Соборил авион за кликови на Јутјуб
Американецот Тревор Џејкоб , инаку голем вљубеник во Јутјуб , намерно соборил мал, спортски авион -само за да обезбеди повеќе кликови и прегледи на неговата омилена социјална мрежа. Сега, меѓутоа, откако е откриено што има направено, се соочува со затворска казна, која потенцијално би можела да изнесува и 20 години.
Федералното обвинителсто на САД соопшти дека јубтјуберот Џејкоб е обвинет за уништување и за прикривање докази , како и за попречување на федерална истрага , што во Америка е сериозен кривичен престап. Утврдено е дека целосно го има расчистено местото каде се урнал авионот, а на полицијата и на властите лажно им рекол дека имало авионска несреќа.
Над три милиони прегледувања
Обвинетиот веќе ја признал вината, а на истражните органи им открил дека снименото видео за падот на авионот било дел од договор за спонзорство.
Џејкоб кој има 29 години е пилот и падобранец кој има искуство и во летањето со мали, спортски авиони и во падобранството, па затоа и не му било тешко да го изведе целиот овој потфат, што се покажа дека е криминален.
Во декември 2021 година, на Јутјуб има објавено снимка од падот на авионот со кој пилотирал, тврдејќи дека имал несреќа при обидот да направи еден маневар со леталото. Тоа подоцна им го повторил и на полицијата кога почнала да го истражува случајот. Во тоа меѓувреме, на Јутјуб имал над три милиони прегледи на снимката што ја поставил.
Станувало збор за снимен материјал што го направил во текот на ноември таа година, откако со изнајмен спортски авион полетал од еден мал аеродром во близината на Санта Барбара во Калифорнија, во соло лет над пошироката област на тој дел од Америка.
Лет без слетување
Но летот не бил обичен, затоа што на трупот од авионот поставил камера, а со себе зел и еден селфи-стап за да се снима додека пилотира, како и падобран.
Истрагата има откриено дека Џејкоб немал намера било каде да стигне, или да атерира, туку да се катапултира, скокајќи со падобранот што го ставил на себе, а да го остави авионот – во слободен лет- да се урне на земјата, а сето тоа да го прикаже како – несреќа.
Така и направил. Авионот се урнал после 35 минути летање, во една шумовита област, а тој безбедно се спуштил со падобранот, отако сето тоа било снимано. Подоцна дошол на местото каде паднало леталото, ги запалил неговите остатоци и внимателно го расчистил теренот.
Подоцна се јавил на аеродромските власти, од каде полетал- дека имал несреќа, но дека тој не е повреден.
Сомнежот на Јутјуберите
Приказната на Тревор Џејкоб делува за неверување, најмногу затоа што не сакал со тоа ниту да извлекува наплата за осигурителна отштета, ниту било кому да напакости, освен што сакал да постигне рекорд на Јутјуб по кликови.
Постигнатата бројка на кликови не е мала, но на Јутјуб има видеа со далеку поголем број кликови за многу помалку опасни снимки, за кои нема ниту кривично гонење. Уште повеќе што токму „запалените“ следбеници на Јутјуб први реагирале со предупредување, откако почнале да се сомневаат дека целата работа „им изгледа наместена“.
Некој за снимката ја има известено американската Национална служба за безбедност во воздушниот сообраќај, а таа покренала истрага , барајќи помош и од полицијата. Џејкоб сега чека да дознае колку години ќе остане во затвор.