Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Претседатели како цареви, деспоти и султани

Претседатели како цареви, деспоти и султани

Реџеп Таип Ердоган кој се бори и (најверојатно) ќе се избори за својот трет претседателски мандат на изборите во Турција, засега е еден од тројцата политичари во Европа кои , заобиколувајќи ги уставните одредби во своите земји, останале без прекин на власт повеќе од три децении. Владеејќи како некогашните цареви и императори,  владеејќи деспотски и силно автократски, или кога станува збор за Ердоган- како некогашните отомански султани.

Како сега стојат работите, тој и неговата происламистичка парија на Правдата и развојот (АКП) ќе победат во вториот изборен  круг на 28 мај,  со што овој турски политичар ќе ја зацементира својата апсолутна власт, на неприкосновен лидер на Турција.

Национализам, популизам, непотизам

АПК е формирана во 2002 година , како реформистичка партија во тогашната турска политика , па една година подоцна во март 2003 Ердоган ( поранешен градоначалник на Истанбул) стана премиер. И, на таа функција остана непрекинато се до август 2014 година, силно покренувајќи го национализмот, популизмот и исламизацијата на турското општество, одалечувајќи го од она што го имаше направено, многу години пред него,  Ататурк- „таткото“ на современа и секуларна Турвија.

Кога некој е на власт две децении, Ердоган уште  како премиер дозволи да се одомаќи корупцијата, која во земјата и не се третира како преголемо зло, го воведе непотизмот како систем на владеење.

Во  тој систем,  неговото најблиско семејство ги имаше и функциите во државата и моќта во економијата и во големиот бизнис,  затскриени зад несомнениот развој на земјата, создавајќи притоа,   „нова класа“ на „партијци-акповци“ која треба да му  овозможи легализација на  владеењето до крајот на животот.

Носен од таа новосоздадена силе, во 2014 година  одлучи да воведе претседателски систем.

Диктаторот од Минск

Наместо дотогашниот ( практично) церемонијален претседател, Ердоган го смени Уставот, за да за себе  обезбеди и извршна (премиерска) власт – уште поставена во услови на силен личен авторитет и  моќен и нему лојален  апарат за владеење , во кои , според неговите критичари, има газење на демократијата и на човековите права.

Вториот мандат како претседател во новите услови, го почна во 2018 година, а третиот со петогодишен мандат треба да го обезбеди на сегашните претседателски избори на кои е фаворит, откако како негов сојузник и подржувач се јави третопласираната партија, по првиот изборен круг- која е националистичка и десничарска- најблиска до ердогановата досегашна политика.

Засега, со најдолг државнички стаж во Европа, сепак,  е Александар Лукашенко, кого го означуваат и како европскиот диктатор, кој на функцијата претседател на Белорусија , без прекин, е 29 години, уште од летото во 1994 година.

Забранета „шарена револуција“

На таа функција тогаш, се има сместена со победа во вториот изборен круг, но од таа година, се има претворено во “вечен “ претседател кој победи на сите избори по тоа- пет пати едно по друго- секогаш во првиот круг гласање. Во крајно сомнителен изборен процес, во услови на недемократски и нефер избори.

Тоа најдобро се виде на последните претседателски избори кога  беше извршен груб фалсификат, ја растури и онака слабата опозиција и ги поапси сите политички противници , или ги натера самите да побегнат од земјата за да не бидат затворени.

Бунтот кој спонтано го покрена белоруската  демократска  јавност, брутално го задуши со помош на Москва која ја искористи приликата  за да порача дека  -на „рускиот простор“ нема да се дозволи покренување „шарени револуции“.

Но, за да може да остане вечно претседател, Лукашенко уште во 2004 година, си организираше референдум и онака, во негов стил, успеа да обезбеди дури 80 отсто од гласачите , да прифатат очигледно газење на демократијата- укинувајќи го уставното начело за само два претседателски мандати.

Новиот „руски цар“

Неговите критичари и политичките противници, сметаат дека тој ќе владее деспотски со земјата- се додека е жив и здрав. И како што некои предвидуваат- додека не порасне еден од неговите синови- за да го наследи, односно се додека во Кремељ владее Владимир Путин.

Рускиот претседател веќе ги нарекуваат како новиот „руски цар“ , бидејќи по непрекинатото владеење ги има надминато сите владетели на Русија, вклучувајќи го и советскиот диктатор  Јосиф Сталин.

Таа „титула“ му ја имаат прикачено руската опозиција и сите домашни критишчари на неговиот режим, особено  откако нареди инвазија врз Украина, како дел од планот за создавање  некаква нова „руска империја“ што тој  ја означува како – „руски простор“ и „руски свет“.

Со Русија, Путин владее- како премиер и како претседател-од крајот на 1999 година.

Тогаш, на изнендување на руската и европската политичка јавност, тогашниот шеф на државата Борис Елцин го именува, овој поранешен оперативец на КГБ, едно време на работа во Дрезден во Источна Германија, за премиер. Откако претходно, во политиката влезе преку работата во градскиот Совет на Сенкт Петербург и како помошник на шефот на кабинетит на Елцин, функција која му ја има дадено Чубаис кој тогаш беше во Кремљ.

Претседателот стана премиер

Во следната 2000 година, Путин стана претседател на Русија, обилно помаган од кругот околу Елцин и некогашниоѕт медиумски магнат Борис Березовски, кого многу брзо го прогласи за свој непријател, го обвини за финански проневери и го натера да побегне во Лондон. Во бегалство, како сега силен дисидент и противник на Путин, олигархот Березовски беше најден мртов, под неразјаснати околности, во својата куќа во Сари, во околината на Лондон.

Путин лесно, без некој силен противкандидат, беше реизбран во 2004 година. По четири години тој прифати да биде (одново) премиер, додека за шеф на државата го одбра Дмитри Медведев- за да му го чува местото во еден претседателски мандат- верувајќи во него дека нема трајно да го истурка од власта и политичката моќ,  како што тој го имаше тоа  направено.

Медведев остана лојален кон шефот и тоа е и денес, кога повремено се огласува со закани кон Западот, зборувајќи го она што не мора да го зборува самиот Путин- за да „новиот цар“ не изгледа дека е најстрашниот во Кремљ.

Доживотно во Кремљ

И како премиер и како претседател, тој беше неприкосновениот лидер на Русија. Во 2012 година одново беше претседател , сега веќе со шестгодишен мандат. Сегашниот, втор од тогаш мандат, почна во 2018 година и  би требало да заврши следната година.

Но, тоа нема да се случи, посебно не сега, во воено време, а за тоа Путин, како и Лукашенко, самиот се погрижи. Прво, иницирајќи промена на Уставот на Русија, за укинување на ограничувањето на претседателскиот мандат, а потоа  обезбедувајќи и закон во Думата (Парламентот) за да може – уште на два пати да биде претседател на државата- се до 2036 година.

Други вакви примери на запоседнување на власта и за деспотизам, нема во Европа, кога станува збор за функцијата претседател на држава. Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, за малку не ги надминеше овие тројца деспоти во услови на фингирана демократија- требаше само уште еднаш да победи на априлските избори.

Ѓукановиќ за премиер на Црна Гора прв пат беше избран на 15 февруари 1991 година, кога имаше само 29 години. Беше најмладиот премиер во Европа. После тоа уште шест пати беше претседател на црногорската влада, а на два пати и претседател на државата.

(С.С.Г.)

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе