изјава доаѓа откако основачот на „Вагнер„ и негов семоќен газда Евениј Пригожин објави дека покрај неговите платеници се борел и синот на Песков.

Злосторничките сили на Кремљ

Приватната и по зло позната војска „Вагнер“ е обвинета за извршени воени злосторства и за тероризирање на луѓе, како и за брутални ликвидации дури и на сопствените припадници, доколку се обидат да побегнат, или откријат детали за платеничката војска. Меѓу платениците од странство- собрани од Сирија до Балканот- има и на илјадници затвореници , главно осудени руски убијци и криминалци, кои на тој начин добиваат можност да си ја купат слободата, доколку преживеат.

Ваквата определба на Пригожин, секако направена со знаењње на Кремљ, дојде по тешките загуби  во  неговата војска која, како што се покажа, ги има преземено на себе најтешките операции во борбата со Украинците.

Затоа, вистинска реткост, е членови на руската политичка и бизнис елита да се определат да станат пропадници на „Вагнер“ и да се борат во неговите редови.

Наместо на фронтот, дури и како привилегувани војници на регуларните руски воени сили, воено способните од овие делови на руското општество, заминаа порано, или побегнаа во странство, за да не бидат насила регрутирани и испратени во војна.

Борец со лажен идентитет

Николај Песков кој е познат и по името Николај Чолес зборува англиски јазик, затоа што неколку години имаа живеено во Лондон. Подоцна има работено како дописник на државната телевизија РТ („Раша Тудеј“) која заедно со агенцијата „Спутник“ и со главните телевизии во Русија, се водечките пропагандисти на инвазијата против Украина и носители на руската воено-хушкачка пропаганда.

Во интервјуто за „Комсомолскаја правда“ тој признава дека токму таткото Дмитри Песков му помогнал да им се приклучи на „Вагнер“ и неговите сили, откако синот барал начин како да дојде до оваа паравоена руска војска, но не знаел како тоа да го направи!

Тој признава дека користел лажна лична карта, за да неговите „вагнеровци“ не откријат колку е близок со Кремљ. Не го открива лажното име , затоа што има речено дека тоа може одново да му затреба за враќање во „Вагнер“,  или за некоја друга операција.

Европските медиуми, како и Би-Би-Си кои опширно пишуваат за припадникот на „Вагнер“- син на портпаролот на Кремљ- сепак,  не  знаат дали Николај Песков бил на фронтотовската линија и учествувал во некоја од борбите на паравојската.

Порпаролот интервенирал кај Пригожин

Британскиот медиум пишува и тоа  дека не може да провери дали тоа што го зборува синот Песков е вистина- односно дали тој воопшто бил во „Вагнер“ и војувал, како што се фали во „Комсомолскаја правда„. Особено што не открива каде бил на украинскиот фронт.

За таквите работи, меѓутоа, зборува Пригожин кој открива дека младиот Песков прво три недели поминал на воена обука во центриуте на „Вагнер„  а потоа бил испратен на фронтот во Луганск. Дури и тоа дека толку бил храбар, што добил и медал за храброст.

Пригожин, притоа, потврдува дека бил замолен од портпаролот на Путин да го земе кај себе неговиот син- како обичен војник.

Има мислење дека целата оваа приказна и совршената ускладеност на изјавите на војникот Песков и на газдата Пригожин наликува на пропагандна местенка за потикнување на нови регрути- платеници од дома и од странство за „Вагнер“, како и за регрутацијата за регуларната руска војска која сега треба да го „задржи освоеното“ и  да ја брани окупацијата на Донбас, Крим Запорожје и Хершон.

„Јас сум господин Песков“

Сега се потсетува на една наместена шега на Ју-Тјуб со истиот овој храбар „вагнеровец“ Николај Песков, која во живо, во септември беше покрената од еден од соработниците на организацијата на  уапсениот опозиционер и остар путинов критичар, Алексеј Навални.

Тогаш , соработникот на Навални, се има претставено како раководител на воениот регрутен центар  во Москва и го известил синот Песков дека е воен обврзник, па дека затоа  треба да се јави на регрутација. Во снименот разговор, што беше потоа ставен на интернет, младиот Песков не сокрива дека – не сака да оди на фронт и да војува.

На директното прашање- зашто се нема јавено за регрутација- Николај Песков налутено има одговорено- „Јас сум господин Песков, па морам да знам што се случува ( на фронтот) и какви се моите права“.

Се верува дека сегашнава приказна за „големата храброст“ на размазениот функционерски син меѓудругото претставува обид  да се испере образот на синот, но и на таткото Дмитри Песков.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе