Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

„Стоп на насилството“ без политички амбиции

„Стоп на насилството“ без политички амбиции

Пет пати досега граѓаните на Белград излегуваат на масовни протести, спроведени  под паролата „Стоп на насилството„.

Последен пат тоа се случи во изминатиот викенд – на денот кога се наврши еден месец од злосторството во белградското основно училиште и од истиот таков злосторнички  напад,  во реонот на Младеновац, во околината на српскиот главен град. Дури 18 лица, повеќето ученици-деца, беа жртви на насилствата извршени  за само 24 часови.

Тоа, прво предизвика шок во домашната јавност, а потоа и силен гнев за тоа што се случува во државата и во српското општество кое како се уште да  не може да излезе од траумите на војните и воените судирања во деведесетите години на 20 век. Но и од режимот на Слободан Милошевиќ – од раширената и распалена  омраза, од национализмот и лажниот патриотизам , од атмосферата на застрашување  и јавна дисквалификација – од секаквото насилство за кое се вели дека станало дел од секојдневието.

Барање – „нормална европска држава“

Организаторите на досегашните протести во изминатите пет недели, затоа, инсистираат дека – иако станува збор за најголеми демонстрации после оние од пред 23 години, кога се уруваше милошиќевиот режим- овие протести сега, немаат политички  амбиции.

Еден од организаторите, за белградската Н-телевизија има речено дека протестите „ не се ниту српски Мајдан“ ( мислејќи на случувањата на киевскиот плоштад при соборувањето на проруската власт во Украина), а не се ниту „шарена револуција“ како што тоа се етикетира во српските провладини медиуми.

Организаторите на белградските протести дури не зборуваат ниту за „српска (политичка) пролет“, настојувајќи да ја тргнат политиката од масовните поворки на луѓето низ улиците на Белград. Наместо тоа, повеќе сакаат да се зборува  дека тие бараат –  „една нормална Србија“.

Против таблоидите и  ТВ Пинк и Хепи

За почеток до претседателот Александар Вучиќ имаат доставено листа од барања, како услов за запирање на протестите.

Прво,  смена на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, порано шеф на српската тајна служба (БИА) , затоа што сметаат дека полицијата е виновна за она што се случи, за бавната реакција, за врските со организираниот криминал  и за толерирање на криминализацијата на српското општество, а потоа сменување и на сегашниот шеф на БИА Александар Вулин кој долго време, поред тоа, беше министер на полицијата.

Но, се бара и разрешување на членовите на регулаторната комисија , за која се тврди дека издава лиценци за работа на српскиот бродкастерки простор само на медиуми блиски до власта и на тајкуни кои се силно поврзании со актуелното државно раководство во Србија.

Затоа се бара и укинување на т.н. реалити програми кои се означуваат како срамни за оштеството и штетни за јавноста, бидејќи промовираат секакво насилство, како и одземање на дозволите за национална фреквенција за телевизиите Пинк и Хепи , укинување на таблоидите ( пред се, на Информер- близок на БИА и Ало,Ало)  затоа што потикнуваат насилство, шират дезинформации и се користат за јавна дисквалификација на неистомисленици на власта, како и смена на раководството на државната РТС ( Радио телевизија Србија).

Вучиќ стравува од атентат

Единственото барање што досега е исполнето тоа е оставката на министерот за просвета –  по изјавата дека за масакрот во основото училиште е виновно и робувањето на „западните вредности“.

Претседателот на државата повеќепати повтори дека реалити програмите на Пинк телевизија се укинати, а тие , сепак, одат и понатаму на програмата, но и тоа дека „не го дава министерот Гашиќ. Односно дека- „никогаш нема да го смени од функцијата“.

Во меѓувреме, според провладините медиуми, во разговор со своите најблиски соработници, Вучиќ рекол дека „никогаши и под никаков притисок нема да прифати да биде уценуван„ и дека „нема да ја предаде власта на најлошите- без избори“. Иа истата таа средба, се тврди дека претседателот зборувал и за тоа дека може да биде убиен.

„Ако ме убијат, мојот брат Андреј ќе остане зад мене.Ако ми го убијат братот, ќе остане синот Данило, а ако ми го убијат и него, ќе остане ќерката Милица. Ако, пак, ми ја убијат и ќерката, останува синот Вукан ( од вториот негов брак)“- рекол Вучиќ , додавајќи дека и „гробовите на нашите ќе се борат против усташите“ !?

„Не ви ја давам Србија“

На сето ова, доколку е навистина точно реченето, од опозицискиот медиумски табор велат дека „претседателот станува параноичен “ , па се почесто и се повеќе зборува за за тоа дека (наводно) некој ќе го убие, што би требало да предизвика сожалување во јавноста  .

Но и тоа дека се погласно се става себе си како единствениот кој може да ја одбрани и да ја заштити Србија од оние- за кои тој тврди дека и мислат лошо на земјата- а тоа се оние кои се на улиците и кои бараат Србија да стане нормална, демократска, европска држава. Така се врзува и неговата изјава во едно ТВ интервју во кое има речено- „Не ви ја давам Србија , па дури и да ме убиете“.

Меѓутоа, врзувањето на усташите ( на Хрватска) со сегашната длабока политичка и општествена криза во Србија и со мирните протести на граѓаните , предизвика реакција во Загреб.  Премиерот Андреј Пленковиќ изјави дека никој и со ништо од хрватската страна не се меша во српските состојби, а уште помалку во смена на власта. Според него, во Загреб повеќе би сакале мирна и стабилна соседна Србија.

Реакција од Загреб

Загрепските медиуми, пак, се поостри во анализите и тврдат дека српскиот претседател е опседанат со усташтвото, (од времето на Втората светска војна), оценувајќи дека сега тоа му е потребно за  да ги дисквалификува своите политички противници и критичари. Излегува дека секој кој во Белград ќе излезе на протест е „непријател“, а секој кој ќе му се спротивстави на претседателот е -„усташ“.

Владините медиуми во Белград, од своја страна, тврдат дека масовните протести се „прозападни“ , што би требало ( како во времето на Милошевиќ) да значи дека луѓето на улиците се „прозападни непријатели“ , дека се анти-Срби и странски шпиони и предавници, кои не може да ги запре ниту „страдањето на Србите“ на северот од Косово.

Милорад Додик од својата Бања Лука уверува дека зад протестите во Белград (наводно)  стои британската тајна служба. Таквите како него, не сметаат дека проблемот е во општата клима која десет години е присутна во државата – атмосферата на страв, насилството, убиствата , опскурната реалност, криминализцијата на српското општество.

Според  независните медиуми, тука е и гневот на обичните луѓе кои се спремаат  за уште еден викенд протест. Гневни затоа што нивниот претседател ,меѓудругото,  ги означува и како – „олош, хиени и лешинари“.

(С.Г.)

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе