Британија: Кампања за одвраќање мигранти од Албанија
Владата во Лондон и британскиот Хоум Офис покренаа масовна кампања за одвраќање на државјаните на Албанија за да емигрираат во Велика Британија. Станува збор за акција на имигрантските власти каква, според лондонските медиуми, немало досега.
Властите се определија да покрената една ваква мерка , откако во минатата година граѓаните од оваа западнобалканска држава, кандидат за влез во ЕУ, беа далеку најбројни во илегалното минување на каналот Ламанш , а оваа година се пред сите другите, во аплицирањето за добивање азил во Британија.
Направена е рекламна порака, на албански јазик, која е ставена на Фејсбук и Инстаграм , што во основа е предупредување до Албанците да не тргнуваат на пат, без виза и потребни документи , а уште помалку како илегалци, бидејќи ќе бидат вратени назад.
Рекорден број мигранти
„Не тргнувајте на ваков пат кон Британија, бидејќи ќе бидете уапсени, сместени во привремени центри и во најкраток рок протерани од Британија“ – се вели во основната порака од оваа кампања која има за цел да го спречи напливот на албански мигранти.
Посебно , за да се запре навлегувањето на илегалците кои со мали бротчиња, или со гумени чамци од францускиот брег , се префрлаат во Британија, на англискиот јужен брег.
Минатата година, на пример, официјално во Британија влегле околу 450 илјади имигранти, а според статистички анализи таа бројка се искачува дури до 660 илјади лица, што во секој случај е многу повеќе отколку во времето додека Британија беше членка на Европската унија. А, токму мигрантите, пред се, од Истокот на Европа и од Блиски Исток и Африка- беа повод за покренување на антиевропеизмот во Британија, што кулминираше со Брегзит.
Меѓутоа, седум години по референдумот за излегување од ЕУ и три по формалното напуштање на Унијата, големо мнозинство Британци го имаат променето своето мислење. И одново поради миграцијата.
„Не трошете пари залудно“
Сега признаваат дека кампањата за Брегзит била исполнета со дезинформации и со лажни вести. Признаваат дека имало силна политичка, проториевска кампања, во која доминирала антиевропската реторика, па напуштањето на ЕУ, затоа, го оценуваат како – „целосно фијаско“.
Како и да е, Британија во текот на минатата година беше преплавена со албански мигранти кои разни шверцерски албански банди, стационирани на британска територија, ги префрлаа луѓето од Албанија на британските острови.
Според признание на оние кои се одлучиле на тој рискантен пат, а биле фатени и депортирани назад во земјата, за патувањето до Кале, или Данкерк на францускиот брег и за илегалното префрлање преку каналот, морале да платат најмалку по четири илјади евра.
Во започнатата антимигрантска кампања во Британија, затоа, на луѓето кои размислуваат за еден ваков чекор, сега им се порачува – „Не ги трошете парите залудно и не доаѓајте, доколку сакате илегално да влезете во Британија. Веднаш ќе бидете уапсени и депортирани во Албанија“.
По 1200 фунти за депортација
Ваквиот чекор се оправдува со настојувањто на владата на премиерот Риши Сунак да ја запре миграцијата и да ги спречи колку што е тоа можно , гумените чамци кои префрлаат илегални мигранти преку Ламанш. За тоа Лондон бара помош и соработка од Франција, како во годините кога двете земји беа во ЕУ.
Но, покренатата кампања која некои во Британија ја означуваат и како очајничка мерка, има за цел и да ја врати довербата на јавноста во Брегзит и во тоа дека таа политика не е промашена.
Кампањата е покрената во време кога британските власти потврдија дека им даваат по 1500 фунти (оклу 1800 евра) на сите кои ги депортаираат – а тоа освен илегалците и оние кои биле одбиени за азил , така и затвореници- Албанци кои издржуваат затворска казна во Британија.
Целата оваа операција се изведува со знаење и разбирање на владата во Тирана. Албанската страна, на почетокот, реаграше грубо на обвинувањата од Лондон за масовниот егзодус на албанските државјани кон британската територија , барајќи од Тирана да го запре напливот. Користејќи повремено и груба реторика околу бројките за тоа дека албанските мигранти станаа далеку најбројни в0 2022 година- пред Авганистанците, Сиријците или Курдите и дека тоа Британија- ако треба- и насила ќе го запре.
Тирана соработува со Лондон
Но, после посетата на премиерот Еди Рама на Даунинг стрит 10 и разговороите со Сунак, Албанија прифати и да соработува во борбата против шверцерските банди и да влијае врз запирање на мигрантскиот бран.
На албанската страна не и одговара во овој момент да биде прикажана во црно светло, посебно кога станува збор за организираниот криминал, па нека е тоа и за шверцот на луѓе, сега кога ги има отворено преговорите за влез во ЕУ.
Проблемите со албанските мигранти, сепак, не се надминати. Податоците на британскиот Хоум офис за оваа година покажуваат пад на преминувањето со гумени чамсци преку Ламанш, меѓутоа, Албанците во првите три месеци оваа година, се најбројни во барањата за добивање азил во Британија.
Над 13 800 апликации се од државјани на Албанија, а властите тврдат дека наголемиот број од барањата се засниваат врз лажна основа.
(Д.Л.)